Целото маало со повеќе од сто куќи било урнато до темел, заедно со синагогата, еврејското училиште, културниот клуб, многубројните дуќани и други објекти, логорот на смртта Трблинка го избегнале само седуммина Евреи, а од пред десетина години во Штип не живее ниту еден Евреин, но останаа сеќавањата за некогашните сограѓани и – еврејските семки
Пишува: Љупчо Шатевски
Во големиот геноцид во Втората светска војна настрадаа околу шест милиони Евреи, а Македонија тогаш загуби 98 отсто од својата еврејска популација или 7.144 Евреи, главно од Битола, Скопје и од Штип.
Од домовите на 140 еврејски семејства во Штип денес се останати само неколку куќи, како сведоци дека во градот под Исарот до раните урински часови на 11 март 1943 година живееле околу 550 Евреи, чии предци почнале да доаѓаат од Солун пред повеќе векови. Речиси сите, заедно со Евреите од Битола и од Скопје, трагично завршија во нацистичкиот логор Треблинка. Само седуммина од штипските Евреи успеале да го избегнат холокаустот во 1943 година (некои не биле дома во критичната ноќ, а некои заминале во партизани).
Неурнати останале само десетина еврејски куќи надвор од Еврејското Маало
Многумина штипјани и не знаат дека во градот и денес има останато неколку еврејски куќи зашто бугарските фашисти, по депортацијата на Евреите на 11 март 1943, од темел го урнале целото Еврејско Маало, сместено од црквата „Св. Никола“, па речиси до денешниот градски плоштад, заедно со синагогата, еврејското училиште, културниот клуб, многубројните дуќани и други објекти, по што имало голема работна акција за расчистување на теренот од урнатините.
– Еврејското Маало од темел било урнато, но веднаш од другата, од левата страна на реката Отиња имало уште десетина еврејски куќи. Некои помали, други големи и убави. Не биле во Еврејското Маало, па веројатно затоа не биле урнати. Меѓу нив била и куќата на семејството Леви, во која по ослободувањето било сместено Музичкото училиште. Подоцна со уште една куќа до неа биле урнати, а на тоа место е изградена општинската зграда. Во една еврејска куќа сега живее сама баба Миланка, чиј син почина пред две години. Нејзиниот татко Јаков Петренко, руски мигрант од времето по Октомвриската револуција, таа куќа ја купил пред Втората светска војна од еврејско семејство – раскажува Емилија Коруновска, историчар во штипскиот Завод и музеј.
Со урбанизацијата, биле урнати уште неколку куќи, во неколку други стари куќи денес не живее никој, а неколку смениле по повеќе сопственици.
– И денес доаѓаат гости и туристи од Израел, кои многу се интересираат каде точно биле куќите на нивните роднини, бараат фотографии за да видат како некогаш изгледало Еврејското Маало. За жал, од пред десетина години во Штип не живее ниту еден Евреин. Митко Рубиса, последниот штипски Евреин, со семејството пред десетина години се исели во Израел. Но, го чуваат домот во Штип, во кој, особено неговите синови, повремено доаѓаат. Исто како и Рашела Сион-Алтарац, која во 1943 година, на нејзина осумгодишна возраст, чудо ја спасило од Треблинка. Во последните неколку години двапати дојде во Штип од Ерусалим, каде што одамна живее – вели Коруновска.
Останаа спомените за некогашните сограѓани и рецептот за еврејските семки
Сепак, спомените на штипјани за сограѓаните-Евреите живеат. Сеќавањата за мирните сограѓани, за соседите, другари и соученици, за поддршката на нородноослободителното движење, не згаснуваат. Повеќемина штипски Евреи од скопскиот монопол пред депортацијата во Треблинка им пренеле порака на партизаните каде го имаат сокриено семејното злато во своите куќи, со барање тоа да биде искористено во народноослободителната борба и за народно добро, како и што се случило. А, на штипјани од некогашните сограѓани им остана и рецептот за омилените еврејски семки.
– Евреите беа многу вредни луѓе. Заработуваа и од она што се фрлаше. Собираа семки од кајсија, ги кршеа, ги вадеа јатките, потоа ги превриваа во девет води, па ги печеа и потоа продаваа. Еврејските семки беа омилен специјалитет, особено за вечерни прошетки, кога се купуваа од улични продавачи – стои запишано во сеќавањата на штипјани за сограѓанте Евреи пред Втората светска војна.
Еврејските семки во Штип и денес се продаваат во семкарниците, на спортски натпревари, се служат како апетисани и во некои штипски ресторани. Многумина штипјани ги прават и дома, а рецептот последниве години се проширува и во соседните градови.
Споменикот, на кој се напишани и имињата на сите околу 550 загинати штипски Евреи во Треблинка, е во реонот на нивното некогашно маало
ПРЕД ПЕТ ВЕКА ВО ШТИП ЖИВЕЕЛЕ 38 ЕВРЕЈСКИ СЕМЕЈСТВА ДОЈДЕНИ ОД СОЛУН
Во почетокот на 16. век во Штип живееле 38 еврејски семејства дојдени од Солун. Во 1899 година нивниот број се зголемол на околу 200, со околу 800 луѓе, но по балканските и Првата светска воја имало опаѓање.
Штипските Евреи главно биле занаетчии и трговци, малкумина богати, а повеќето сиромашни. Имале соживот и добри односи со Македонците и со другите жители на градот.