Две училишта во Прилеп се евакуирани и се проверуваат, откако изутрината до службениот мејл стигнала закана. Но, наместо двете претходни дека има поставена бомба, овој пат, во мејлот пишува дека ќе се пука по сите прозорци.
„Пред училиштето ќе се пука по сите прозорци 19.02.2023 J Овој пат нема нема да има бомба„, стои во добиениот мејл на училиштата „Гоце Делчев“ и „Блаже Конески“.
Интересно е дека мејлот е испратен вчера, кога училиштата не работат.
Сепак, како што информираа од Општината Прилеп, уличиштата се евакуирани откако се алармирани МВР и Дирекцијата за заштита и спасување.
-Службите се на терен и училиштата се проверуваат. За утре градоначалникот закажа состанок на Општинскиот кризен штаб, ни рече Влатко Петкоски од Општина Прилеп.
Денешната закана е трета до прилепските училишта. Претходните закани за поставена бомба беа лажни.
Закани за поставени бомби, како што потврди МВР, денеска се упатени и до осум училишта во Скопје.