Тема на јавни дебати, a прашање кое се’ уште е оковано во стереотипи и традиционални норми. Родовата еднаквост на пазарот на трудот е едно од клучните подрачја на кои ЕУ ја проверува примената на принципот на рамноправност, додека жените во земјава се исправени пред низа предизвици на патот до самовработување. Мерките за женско претприемништво до крајот на идната година треба да се подобрат преку Националниот план за родова еднаквост кој лани го донесе МТСП, но невладиниот сектор бара подобра системска поддршка.
Пишува: Вања Мицевска
Постојат сереотипи во однос на женско и машко претприемништво, но секој мора да се избори – вака скопјанката Розана Ивановска ја започнува својата приказна во која раскажува за амбициите и плановите да се „впушти“ во бизнис светот. Една од малкуте оџачарки во земјава и впрочем, единствената жена која изминатото лето го следеше курсот за оџачари што го распиша Град Скопје.
„Бев изненадување, не очекувал никој дека ќе се појави жена, но ме прифатија. Претходно немав познавања, а за чистењето мислев дека е сосема обична работа, но тоа било цела наука“, споделува Ивановска која планира да отвори своја фирма. Децидна е дека нема да се повлече, односно дека ќе успее во овој како што вели самата, машки свет.
Иако се’ уште не се занимава со претприемништво, свесна е за предизвиците пред кои е исправена – институционалните лавиринти и прашањето за кое во повеќе наврати реагираше и Стопанската комора, сивата економија.
„Не секогаш има лојална конкуренција на пазарот. Во оваа бранша има поприлично сива економија, непријавени работници, со пониски цени. Во иднина јас би морала да плаќам даноци, а ќе има нелојална конкуренција независно од тоа дали си маж или жена, но за мене е специфично што јас ќе се занимавам со условно кажано, машка професија. Тука се и финансии во прашање. Сепак ова мора да се изработи на професионален начин, бидејќи се остава и писмена гаранција дека луѓето се безбедни. Потребна е само силна инспекција. Имам впечаток дека во институциите се вработени лаици, не знам како ги набавиле дипломите. Ве препраќаат од едно на друго место и тоа го доживувам како играње пинг понг и на крајот сите креваат раменици“.
Претприемачките најбројни во бизнисите кои нудат фризерски и козметички услуги
Дека стереотипите се’ уште ја попречуваат родовата еднаквост, меѓу другото и на полето на бизнисот, се согласуваат од Националниот совет за родова рамноправност, макар што, како што тврдат оттаму, работите полека се менуваат од позитивен аспект.
„Жените имаат еднакви права да се вработат, односно да се образуваат еднакво со машката популација. Стереотипиите ги има во однос на работните позиции, но се’ повеќе има женска популација која се определува и за онаа таканаречена машка професија“, посочува претседателката на Советот, Савка Тодоровска. Според неа, радува фактот што во последните години се зголемува бројот на жени кои се основачи на фирми, иако во дел од нив има само по еден вработен.
За разлика од нашата соговорничка Ивановска, која сака да отвори фирма за оџачарство, најголем број од жените претприемачи во земјава се сопственички на фризерски и козметички салони, но според познавачите тоа е јасен знак дека жените во земјава се’ повеќе ги осознаваат можностите за самовработување.
„Поголемиот дел од нив се фризерски, козметички и кројачки салони, но има тенденција на зголемување на другите – средни и големи претпријатија. Многу малку, но веќе се зголемуваат, бидејќи се зголемува и бројот на жени со магистерски и докторски дипломи, со познавање на јазик, ја осознаваат содржината и квалитетот на живот на овие можности за основање на свое претпријатије и самовработување“, вели Тодоровска.
И министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска констатира дека најчесто жените претприемачи се одлучуваат за бизниси кои нудат фризерски и козметички услуги, но за жал, не го гледат потенцијалот на таканаречената економија на грижа.
„Една работа што во Македонија се гледа како потенцијал и која се развива со Фонодот за жени на Обединетите нации и со Светска банка е создавање економија која креира услуги на локално ниво. Ако има палитилна грижа во домашни услови традиционално тоа би било полесно да го формираат жени. Жените знаат како тоа се прави, вештината веќе ја имаат, многу помалку треба да инвестирате. Тие да основаат такви бизниси на локално ниво, а ние како Министерство со општините да го финансираме воспоставувањето и купување на услугите. Мислам дека така ќе се раздвижи создавањето на бизниси или care economy за да имаме што повеќе жени кои сега се надвор од пазарот на труд. Статистички 50 % се сметаат за неактивни, но тие и тоа како се активни. Активни се и во домот и традиционално се грижат за децата, а немаме доволно градинки. Традиционално се грижат за стари и изнемоштени лица, а тоа чини. Зошто да не биде платено, да не воспоставиме бизниси со кои луѓето ќе ги извлечеме од домот да заработуваат, а при тоа да понудиме услуги. Со тоа ќе поттикнеме жените да се чувствуваат понезависни“, објаснува министерката.
