Вонредна состојба во државата, вонредна состојба во економијата, која ги затвори угостителските објекти, продавниците, пазарите, а дел од вработените останаа дома. Многу бизниси се водат од далечина, од софата во дневната соба. Коронавирусот ја забави економијата, а во одредени сектори и сосема ја стопира, што особено го почуствуваа малите бизниси по локалните средини. Први на удар се транспортерите. Камионите на штипската транспортна компанија „Балекс“ најчесто возеа во Италија, каде дел и се затекнаа со раширувањето на заразата во оваа европска земја. Сопственикот Ангел Велинов вели дека неколку камиони се вратени во Штип, додека дел останаа заробени на хрватско – српската граница.
-Целиот возен парк е стопиран. Тој во Македонија не е во можност да излезе, со што не може да ги опслужуваме странките. Камионите што се по Европа се заглавени. Бидејќи повеќе возевме по Италија, камионите се заглавени на српско – хрватската храница на хрватска страна не ги пуштаат. Вчера пропуштија неколку возила, а другите останаа и стојат по неколку дена. Возачите немаат што да јадат, што да пијат, нема каде да одржуваат хигиена. Од страв од една болест, можат да добијат друга, изјави Велинов.
За оваа компанија проблем е и владината мерка за задолжителна изолација, бидејќи возачите кога ќе дојдат дома, остануваат 14 дена и не можат да возат.
Од транспоретерите ќе зависи дали деновиве ќе пристигне материјалот за нарачката од Германија за штипската конфекција Брајнер. Оваа конфекција со триесетина вработени очекува во следните денови да пристигнат материјалите, за кои немаат информација дали ќе тргнат кон Штип. Сопственичката Емица Неткова кратко изјави дека дали конфекцијата ќе продолжи да работи во следниот период, директно ќе зависи од умешноста на транспортерите да го донесат материјалот во услови на затворени граници, а со тоа и дали овие триесетина работници ќе имаат работа.
А од потрошувачката на Германија зависи работењето на компанијата „Мода“ од Свети Николе. Производството во оваа компанија целосно е наменето за германскиот пазар, кој во услови на пандемија, најмалку е насочен кон купување облека. Ова го потврдува директортот Ангел Димитров, кој вели дека до четври април треба да го испорачаат налогот што сега го работат, имаат уште нешто работа до крај на април, но потоа ќе видат дали воопшто ќе работат.
-За мај веќе никој не ни гарантира дека ќе има нови порачки. Проблемот е што тука во април се менува сезоната. Ние сега ги испорачуваме последните пратки за оваа сезона и после почнуваме за следната сезона. Никој не може да каже дали ова ќе трае месеце, два или три. И ако ја изгубиме само оваа сезона, компаниите кои немаат некои големи кредити, големи обврски, мислам дека ќе преживеат со големи штети, но компаниите кои користат кредити, без некоја значајна државна помош нема да можат да преживеат, изјави Димитров.
Околу 700 вработени на „Мода“, која е делумна сопственот на германски бизнисмен, според зборовите на Димитров, ќе можат да сметаат на сигурна една плата во периодот што следи, меѓутоа за понатаму е неизвесно. Димитров, кој е претседател на Организацијата на работодавачи, вели дека и досегашните мерки на владата за некои компании се проблем да ја одржат својата ликвидност.
-Има компании кои верувам дека со уште оваа плата ќе ги затворат фабриките, затоа што ако немаат прилив на нивните побарувања, а се во состојба да чекаат ден или два да дојде приливот да земат плата, тогаш мислам дека тие немаат никаква шанса да опстанат. За нив доволно е и тоа што мерките на владата направија да останат дома дел од вработените по основа на чување на деца, карантин, изолација веќе се доволна причина да ја затворат компанијата, а камоли другите проблеми како немање репроматеријали и недобивање на налози. Она што ни го кажуваат нашите партнери во Германија е кратењето на работното време на четири часа, ама германската влада им ги плаќа другите четири, кажа Димитров.
