Штипјанецот Иван Балов – Теранцелиев, кај кого живееле Гоце и Даме кога биле учители во Штип, во април 1952, една година пред својата смрт, запишал повеќе моменти од животот и револуционерната дејност на Делчев и Груев, а докуметнот во 2000 година, заедно со други предмети и фотографии, во штипскиот Музеј го донесува неговата ќерка, Ратка Теранцелиева – Џунџева.
Пишува: Љупчо Шатевски
Секој 4 февруари и 4 мај, деновите на раѓањето и на загинувањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, штипјани отсекогаш се собираат и му оддаваат почит пред спомен-плочата на фасадата на училиштето во Ново Село (дел од градот) во кое учителствувал Делчев, кое сега е реконструирано и во него е сместен Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“. Така ќе биде и денеска, кога се одбележуваат 148 години од раѓањето на Гоце.
Секоја година на 4 февруари и на 4 мај, претставници на институции, на АРМ, граѓани чествуваат пред бистата на Гоце (слика горе) поставена на фасадата на училиштето во кое некогаш бил учител, кое сега е Ректорат на УГД (слика долу)
Штипјани се горди на многубројните револуционери од нивниот град, а исто така и што апостолите на македонското дело дел од животот поминале во Градот под Исарот и тоа во годините кога масовно се ширел револуционерниот и патриотски бран. Прво учителствувал Ѓорче Петров во 1886/1887 година, од 1894 до 1896 и Гоце Делчев, а токму во тоа време (1894/95 година) во Штип бил и Даме Груев. Нема многу сочувани пишувани документи од тој период, а еден од ретките, за кој малку се знае во јавноста, е тој што го оставил Иван Балов – Теранцелиев, син на учителот Мите Теранцелиев, во чија куќа живееле Гоце и Даме.
Гоце и Даме живееле во соба до соба
– Иван Балов, кој е на приближно иста возраст со Гоце и Даме, документот го напишал рачно, со мастило, на 14 април 1952, една година пред неговата смрт, а е потпишан од двајца сведоци – Пане Стојков и Петар Серсемов. Во Музејот во Штип во 2000 година, заедно со други предмети и фотографии, докуметот го донесе и му го подари на Музејот неговата ќерка Ратка Теранцелиева – Џунџева. Со него дефинитивно беше разрешена дилемата каде живееле во Штип Гоце и Даме, а се фрла нова светлина и за други непознати детали од животот и дејствувањето на двајцата македонски апостоли. Во Музејот е изработена и поставена и макета на одамна урнатата куќа на Теранцелиеви, во која Делчев и Груев биле цимери, живеејќи во две соседни соби – велат во историското одделение на штипскиот Завод и музеј.
Иван Балов – Теранцалиев, кој документот го напишал на 81-годишна возраст, потврдува дека Груев во Штип дошол во септември 1894 година. Веднаш се вселил во нивната куќа. Во ноември 1894 дошле и Гоце Делчев и Туше Делииванов, кои сме сметиле во соседната соба до Груев. Тројцата и се хранеле во куќата на Теранцелиеви, која била во непосредна близина на црквата „Св. Никола“. Штом пристигнал, Груев веднаш бил поставен за директор на штипските училишта. Бидејќи уште во Штип не се знаело точно кој е Даме, во почетокот бил примен со многу резерви, особено од учителите во новоселското училиште.
Првата револуционерна заклетва во куќата на Теранцелиеви пред Груев
„Даме по малку стравуваше поради тоа, па мене и на мајка ми Катерина знаеше да ни` рече – имајте трпение и воздржете се, наскоро се` ќе биде во ред. Ние претчуствувавме дека во тие негови зборови се крие некаква тајна. Еден ден јас се качив во неговата соба со цел да погледнам некои оцени на мои роднини во неговиот бележник. Но, внатре најдов и едно отворено писмо, всушност извештај од терен што Груев го адресирал до Централниот македонско-одрински комитет во Солун. Го зедов писмото и радосен го симнав во приземјето и и` го прочитав на мајка ми. Таа почна да плаче и ми рече никому да не кажувам за писмото. Го запали и кандилото, па двајцата се помоливме за здравјето на Даме. Тој ден за мене и за мајка ми беше голем празник“, пишува Иван Балов.