Сепак, таа оценува дека многу тешко се наоѓа купувач за таквата услуга:
„Ние како Министерство даваме основа за да создадете социјална услуга и Министерството да ви биде купувач од Центарот за социјална работа. Тоа се случи преку персоналните асистенти. Рековме ќе се создадат даватели на услуги и со тоа се шири и отвора пазарот да има понудувачи кои се борат за квалитет, затоа што така се создава конкуренцијата. Жените овој тип на бизнис ќе го видат во скоро време. Ако тие жени ги поттикнеме да создаваат услуги на локално ниво и државата испорачува финансиски средства за тие услуги, а од друга страна имате луѓе кои не се во систем на социјална заштита ама може да си платат, но сега немаат ни кого да платат. Треба да се создадат тие бизниси за да може да ги поддржиме и граѓаните да ги користат понатаму“.
Нерешените имотни прашања пречка за препознавањето на трудот на руралните жени
Жените во Македонија имаат потенцијал, кој треба да се поддржи, но донесувањето одлука за сопствен бизнис оди потешко кај жените од руралните средини – констатира Царовска. Таму, според неа, прашањето за имотното право често е нерешено, иако со закон е загарантирано:
„За да основате бизнис треба да земете кредит, освен ако не доаѓате од многу богато семејство па имате се’ на располагање, но најчесто основачите на бизнис почнуваат со хипотекарни кредити. Ако немате имот на свое име, многу тешко дека ќе земете кредит во банка, а ние немаме микрофинансирачки или посебни програми кои поттикнуваат бизнис и затоа ние разговараме како да создадеме ваков тип на можности. Прво измена на законите и гаранција дека подеднакво е распореден имотот и на момчињата и на девојчињата и на мажите и на жените. Ние како Министерство не сме надлежни за прашањето за имот, но сме надлежни за родовата компонента и затоа сметаме дека со законски измени ќе се поттикнат жените да отвораат бизнис“.
Од невладиниот сектор се на иста линија. Велат – руралните жени имаат најмалку средно образование и доколку се поддржат нивните капацитети, самата држава би имала голема придобивка.
„Ние како организирана форма работиме на самовработувањето во руралните средини бидејќи таму има можност секоја жена која работи со стока, живина, земјоделие, во својот двор може да научи квалитетно да прави сирење, да го молзи млекото побезбедно, да го зголеми процентот на живина а воедно и да произведува органска храна. За нас како држава тоа би значело многу и нашите заложби кон тоа одат на основање на задругарство, коешто ќе биде еден вид на излез кон надвор каде ќе се здружат и ќе може да станат партнери во одредена дејност. Сметаме дека ќе има уште поголем подем на раст на овој вид отворање сопствени претпријатија на жени, на сопствен бизнис затоа што жените во руралните средини засега се уште се темната броја на нашата држава“, смета Тодоровска од НСРР.
Според неа, за жал, руралните жени се’ уште се врзани за сопругот. Тие се занимаваат со земјоделство, но немаат имот на свое име:
„Тој се појавува како корисник на здравствената услуга и преку него и жената и децата и таа едноставно не се појавува ни како корисник, ни како барател на работа“.
Околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на труд, а според познавачите, причини за тоа се негата на децата, неплатената работа во домаќинствата и семејните фарми. Од имотите и земјоделските површини во руралните средини, само пет проценти се во сопственост на жените, а ваквите традиционални норми според кои имотот најчесто се префрла на мажите, претставува пречка за жените кои би сакале да аплицираат за некои од државните мерки за поддршка на руралниот развој.
Во оваа насока, Националната федерација на фармери бара Владата да воспостави економски мерки за препознавање на земјоделската работа на жените, кои иако работат немаат стаж, а со тоа не го остваруваат правото на пензија.
„Потребни се ефективни, а не дисктиминаторни мерки, како мерката 115 во четири годишната програма за рурален развој 2018 -2021, во која се поставени дискриминаторни услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри. Бараме оваа мерка да постои и да се редифинираат условите за апликација, која ќе ги опфати регистрираните земјоделки“, вели претседателката на Федерацијата, Васка Мојсовска.
Царовска укажува дека голем дел од жените кои се занимааваат со земјоделство, не само што немаат имот на свое има, туку тие немаат платено здравствено и социјално осигурување, што пак директно влијае врз квалитетот на нивното живеење. Според неа, неопходно е да се подигне свеста за тоа зошто е важно самите жени да се носители на земјоделската дејност.
„Размислуваме и разговараме за имотот што се споделува меѓу машките и женските деца во семејството, како се наследува земјоделското земјиште, за жените да бидат носители на земјоделската дејност и натаму да ја развиваат. Ваков тип анализи се многу важни за Министерството за земјоделство со посебна поддршка да развива програми кои директно ќе ги поттикнат жените да се вклучат во нивните земјоделски бизниси“.
Податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство покажуваат дека само дваесет проценти од регистрираните задруги се водени од жени. Миистерот, Љупчо Николовски најавува нови мерки за поттик на жените во руралните средини:
„Предвидени се 180.000 денари неповратни средства за жените што ќе имаат дополнителна дејност во руралните средини. Десет отсто од БДП отпаѓа на земјоделството, но во овие само една третина се вклучени жените.Креираме нови мерки и политики и на нив ќе работи нова потсекторска група во рамки на Министерството која ќе се занимава со родовите прашања особено на вклученоста на жените во земјоделството. Засега, при аплицирање за сите мерки, дополнително бодување имаат жените. Но, ќе донесеме нови измени на Законот за земјодлество согласно кои бодувањето на жените апликанти ќе биде многу повреднувано“.
Министерката Царовска пак, оценува дека прашањето за родовата еднаквост е најозборувано, но прашање за кое се прави најмалку.
„Малку се реализираат плановите и стратегиите, но јас се трудам родовата компонента да ја вклучам во се’ што правам. Со Министерството за финансии постојано сме во преговори за родово одговорно буџетирање, зашто ако не мериме колку пари трошиме на програми што се однесуваат и поттикнуваат жени и програми кои се однесуваат на мажи, кога сме слепи родово велиме на сите се однесува, тогаш навистина не знаеме каде ги вложуваме парите. Со родовото одговорно буџетирање ќе добиеме подобра слика каде да интервенираме за да добиеме повисока родова еднаквост“, смета таа.
„Самата дискусија се води во насока – зарем тоа е најважното прашање? Има луѓе кои ја немаат димензијата зошто ни е потребна актуелизација на родовото прашање. Ако Светската банка кажува постојано – жените на пазарот на труд, тоа не е така зашто таму сите се експлицитно феминисти, туку кажуваат 50 % од потенцијалот за развој на државата го заборавивте. Немаат сите иста шанса. Дали имаат имот? Не. Дали наследното право е исто? Не. Дали родовата дискриминација е присутна? Да. Дали образованието го насочуваме кон едни професии како машки, а други како женски? Да. Треба да го промениме нашето гледање и дејствување, но тоа не е со магично стапче“, заклучува Царовска.
Минатата година, ресорот на чие чело стои таа, донесе Национален план за родова еднаквост, кој меѓу другото, до крајот на 2020 година треба да придонесе за подобрување на политиките и мерките за вработување на жените. Овој План предвидува идната година, бројот на жените кои се вработиле, односно самовработиле да се зголеми за најмалку 10 проценти, а мерките за самовработување на жените да бидат промовирани од најмалку 40. Според овој документ, оваа и следната година, општините ќе треба организираат јавни дебати со кои ќе ги промовираат овие мерки, но истовремено и да развијат планови и програми за да може на пазарот на трудот, особено да се вклучат руралните жени.
Активностите што ги предвидува Националниот план, треба да бидат спроведени според Оперативниот план кој на крајот од минатата година го изготви Агенцијата за вработување.
Со цел да се надминат пречките кои им стојат на жените на патот кон самовработувањето, Агенцијата за вработување на крајот од минатата година изготви Оперативен план за 2019, според кој ќе треба да се спроведат активностите од Националниот план за родова еднаквост 2018-2020 година.
Женско претприемништво неискористен извор за економски раст
И покрај родовите стереотипи кои се’ уште се присутни во земјава, најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија тврди дека жените се’ повеќе ги вклучува во составот на своите органи и тела. Сепак, оттаму не одговорија конкретно на прашањето колку жените, за разлика од мажите се застапени во бизнис заедницата и колку од раководните позиции во фирмите се впрочем, заземени од жените.
Според последните податоци на Светската банка, Македонија е една од земјите каде што најлесно може да се регистрира и да се започне бизнис. Регистрацијата на друштвото се врши за 3 дена во просек, во пракса некогаш и до 5 дена, а уредена е и можноста целата процедура да биде спроведена и по електронски пат. Со ваквата динамика, според извештаите на „Doing Business“, Македонија се наоѓа на 22-ро место од вкупно анализирани 190 економии во светот – потенцираат од СКМ.
Според трошоците врзани за започнување бизнис и за мажи и за жени оценката е идентична со 0,1. Со ваквата оценка се обезбедува подобра позиција и од земјите во рамките на ОЕЦД каде што просекот е 3,1, а процедурата за започнување бизнис е со оцена 4, односно подобра и од просекот на ОЕЦД – земјите каде изнесува 4,9. Секако, најдобро рангирана економија е Нов Зеланд со просек на индикаторите од 0,5 до 1. Во пракса, во секоја држава дури и во највисоко рангираните, постојат и олеснителни можности, но и услови кои го отежнуваат процесот – констатираат од Стопанската комора.
Сојузот на стопански комори на Македонија пак, соопшти дека една третина од од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, но ова важи само на хартија, зашто, како што велат оттаму, таа функција реално ја вршат мажите.
ССКМ и Здружението на бизнис жени се на заеднички став дека женското претприемништво е неискористен извор за економски раст. Тие бараат системска поддршка и поповолни форми на финансирање.
Сепак, колкава е застапеноста на жените во управувачките структури на компаниите се уште официјално не знае. Во државава изостануваат релевантни податоци врз основа на кои би се направила квалитетна анализа за ова прашање.