Во животот на една од најпочитуваните пејачки на овие простори, Тереза Кесовија имаше болни моменти и големи трагедии кои оставија длабока трага. Таа пораснала во Дубровник со својот татко Антун, маќеата Јела и братот Перо. Биле сиромашни, но пејачката со задоволство се сеќава на тој период – пишува Biografija.org.
Мајка ѝ починала кога таа имала само еден месец, па нејзиниот татко набргу се оженил со друга жена која не можела да има деца.
„Јас не сум имала ниту еден месец кога мојата мајка починала. Во Дубровник во 1938-та година немало ефикасни лекови против сепса и труење, па сум станала дел од една семејна трагедија уште пред да бидам свесна за сопствениот живот. Никогаш подоцна не дознав што всушност се случило со мојата мајка во породилиштето и која болест ја предизвикала нејзината смрт“, раскажала Тереза своевремено за хрватските медиуми.
Таа ја добила целата љубов од нејзината маќеа. Кога имала седум години станала дел од хорот на радио станицата Дубровник и така ја засакала музиката. Сакала да оди во музичко училиште, но маќеата инсистирала таа да научи занает поради што се запишала во стручно училиште.
Набргу го напуштила училиштето, а завршила Средно музичко училиште отсек флејта. Овој инструмент сепак бил многу скап, па таткото на Тереза продал прасе за да може да ѝ го купи на ќерка си. Напорно вежбала и победувала на бројни музички натпревари. Потоа се запишала на Музичката академија во Загрев и свирела во симфонискиот оркестар на радио Загреб. Дипломирала на отсек за флејта.
Во 1965-та година почнала да настапува и во Франција. Инаку, за време на студиите на Музичката академија во Загреб го запознала својот прв маж, Миро Унгар со кого го добила првиот син Алан. По разводот со него, Тереза се омажила за хрватскиот спортист, Роналд Лопатни со кого имале многу бурен брак. Во 2010-та година пејачката објави автобиографија во која ги опиша најтешките моменти од својот живот. Еден од нив се однесува на војната во која нејзиниот дом бил запален. Следниот ден дознала дека нејзиниот брат загинал во сообраќајна несреќа. Потоа преживеала и рак на бубрезите, а имала и неколку операции на гласните жици. Голем удар за неа била смртта на жената која ја сметала за своја мајка.
Извор: stil.kurir.rs