Покрај скринингот, ХПВ вакцинацијата е една од најуспешните методи со кои може да дојдеме до елиминирање на цервикалниот канцер – апелира проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националната комисија за имунизација.
Таа нагласува дека е важно да се зајакне свеста за придобивките од оваа вакцина, бидејќи со неа не само што се спречува ХПВ инфекцијата, туку се спречува и развој на карцином. Во Македонија ХПВ вакцината е воведена во 2008 година, а од 2019-та ја имаме четиривалентната ХПВ вакцина.
„Се надеваме дека исто како што е присутна во регионот, така и кај нас ќе биде присутна 9-валентната вакцина која обезбедува уште поголема заштита“, смета проф. Грозданова.
Според неа, важно е родителите да бидат едуцирани, но и како што вели, младата популација да има поголемо здравствено воспитание.
„Националната комисија излегува и со медиумски препораки во однос на тоа дека треба да ја подигнеме свеста дека имаме вакцина којашто спречува карцином. Се надеваме дека работејќи и преку здравствените институции, но и на локално ниво во училиштата, па дури и на факултетите, здравствено ќе ја едуцираме младата популација во однос на придбивките од вакцинацијата“, додава Грозданова.
Таа посочува дека интересот за оваа вакцина е се уште мал и за неа постои стигма во целиот регион.
„Оваа вакцина се воведува во релативно рана возраст, кај нас тоа е од 12 до 15 години и тогаш родителите не размислуваат дека во тој период треба да ги заштитат своите девојчиња од сексуално пренослива болест како што е ХПВ, коешто најчесто така се пренесува. Меѓутоа, извонредно важно е дека токму пред да бидат сексуално активни треба да ја примаат оваа вакцина бидејќи таа обезбедува 97 проценти заштита. Оваа вакцина е извонредно ефикасна и повеќе од 16 години ја имаме во употреба. Светските податоци покажуваат дека тоа е една од најбезбедните вакцини“, заклучува Грозданова.
Инаку, ХПВ вакцината е бесплатна за девојчињата на возраст од 12 до 15 години, а оние над 15 години, вакцинацијата е на товар на родителите.
В. Ми