Нема крај во „битката“ за оневозможување на кадровската политика на ВМРО ДПМНЕ по општините. Таму каде што се може, централната власт на СДСМ максимално го отежнува поставувањето на директорите, пред се’ по училиштата по општините раководени од ВМРО-вски градоначалници, кои пак ги користат сите законски празнини за да ги задржат своите кадри на овие места. Таков е впечатокот што останува кога ќе се анализираат состојбите во Кочани, Виница или Штип.
Поништени се испитите за директори во училиштата, на кои актуелните в.д. директори потрошија по неколку месеци. Од веќе поставените в.д. директори од градоначалниците, речиси ниту еден од овие три општини нема директорски сертификат, кој според законот е услов за да раководат училиште.
Таков е случајот и со Кочани, од каде ни стигна и ваква порака: „Проверете го незаконието во кочанските училишта и по колку в.д. мандати имаат актуелните директори“.
Општина Кочани: Се’ е според законот
Во училиштата во Кочани на конкурс се избрани двајца директори – по еден во едно основно и едно средно училиште. Во сите останати се в.д. директори. Иако го трошат својот втор мандат што не е дозволено со законот, тие не се незаконски на овие позиции.
Општината во случајов, навистина втор пат поставила в.д. директор во одредени училишта, но него крши законот со тоа што помеѓу двата мандати на времено поставениот директор, во само неколку дена поставува друго лице. Со тоа, актуелните в.д., не се два мандати едно по друго, што би било кршење на законот.
Во одговорот на прашањето од Општина Кочани потврдуваат дека е точно дека во средните училишта има в.д директори со втор мандат.
-Со втор мандат раководат директорите во средните училишта, согласно Закон. Нема реакции од надлежните министерства, бидејќи в.д. директорите се назначени согласно Закон, одговорија од Општината.
Одземена надлежност во виничката гиманзија
Во виничката гимназија МОН ја одзеде надлежноста на Општината да назначи директор
Индикативен е случајот со гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница. Таму, уште на почетокот на новиот мандат на градоначалникот Миле Петков од редовите на ВМРО ДПМНЕ, на распишаниот конкурс, Училишниот одбор избра директор, чие решение градоначалникот не го потпишуваше. Откако градоначалникот втор пат одби, МОН му ги одзеде надлежностите и го верификува мандатот на директорот што го избра УО.
Засега, тоа е единствениот преседан во оваа своевидна „мртва трка“ меѓу централната власт претставувана од СДСМ и локалната на ВМРО ДПМНЕ.
Штип со само еден избран директор на конкурс
Во Штип по укажување на Просветниот инспектор дека во гимназијата поминал вториот в.д. мандат на директорот, Училишниот одбор распиша конкурс и избра директор од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кој пред повеќе години положил менаџерски испит.
Штипски СДСМ на неколку последователни прес конференции укажува дека училиштата незаконски раководат в.д. директори, на кои веќе им изминале вторите мандати, со што, според социјалдемократите, го кршат законот.
Според локалната опозициска партија, на 20 јануари завршил вториот в.д. мандат на директорот на ООУ Славејко Арсов“. Во ООУ „Гоце Делчев“ во јануари почнал вториот в.д. мандат на директорот, додека на в.д. директорката во ООУ „Димитар Влахов“, вториот мандат и’ завршил на 16 февруари. За два дена завршува вториот мандат и’ завршува на директорката на СОУ „Коле Нехтенин“, додека на 13 јануари завршил вториот мандат на директорката во СОУ „Димитар Мирасчиев“.
-Согласно Закон за основното образование, член 115, градоначалникот е должен три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор да донесе одлука- училишниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор, а според став 4 од истиот член, доколку градоначалникот не постапи во рокот утврден во став 3, училишниот одбор независно објавува јавен оглас за избор на директор. Бараме веднаш да се стави крај на беззаконието во основните училишта, но и во средните каде состојбата е уште полоша со кршењето на законите од страна на градоначалникот, соопштија од СДСМ.
Кадрите на ВМРО ДПМНЕ, кои раководат со институциите реагираат дека со месеци чекаат да им се закаже полагање на менаџерските испити. Од централната власт се децидни – законот е јасен, раководните тела се должни да распишат огласи со прецизирани услови.
В.К.