На домашната јавност ѝ стана позната по учеството на првиот и единствен Македонски музички идол, а на меѓународната по настапот на евровизиската сцена во 2017-та година.
Јана Бурческа за кратко време стана препознатливо музичко име, но сепак реши да го промени своето присуство во медиумите и се втурна во една нова професија. Веќе три години таа самата ги интервјуира пеачите од македонската музичка сцена, како водителка на емисијата „Стисни плеј“ во друштво на својата колешка, Александра Јовановска. Зошто реши да почне да се занимава со нешто ново, каква е како мајка, на какви лекции ја учат нејзините деца Дона и Дарин се само дел од прашањата за кои ММС разговараше со Јана.
-Искрено, музиката отсекогаш ми била важна. Секогаш сум гледала да ѝ дадам поддршка во различни форми. Некогаш било тоа со интерпретирање на нечија туѓа музика, некогаш со придонес во македонската музика со создавање моја музика, а преку новинарството чувствувам дека ѝ давам некоја фактичка поддршка со што поголема медиумска изложеност на македонската музика на Македонската телевизија.
Што, според тебе, недостига во македонскиот медиумски простор за да може да има поголема поддршка за домашната музика?
-Зборуваме веќе за стратегии на долг рок, но накратко би кажала дека ни требаат специјализирани музички емисии и музичка критика. Од една страна луѓето секогаш попрво би избрале да чујат нешто убаво отколку нешто конструктивно. Не зборувам сега дека ние треба да се „хејтаме“, да се навредуваме, меѓутоа да си ги истакнеме слабостите со цел да станеме посилни . Некако многу сме чувствителни по тоа прашање. Инаку таленти има, подготвени музичари има и мислам дека многу лесно со малку труд можеме да оформиме некаква критика во вистинска смисла на зборот. Музичка критика не е коментар на Фејсбук туку конструктивна критика од страна на професионален музичар за друг професионален или аматер музичар.
Дали прифаќаш критики и колку ти помага Александра во емисијата?
-Александра ми помогна бесконечно многу. Не можам да опишам колку многу таа ми помага и до ден денес се’ уште сме заедно секаде, ја сметам за вистински ментор и навистина многу учам од неа. Во МРТВ научив дека критиките нѐ носат напред. Мислам дека тоа е една од најважните лекции кои ги имам научено во животот. Во однос на музиката, можеби тука сум малку почувствителна.
Дали Македонскиот музички идол ти помогна да созрееш и да пораснеш како личност?
-Можеби сум здодевна, но секогаш ставам акцент на животните лекции што ни ги носи секое искуство. Најважно ми е во големата слика да бидам попаметна и поумна од тоа што сум била вчера, а со Идол токму тоа се случи. И Евровизија беше супер музичко или медиумско искуство?
Колку Дона се интересира за музиката и дали ќе ја поддржиш доколку тргне по твоите стапки?
-Не дека е моја, но мислам дека е многу музикална, а тоа го коментираат и луѓе од стручнава фела. Има желба, не би ја форсирала, но дефинитивно би ѝ посочила дека има талент и дека мама и тато се тука да ја поддржат доколку таа сака да работи на тоа.
Мајка си на две деца, на Дона и синчето Дарин, па колку стравовите кога првпат стана мајка и искуството од првото дете беа поголеми од оние кои ги носи родителството по втор пат?
– Дона на 11-ти октомври ќе полни четири години – првоборка „против фашизмот“ на мама. Моето второ дете се вика Дарин и во јули наполни една годинка. Дефинитивно стравовите со првото дете се поголеми наспроти второво, затоа што со второто некако сите проблемите се надминати и сите лекции научени. Стравови има безброј. Јас велам дека децата носат нови убавини и нови стресови секој ден. Сопругот Александар ми е голема поддршка и најважно од се е што имаме разбирање во својот дом, а критиките од страна се апсолутно неважни. А јас? Јас сум „зависник“ од лекции, многу сакам да учам и од секоја прилика се трудам нешто да научам. Можеби на некој начин грешки не постојат сѐ додека учиме.
Дали можеби учиш некои лекции од своите деца?
-Да, учам многу од моите деца. Посебно ме потсетуваат дека сме родени без никакви граници во однос на своите капацитети и дека можеби треба да работиме на изнаоѓање на детето во себе за да можеме да го достигнеме својот максимум. Некако возрасниов свет постојано нѐ затвора во некои кутии кои не ни се најкомотни и не ни дозволуваат да бидеме големи колку што вистински сме.
Вања Мицевска