Ниту една фирма од полошкиот регион не ги исполнила условите за државни субвенции за поставуавње на филтри на оџаците. Конкурсот беше објавен во септември минатата година. Се работеше за претпријатија кои се занимаваат со производство на мебел, а кои го загадуваат воздухот со согорување на отпадниот материјал преполн со хемикалии, со цел загревање на просториите.
Предлогот беше на здружението Еко Герила, владата прифати, а Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули при посетата на една тетовска фирма за мебел повика сите заинтерсирани да аплицираат за субвенциите.
Од Еко Герила велат дека имало заинтересирани, но на апликантите им се барале услови кои не можеле да ги исполнат, затоа ниту една фирма не успеала да обезбеди субвенции за филтри на оџаците.
Оттаму истакнаа дека од триесетте фирми кои аплицирале се барало да докажат дека се загадувачи, а таков документ немале, ниту пак можеле да извадат.
-Како документ барале елаборат од фирмите дека се загадувачи, односно дека се греат на материјал кој го загадува воздухот. Но кај нас претежно елаборатите се копираат, една фирма го копира од друга, или пак се копираат елаборатите од соседните држава. Еве на пример само за илустрација елаборатите за малите хидроелектрани кои се градат во нашата држава сите се со копи пест и внатре има неколку страници на српски јазик, кои заборавиле да ги преведат. Тоа се елаборати за проектите, ако изградите нешто треба да има студија за заштита на животната средина.Највероватно во тие елаборати од фирмите што аплицирале требало да пишува на што ќе се греат во зимскиот период и дали тоа ќе има негативно влијание врз животната средина и тоа не е направено кога фирмите извадиле елаборати, заради тоа тие не можат да докажат дека се загадувачи, рече Аријанит Џафери од здружението Еко Герила.
За разлика од Џафери од Еко Герила, Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека условите за да можат фирмите да добијат субвенции не биле сложени, туку едноставно оваа мерка кај нив не наишла на одзив.
Рече дека истата ќе продолжи во 2020 година, но ќе биде наменета за фирми од повеќе гранки. Тој додаде дека тие фирми и така никој не ги казнува, па затоа е не покажале интерес да земат субвенции за поставување на филтри на оџаците
-Тие аплицираа но не ги исполнија условите, се продолжи рокот, но пак никој не исполни услови. Во полошко има 30 фирми кои го согоруваат отпадот, за да се греат. Немаше некои услови , но немаше интерес, затоа оваа година нема да биде апликацијата само за дрвната индистрија туку за широка индустрија.Можеби интерес нема, затоа што нив никој не ги казнува. Затоа треба инспекторатот да работи 24 часа и да казнува, дека превентивни мерки доста имавме, треба веќе да се почне со казни, истакна Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.
Од Еко Герила се надеваат дека критериумите ќе се променат за апликантите кои ќе аплицираат оваа година. Се додека немаме природен гас за затоплување мора да има вакви мерки, со оглед на фактот дека тие го загадуваат воздухот, а никој не ги казнува,
-Ние како граѓани пријавуваме дека тие загадуваат, во моментот значи кога загадуваат ние ги пријавуваме. При апликацијата за филтри тие веќе признале дека загадуваат, но не можат да направат ништо околу тоа. Проблем настана и тоа што ние ја предложивме оваа иницијатива и после долго време не не викнаа , а требаше претходно да не викнат да помогнеме, како сето ова може да се спроведе полесно познавајќи го теренот и проблематиката. Се работи за филтри кои директно се ставаат на оџаците значи не се некои специфични филтри, а тие лесно се одржуваат, вели Аријанит Џафери од Еко Герила
И додека централните власти и невладините даваат свои факти зошто мерката субвенција за поставување на филтри на оџаците не се спровела загадувачите си го загадуваат воздухот без око да им трепни, а око не им трепнува ниту на општинските власти, кои немаат изречно ниту една казна за овие правни субјекти кои ги трујат тетовци.
-Ние засега делуваме превентивно не казнуваме само ги опоменуваме загадувачите, рече Томислав Јоргушевски од Општинскиот инспекторат за екологија.
За разлика од оваа институција, првиот човек на Тетово Теута Арифи вели дека фирмите кои го загадуваат воздухот се казнуваат.
-Да фирмите се казнуваат и тие казни се изречени во вредност и до 2500 евра, рече првиот човек на Општина Тетово Теута Арифи.
Од Еко Герила, велат дека нема казни. Да имаше казни тогаш ниту една фирма не би продолжила да го загадува воздухот, а во пракса се гледа дека исти фирми го загадуваат воздухот.
-Има само две фирми кои се казнети поради загадување на воздухот , тоа беше пред околу 4 години. Тие се казнети и сега не го загадуваат воздухот, за разлика од другите фирми кои загадуваат и продолжуваат да загадуваат, затоа што не се казнуваат. Теута Арифи кога вели казнуваме мисли само на тие фирми кои ги казниле пред 4 години и секоја година вели казнуваме мислејќи на истите фирми, соопштија од Еко Герила.
И годинава Аерозагадувањето во Тетово руши рекорди. Концетрацијата на штетите ПМ 10 честички се и за од 3 до 7 пати поголеми од максималните вредности. Но властите ниту преземаат мерки за загадувачите, ниту пак за сообраќајниот и урбаниот хаос, но и градската хигиена кои се едни од главните извори на аерозагадувањето.