И Даме и Гоце биле многу млади. Даме во Штип дошол на неполни 24, а Гоце на неполни 23 години. Во куќата на штипјанецот Трајко Калајџиски, Делчев официјално ја дал и револуционерната заклетва пред камата и револверот, во присуство на Груев.
Иван Балов во документот ја опишува првата заклетва што била дадена во нивната куќа. Откако се сретнал со десетина младинци од Штип, кои планирале да набават оружје за борба за ослободување на Македонија, за што многу се двоумеле дали да го информираат тогашниот владика Максим, Иван им рекол да не го прават тоа туку да го почекаат час-два, па тој ќе им кажел што да прават. Веднаш го консултирал Груев, кој му рекол момчињата вечерта прво да дојдат да положат заклетва.
„Вечерта, за да останат незабележани, влегуваа двајца по двајца во нашата куќа. Се собравме сите во една соба. Груев одржа краток говор и ми рече да ги донесам евагнгелието, камата и револверот. Првин клетва положи мајка ми Катерина, а потоа и сите останати се заколнавме и избакнувавме за слободна Македонија“, раскажува Балов во документот.
Балов со Делчев го подготвил и товарот за курирот Дончо Штипјанчето
Од почетокот на учебната 1895/1896 година Делчев бил назначен за директор на штипските училишта, откако Груев и штипјанецот Поп-Коцев заминале на работа во Солунската гимназија. Балов опишува и повеќе настани што ги доживеал со Гоце Делчев.
„По Божик, заедно со Делчев, Мирасчиев, поп Ефрем и двајца селани од Криви Дол, заминавме во виничкото село Истибања. Таму товаривме три коњи со 37 пушки, муниција и со револвери. Ноќта беше многу студена. Измрзнавме, а Гоце од тоа имаше проблеми со стомакот. Некако стигнавме до Штип. Скапоцениот товар го истоваривме во куќата на новоселецот Коце Селев, а следната ноќ го префрливме во куќата на Моне Протуѓеров. Наредната вечер со Делчев, Мане Муфтиски и Ване Кантарџиски го исчистивме оружјето и им го поделивме на момчиња вклучени во револуционерното движење“, пишува Балов.
Тој и Делчев го подготвиле и товарот за Доне Стојанов Тошев, попознат како Дончо Штипјанчето, опеан и во песна поради храброста ништо да не признае во врска со товарот по апсењето и големото измачување во Битола.
„Беше пред Велигден во 1896 година. Кај нас дома три товари ориз. Делчев, јас, мајка ми Катерина и Тодор Станков во оризот ставивме бомби, револвери, ками и натписи со паролата „слобода или смрт“. Ги испративме во Битола по кираџијата Доне Стојанов, но на друмарината бил фатен од Турците и затворен во битолскиот затвор“, пишува Иван Балов – Теранцелиев.
ДОМОТ НА ТЕРАНЦЕЛИЕВИ БИЛ ДОМ И ЗА МНОГУ КОМИТИ, ВОЈВОДИ, УЧИТЕЛИ…
Целото семејство Теранцелиеви биле револуционери. И во предилинденскиот период и потоа. Нивниот дом бил сврталиште за многу револуционери, комити, војводи, учители… Двајца негови браќа биле убиени, а еден, поради револуционерната дејност, бил долго во затвор во Куршумли Ан.
„Мајка ми Катерина почина на 9 август 1899 година. Умре со отворени очи желни за слободна Македонија. Татко ми Михаил-Мите Теранцелиев беше учител во Богословец, Мечкуевци, Рајчани и во други села. Умре на 26 декември 1909 година. Останав единствено јас од нашето револуционерно семејство. Човек на 81 година, стар, глув, изнемоштен и без никаква поткрепа и имот. Единствено жена ми добиваше скромна пензија од 1.200 динари“, запишал Иван Балов-Теранцелиев на 14 април 1952 година.
Последната страница од документот со потписите на Балов и на двајцата сведоци