Убаво е кога некому во најтешкото ќе му се пружи рака, а уште поубаво е кога резултатите од тоа ќе се видат на дело.
Еден таков пример е новинарот Сашко Димовски, кој се појави на протестот на новинарите во петокот со протезата, за која пред неколку месеци се спроведе донаторска акција.
Димовски мораше да помине период на интензивна рехабилитација и успеа да дојде до протеза која пристигна од Германија, откако во август минатата година едната нога му беше ампутирана до колено.
Тој за ММС раскажа како се чувствува човек, кој е приморан од корен да си го смени животот, како психички се издржува новонастанатата состојба, но и за тоа кој се донирал за да се соберат парите за протеза, која ќе му го олесни животот. Тој совертува дека човек не треба да се предава во ниедна ситуација или предизвик, кој ќе му го наметне животот, туку храбро да им се спротивстави на сите проблеми, бидејќи, како што вели, сонцето ќе изгрее и зајде и без нас и нашата нервоза.
Сашко веќе една недела ја носи пробната протеза и ќе ја носи следните шест месеци, додека ногата не му се навикне, а потоа ќе биде наместена трајната, која ќе ги реши најголемите проблеми со неговото движење.
-Една недела откако ја ставив протезата. Уште од прв ден многу лесно ја прифатив, веднаш станав за да направам неколку чекори. Но, јас не неколку туку направив над 30 чекори. Дури пробав да одам и да се држам со една рака, потоа и без да се држам со раце. На протестот на новинарите пред Влада и пред Собрание ми беше голема рута. Направив еден километар во текот на денот, а издржав дури и 12 часа да не ја извадам протезата. Бев речиси цело време на нозе. Немаше никакви лоши реакции. Секаде каде е рамно можам да одам со дубакот,а кога има скали, со едната рака се држам. Ова е пробната протеза, ќе ја носам само шест месеци, додека комплетно не се затегнат мускулите, бидејќи осум месеци на таа нога не сум газел и мускулите се попуштени. Со ова пробна протеза ногата треба да се врати во нормала и тогаш ќе се намести вистинската, вели Сашко.
За луѓето кои допрва ќе го минуваат неговиот пат Саше вели дека никогаш не треба да се откажат од целта, без оглед колку и да е трнлив патот.
-Сакав протеза која ќе биде практична, нема да биде тешка. Оваа тежи околу два килограми и можам полесно да чекорам. Има една друга која тежи дури пет килограми и невозможно е да се оди. Мојата цел беше да дојдам до протеза, која, како што велат лекарите, ќе ме врати на улица. Мислам дека целиот процес го водев многу транспарентно, кажав низ што се поминав, а работев, се појавував на дебатни емисии без нога. Во целиот тој период работев, не потклекнав. Не седнав ни еден ден и тоа ми дојде како добредојде. Ако не се движев, ако оставев да атрофираат мускулите ќе беше многу полошо. Ниту протезата ќе можеше да ме крене. И овој пердиод ќе одам колку што можам повеќе за да може телото да ја прифати. Да не чусвтвувам дека имам страно тело. И секако полека, полека да се вратам на старите обврски, вели тој и додава дека за цело време додека поминувал низ проблемите кои му ги донесе болеста, имал водилка за да остане психички стабилен.
-Кога бев во болница разговарав со лекарка, која сакаше да ми даде лекарства, но јас реков дека нема потреба, дека сум доволно емотивно стабилн за да не земам никакви лекови и дека ќе ја поднесам целта состојба. И така и бидна, без антидепресиви, без ништо бев многу активен. А ме сретнуваа луѓе и се чудеа како тоа без нога сум се појавувалл на телевизија, дека они тоа не би го издржале. Тоа ним не им беше сватливо. Но, требаше само да се остане со ладна глава. Правев се што можев да направам сам. Качување, симнување по скали, се што може. Мој мотив беше да направам се само да може протезата да биде прифатена како треба. Ништо не може да го промени животот доколку нема напор, вежби и план. Јас го терав тоа. Ако се сака се се може, нема не може. Тешко, не дека не беше тешко, но не беше неиздржливо. Факт е дека е тешко, но има работи кои се прават и кога ти е тешко. Не е само да правиш нешто кога ти е убаво.
