„Скржави“ информации, молба за трпение и тврдење дека податоците на граѓаните се безбедни – ова е генералниот сублимат од денешната средба на директорката на Фондот за здравствено осигурување, Магдалена Филиповска Грашкоска со новинарите.
Ова е нејзино прво појавување во јавноста откако беше хакиран системот на Фондот, а од институцијата со медиумите комуницираа исклучиво преку пишани соопштенија. Дали и кој ќе понесе одговорност за „падот“ на системот, дали нападот е од овде или од надвор, колку пари биле побарани за да се врати системот во нормала и дали Фондот ја платил побараната сума се само дел од денешните прашања на кои директорката немаше одговор.
Таа потенцираше дека откако пријавиле во МВР, ОЈО отворило истрага од која засега не се откриваат детали. Филиповска Грашкоска информираше дека во ИТ секторот имаат шестмина вработени и сите тие деноноќно работеле на решавање на проблемот, но освен нив институцијата ангажирала и меѓународни експерти. Колку таквиот ангажман го чинел Фондот, директорката денеска не откри и рече дека не може да дава детали додека трае истрагата замолувајќи за трпение.
Според неа, податоците на граѓаните не се злоупотребени бидејќи како што нагласи, тие се чуваат во маскирана форма и не се видливи со голо око.
„Најважната работа која треба да се спомене тука е дека според сите анализи на ИТ експертите, нема одлевање на податоците на граѓаните. Граѓаните да се спокојни, податоците не беа украдени, тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во Фондот. Во моментов тече истрагата за сите детали, и кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации. Но, сакам да повторам, здравствените и личните податоци се безбедни и граѓаните непречено може да си ги остваруваат сите свои права. Исто така, системите на Фондот се вратени речиси во нормала и исплатени се и платите на здравствените работници, но и породилното, боледувањата и разните рефундации“, додаде Филиповска Грашкоска потенцирајќи се работи за напад на виртуелните системи.
Вработените во институцијата го забележале проблемот на 06-ти февруари и веднаш почнале со дијагностика од ИТ експертите, но и со мобилизација на сите за да се изготват и преодни решенија.
„Експертите констатираа дека е сајбер напад во прашање, а вториот момент беше тоа што сфативме дека решавањето на овој проблем ќе потрае. Најважно беше граѓаните да не претрпат штета“, истакна Филиповска Грашкоска.
Директорот на секторот за финансиски прашања, Миле Сугарев рече дека изготвиле упатства за тоа како да се користат здравствните услуги, а да не бидат оштетени граѓаните.
„Сите услуги кои ги покрива Фондот беа достапни за сите граѓани, немаше никаков застој. Нашиот систем е составен од 15 потсистеми и од пред два дена тие се враќаат“, изјави Сугарев.
Директорката пак, додаде дека ваквите напади се интензивираат после војната во Украина и ние како држава не сме исклучени од тоа.
„Трети страни целат да направат хаос во државниот систем и предизвикуваат паника и немир кај граѓаните. Сајбер нападите се случуваат и ќе се случуваат. Хибридното војување не е ново, буквално сите земји во светот се соочуваат со сајбер напади, и затоа овој период сме посветени на јакнење на нашата отпорност, работејќи и со други земји и стратешки партнери“, порача Филиповска Грашкоска.
В. Ми