Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска маршираа од Владата до Собранието упатувајќи барања за изнаоѓање системски решенија за квалитет на новинарските содржини, достоинствени плати, обезбедување услови за квалитетни и професионални новинарски продукти за традиционалните, но и за новите медиуми.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски од пред Владата образложувајќи ги барањата посочи оти е потребна имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера за обезбедување и независно функционално работење на јавниот сервис и на регулаторот.
ЗНМ и ССНМ побараа брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите, како и поддршка за колегите од внатрешноста. За сите овие барања тие доставија до Владата акциски план со точки, потточки и рокови за реализација.
– Стоп на негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори и политичари. Стоп за агресивниот државен ПР, што ја зема работата на новинарите. Државниот ПР ја зема работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Владата создаде најголема редакција во земјата, а државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде, истакна Чадиковски.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски рече дека работничките права дури и оние најосновните на медиумските работници не се почитуваат се заобиколуваат.
– Мораме заедно сплотени како што сме на овој марш да продолжиме да ги бараме и да се бориме за она што ни следува според законот. Овие состојби може да се подобрат пред се само со потпишување на колективни договори со што далеку попрецизно ќе се утврдат условите за работа, како и обврските и задолженијата на двете страни. За да успееме да потпишеме колективни договори со кои еднаш за секогаш ќе кажеме стоп за анархијата, потребен дијалог, дијалог од сите и победа за сите, рече Беловски.
Тој посочи дека постои една атмосфера во јавниот дискурс во која новинарите и медиумските работници се’ повеќе се напаѓани, навредувани, тепани, газени, малтретирани, а тој наратив потекнува од повеќе извори, па дури и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат.
– Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани, рече Беловски.
Претседателот на ССНМ посочи дека една од причините за овој марш е да се даде поддршка и да се крене свеста во каква состојба се наоѓаат новинарите од внатрешноста и во какви услови работат.
Новинарката Славица Филиповска Иванова која е дел од Извршниот одбор на ССНМ порача дека никој не треба и не смее, лично или преку посредници да се пресметува и да дискредитира новинари, само затоа што не му се допаѓа она што го објавуваат, а го објавуват бидејќи за тоа постои јавен интерес.
-Сите истражувања укажуваат на тоа дека жените во оваа професија почесто се изложени на напади, кои за наша „среќа” засега во најголем дел се само вербални. Важно е надлежните органи брзо и ефикасно да реагираат за секоја поединечна пријава, оти вербалното насилство многу лесно може да стане физичко, или да ги одврати новинарките од намерата да истражуваат за одредени теми. Друг за нас, важен аспект е тоа што новинарството станува сѐ понеатрактивна професија за младите. И оние малкумина млади луѓе кои се одлучуваат и високото образование да го завршат во оваа област, уште при првото вработување се престројуваат во друга професија, што е поразително за нас. Неопходно е сите претходно истакнати барања и на колегите денеска да се исполнат, за да не се доведеме во ситуација секој нареден собир главно прашање да биде недостатокот на млад и обучен кадар, а долгорочно да остане отворено прашањето кој ќе остане да се занимава со оваа професија во државава“, порача Филиповска Иванова.