Имам пријатели и колеги кои од прележан ковид имаат проблем, се уште велат дека не можат да функционираат. Јас искрено не им верувам бидејќи мислам дека со мал напор работите може да се сменат. Тоа се времени состојби. Јас знаев дека ако целата ситуација е под контрола, ако добро зарасне се што е ампутирано, дека кога- тогаш ќе стаса протезата и ќе ми се олесни животот. Така и беше. Шекерот беше релативно под контрола, тоа беше главниот проблем за протезата, колку време ќе трае процесот на прилагодување. Јас можеби сакав многу поодамна, уште првиот месец да ја имам протезата. Но, процедурите во медицината не се како јас сакам туку кога ќе се создадат услови за тоа. Еве чекав седум месеци, додека се не се усогласи. И се покажа дека еве сега е време. Некој можеби порано ставил протеза некој подоцна, но се е тоа индивидуално и зависи од организмот. Индивидуално е колку си храбар, индивидуално е колку заздравуваш и како оди процесот на рехабилитација, индивидуално е како ќе ја прифатиш протезата и како понатаму ќе тераш. А мене протезата комплетно ќе ми го врати животот, вели тој.
Добро познато е дека нервозата и стресот се најголемите причини за болестите. Само откако ќе се појави болеста сите велиме дека не требало да се нервираме и дека болеста е школо за во иднина се контрлолираме и не дозволиме организмот да ни биде нападнат. Но, дали е тоа така? Дали може човек да ја контролира нервозата и да се заштити од стресот?
-Нервозата никој не може да ја контролира. Колку и да ја контролираш, на пример, ќе садиш цвеќе, па ќе помине некој и ќе ти рече дека на овој простор сино цвеќе не одговара, треба бело. И нормално ќе се изнервираш. Тој што вели дека не се нервира ги лаже другите, но потребно е колку што може да го канализира стресот можеби тука може да си помогнеме самите на себе. Еден доктор беше многу умен и ми велеше- „За што се нервираш, затоа што грее сонце? Ќе грее и со тебе и без тебе!“. Тоа е таа девиза. Ние дали ќе се нервираме или не денот не можеме да го смениме. Сонцето изгрева и заоѓа и со нас и без нас. И со нашата и без нашата нервоза. Само колку карактерно човек тоа може да го контролира. Напредок има во сите свери, па и во протетиката или во било што друго. Ништо веќе не е недостижно. Верувам дека и со ова ќе функционирам како што функционирав порано. Немам намера да кукам и да плачам, дека јас ќе седам дома нема да можам да излезам. Не, можам се. Гледав луѓе околу мене како функционираат и ете мислам дека јас летоска ке можам да патувам, да одам на плажа. Ќе бидам повторно стариот. Чувството е како да имааш нови чевли кои не си ги разгазил. Нема каиши, штрафови и се мести за една минута, објасни тој
Димовски не ја испушти можноста, а да не се заблагодари уште еднаш на сите, кои му подадоа рака, кога се организираше хуманитарната акција за собирање средства за протеза.
-Прво тука беа колегите од сите медиуми, луѓе од секаде. Многу луѓе кои не ги познавам лично, но поради тоа што ме гледале посакале да донираат. На сите им благодарам од срце. Скоро 90 проценти од донациите беа од приватни лица, а околу 10 проценти од компании или други организации. Акцијата беше успешна и тоа ме одржа во живот и ми беше јасно дека протезата ќе се набави само е потребно јас да бидам подготвен да го поднесам тоа. Затоа уште еднаш голема благодарност до сите. Сега кога ме гледаат, кога ме запираат на улица гледам дека се среќни луѓето. Добив куп честитки кога објавив дека веќе одам. Буквално се горди што помогнале повторно да застанам на нозе. Донираа луѓе од Австралија, Швајцарија, Белгија, Словенија, од луѓе кои не ги знам, никогаш не сме се сретнале. Најинтересно ми беше што градоначалникот на Ѓорче Петров, со кого лично не се познаваме, донирал и на банкарскиот извод во цел на дознака пишува „те чекам на кафе“. Симпатична и интересна порака, а го знам само како лекар од Клиника. Толку. Никогаш професионалните патишта не ни се сретнале, вели на крајот Сашко.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски
„За пет месеци имав пет операции, проодував како мало дете“ – На новинарот Саше Димовски по ампутација на ногата му е потребна протеза за да функционира подобро