Германската влада најави дека на работодавачите ќе им бидат покриени комплетните трошоци за социјалните придонеси за несработените часови. Така компаниите не мора да отпуштаат вработени од работа, а сепак ќе може да ги намалат трошоците. Владата на Малта ќе потроши три милиони евра за исплата на дводневна или еднодневна заработувачка на најзагорзените меѓу 20.000 и 40.000 работници. Грција ќе исплати по 800 евра за секој вработен во најтешко погодените компанија, како и дополнителни 800 евра што ќе остане без работа од први до 18 Март, соопшти неделава грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Некои компании веќе почнаа да им ги менуваат договорите на своите вработени, други им напиша решенија за користење на годишен одмор. Во Организацијата на работодавачи некои од членовите планираат да се повикаат на членот 122 од Законот за работни односи, кој предвидува прогласување на колективен годишен одмор, каде се исплаќа плата од 70% од платата за период до три месеца во тековната година. Други пак размислуваат да се повикаат на одредбата „виша сила“, кога работникот не може да ја врши работата и има право на половина од платата, на која инаку би имал право, ако би работел (Закон за работни односи).
Владата предложи компаниите да подготват свој план за реструктуирање, односно адаптирање на работењето според новите услови што ги налага состојбата на корона вирусот.Најтешко ќе им падне на новите и мали бизниси, како што се тие што први затворија – во угостителството. Нино Сотировски, кој е сопственикот на пицерија во Гостивар, вели дека додека локалот е затворен, загубите се од два типа.
-Првиот тип на загуби ни се финасиски, во смисла на немање помош, затоа што фирмата е затворена, воошто не работи, а трошоците остануваат, како ќирија, режиските трошоци…Вториот тип на загуби, доколку се одложи состојбата и пицеријата остане затворена, ни се загубите со материјалите што ги користиме за подготовка на храна. Ние сме мала фирма и нов субјект на пазарот, се сомневам дека може да функционираме вака повеќе од три месеци, секако доколку приватно, како сопственици ги дотираме платите на вработените, изјави Сотировски.
Платите се проблем за компаниите, а неисплаќањето на редовна плата значи неможност граѓаните да можат да ги плаќаат своите месечни трошоци и ратите за кредит.
Владата излезе со неколку мерки, како обезбедување на бескаматни кредити, субвенции од фонд од 74 милиони денари за најпогодените гранки како туризмот, угостителството и транспортот, како и пролонгирање на плаќање на некои од даноците. Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, рече дека мерките треба да им помогнат и на други ранливи компании, бидејќи не смее да се загуби ниту едно работно место.
-УЈП рачно ќе ги пресметува другите погоедени, кои ќе имаат намалена економска економска активност овие месеци, кои што ќе имаат одреден процент на вработени поради мерките на владата се дома, но истите тие не се затворени, туку е со намален обем. Дополнително препорачавме на фабриките, за да не стигнеме до момент на затаварање на цели погони, да се организираат во четири смени, да редуцираат, да дезинфицираат, за да немаме застој на производството. Можеме да го видиме примерот на Дебар, со Кнауф, кој е регионален снабдувач, каде и покрај кризната состојба, не застана и редовно работи, изјави вицепремиерката Царовска.
Таа уверува дека нема да има сериозни последици по вработените, кои во случај да остнаат без работа, од Агенцијата за вработување со обезбедени со надоместок во случај на невработеност.
Се проценува дека во трите засега најзагрозени гранки – угостителството, транспортот и туризмот има околу 220.000 работници. Од Советот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека борбата е за работните места.
-Ние до владата упативме уште едно барање – на сите работници да им се исплаќа нето плата, а придонесите да бидат одложени на неопределено време и да се исплататат тогаш кога ќе се стабилизира стопанството. ССМ прво се залага за зачувување на работните места, ќе треба заеднички да седнеме социјалните партнери, бидејќи кризата ќе помине, а ние пак ќе треба да седенеме, да работиме и да придонесуваме за нашата држава да биде ликвидна во секое поле и секој сектор, рече Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Глобалната епидемија ги стави на испит големите и стабилни економии. Македонската економија и граѓаните кои придонесуваат во неа, најголемиот испит го имаа во 2001 година, во време на кризната состојба. Оваа, со коронавирусот е нов испит.