И во Бугарија и кај нас има поединци и групи, па и политички партии, кои за жал се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави, кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ, што веќе им е јасно на сите – вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за агенцијата МИА дадено на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
– На официјалните институции и на Бугарија и на Северна Македонија им останува да продолжат со комуникација, која треба да се базира на институционална комуникација, на задржување на достоинството на институциите и граѓаните на двете држави и доколку продолжиме во таква насока, ќе имаме односи со соседна Бугарија, исто како што имаме и со соседна Србија, Грција и со Албанија, нагласува Ковачевски.
Тој потсетува дека нашите односи со Бугарија имаат и економска димензија и соработка во однос на стратешки проекти.
– Да не заборавиме дека во време на најголемата економска и енергетска криза заедно со бугарските власти успеавме да го зголемиме капацитетот на единствениот интерконектор кој во моментов го имаме и со тоа да се овозможи либерализација на снабдувањето со гас на државата… Тоа исто така се теми кои се значајни за граѓаните на нашата држава меѓутоа значајни и за соработката меѓу двете држави. Доколку работиме во таа насока, на теми и на проекти коишто ги зближуваат граѓаните, тогаш верувам дека и односите меѓу двете држави ќе бидат на ниво коешто е достојно на две соседни држави кои се членки на НАТО, партнери во НАТО и кои ќе бидат партнери и во ЕУ наскоро, истакнува Ковачевски.
Прашан зошто во Минхен не се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Ковечевски нагласува дека таквата средба не ни била планирана во неговата агенда. Ковачевски потенцира дека во услови кога Бугарија се наоѓа во кампања за предвремените парламентарни избори во април, не сака да ги коментира ставовите на оние бугарски политичари, кои за секој глас се подготвени да дадат каква било изјава.
Можам да кажам дека кога Бугарија имаше политичка Влада, а тоа беше Владата на премиерот Петков, односите со Бугарија беа унапредени на едно исклучително високо ниво, каде што се разговараше на теми кои се однесуваат на иднината. Имаме работни групи кои разговараа за инфраструктурата, за евроинтеграциите, за образованието и културата итн. и како резултат на тие разговори и атмосфера која се креираше, успеавме да постигнеме договор со сите 27 земји членки на ЕУ и да ги отпочнеме преговорите, вели Ковачевски.
Тој потенцира дека она што е важно е дека после 17 години чекање Северна Македонија ги отпочна преговорите за членство во Европската Унија и дека не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ.
– Тие преговори започнаа, како и сите други преговори, како и на сите други држави, со скрининг фазата. Ние веќе отпочнавме со билатералниот скрининг каде поглавје по поглавје, сектор по сектор, ресор по ресор се разгледува нашето законодавство. Самиот скрининг процес тече во насока на завршување според планот, некаде пред крајот на оваа година. Позитивни сигнали доаѓаат од Брисел, од нашите преговарачки тимови дека процесот ќе заврши во најдобар ред, а тоа значи дека на крајот ќе добиеме извештај во којшто точно ќе се знае кои области треба да ги унапредиме, кои закони треба да се направат, кои реформи треба да се спроведат во државата, додава Ковачевски во интервјуто за МИА.