Што кога емоционалниот манипулатор е некој од нашето работно опкружување, дали неговото однесување може да биде пречка за нечиј кариерен напредок?
-Она што е за очекување е емоционалниот манипулатор да има големо влијание врз вработените и самиот процес на работа.
Работникот кој емоционално манипулира со останатите ќе се обиде да го искористи работниот ден за да постигне професионален успех на начин што ќе влијае врз чувствата на другите и нивните професионални активности и продуктивност. Емоционалниот манипулатор често пати нема директно да укаже кога некоја грешка ќе биде направена, туку напротив, тоа ќе го истакне како нешто кое е ужасно и индивидуата кон која е насочена реакцијата ќе се посомнева дали нешто кое што е во природата на човекот е нормално или не, а тоа е дека некогаш постапува добро, но, некогаш и греши.
Манипулативното однесување е позитивно поврзано со контрапродуктивно однесување во работата, што значи, доколку се зголемува емоционалната манипулација од страна на вработен/и, ќе се зголемува и непродуктивноста од работењето. Тоа е за очекување затоа што негативните последици кои ги предизвикува емоционалната манипулација кај лицата кон кои е манифестирана, ќе резултираат со чувство на вина, постојано преиспитување на себеси и сопствените постапки, како и појава на несигурност во поглед на правилно реализирање на работните активности, но за очекување е и целосно повлекување од работата како резултат на недовербата во сопствените знаења и способности.
Покрај тоа, манипулацијата може да предизвика конфликт меѓу соработниците и негативно да влијае на интересите на луѓето со кои се манипулира. Поконкретно, ако манипулативните менаџери ги користат своите вештини за да го добијат она што го сакаат по цена на другите вработени и самата организација, тоа може да има лоши последици. Така, емоционалната манипулација може да стане несакано однесување во одредени услови, особено кога се користи за антисоцијални цели.
Покрај тоа што тие влијаат на целата работна средина и на самите вработени, емоционалните манипулатори можат да влијаат и врз нечие професионално унапредување. Знаејќи ја сопствената некомпетентност неопходна за унапредување, тие умешно се насочуваат кон она што најдобро го знаат (манипулирање со емоциите на другите) како би го постигнале тоа што го посакуваат. Нормално, пак за сметка на нечија емоционалност. Тие би го минимизирале реалниот успех на другиот, би се ставиле во улога на жртва така што би истакнувале дека самите се заслужни за истиот, но, истакнувајќи дека тоа не им е валоризрано по реален критериум.
Како да се справиме со емоционалните манипулатори?
Сознанието дека сме цел на нечија емоционална манипулација е важно да биде проследено со тоа што нема да се обвинуваме самите себеси. Напротив, најпрво да го прифатиме фактот дека сме дел од некој круг на емоционално манипулирање па да најдеме решение како да излеземе од истиот.
Емоционалната манипулација може да остави последици и по менталното здравје на луѓето, да ги доведе во состојба на апатија, анхедонија, депресија, но и да се посомневаат во себеси и своите потенцијали, капацитети и способности. Процесот на градење емоционална интелигенција е од голема важност за нас самите, а тоа подразбира препознавање на сопствените емоции, причините за истите, ситуациите во кои се јавуваат, како и соодветно постапување. Способноста за брзо и соодветно да ги препознаваме и реагираме на емоциите и поведенијата на другите со кои сме во интеракција е предност која ни овозможува да покажеме како се чувствуваме и која стратегија да ја примениме, односно, јасно да го вербализираме она што не ни се допаѓа од страна на другиот а сме дел од заедничка комуникација. Недостатокот од таква способност му овозможува на емоционалниот манипулатор да влије врз нашите чувства и поведенија. Асертивната комуникација е корисна и важна алатка во справувањето со емоционалната манипулација доколку истата ја искусуваме. Таа ни овозможува да ги одбиеме неразумните предлози кои може да ги добиеме од индивидуата која манипулира со нас, јасно да кажеме кои работи не ни се допаѓаат, како и тоа да побараме да бидеме третирани на начин во интерперсоналната комуникација на кој сметаме дека за нас е прифатлив и во која се чувствуваме пријатно.
Човеково право е да се повлечеме од комуникација во која препознаваме манипулативни елементи од страна на другиот. Нормално е и некогаш да не успееме самите да најдеме решение за емоционалните манипулатори кои се околу нас, па затоа, посетата на психотерапевт може да биде од корист за нас.
Терапевтот умее да направи јасна дистинкција помеѓу она што е манипулативно и она што не е, и во самиот тераписки однос да дискутира за тоа што е она што нам ни користи, а што не, како и тоа да ни помогне да сфатиме што е здраво за нашата добросостојба, а што не. Знаењето и објективното гледиште на терапевтот можат да бидат клучни за спречување и справување со емоционалните манипулации доколку ги искусиме во иднина.
Вања Мицевска