По 10 дена од разорните земјотреси кои погодија делови од Турција и Сирија надежта за пронаоѓање преживеани во урнатините секојдневно се намалува.
Сепак, дури и кога надежта ја снемува чуда се случуваат. Благодарение на натчовечките напори на спасувачките и волонтерски тимови кои деноноќно ги пребаруваат урнатите згради и денес се спасени неколку животи и тоа мајка и двете деца.
Збунетата жена ги прашала спасувачите „Кој ден е денес? откако таа и нејзините две деца биле извлечени од урнатините во Антакија и 228 часа по разорниот земјотрес, а локалните медиуми спасувањето го нарекоа чудо.
Спасувачите сè уште прават натчовечки напори, ги пребаруваат урнатините за преживеани, пркосејќи им на предвидувањата дека времето за преживеани е завршено.
Членот на спасувачката екипа Мехмет Ериилмаз го опишал моментот кога ги нашле мајката и нејзините две деца и ги извлекле на слобода.
„Мајката беше среќна што не виде. Прво ја држев за рака. Разговаравме и ја смиривме“, изјави тој за Анадолија, додавајќи дека мајката прво побарала вода, но дека поради околностите не смееле да направат ништо без интервенција на прва помош. Потоа ги прашала своите спасители: „Кој ден е денес?
Спасената жена се вика Ела и има две деца, девојче и момче, кои заедно со неа биле извлечени од урнатините. Анадолија извести дека се работи за странска државјанка, но не ја наведоа нејзината националност.