Отпадот во регионалната депонија Русино ќе се расфрла и ќе гори без контрола најмалку уште половина година. Планот да се формира претпријатие кое ќе се грижи за селекцијата и третирање на комуналниот смет не се исполни. Како пречка за реализацијата се корона-кризата и предвремените избори. Законите забрануваат да се назначи раководен орган во предизборие.
Депонијата Русино изминатив месец гореше на два пати. Покрај чадот и смрдеата, во воздухот надвиснаа и прашања. До каде е иницијативата за конечно решавање на проблемот кој повеќе од две децении е дел од ветувањата на политичарите и кога ќе конечно овој галиматијас ќе заврши?
Еко активистите деновиве го подигнаа гласот. Реагираат на зголемните вредности на загадувањето на воздухот кога гореше отпадот и се жалат на непријатниот мирис. Во последната оценка на невладината организација ЕКО ГВ беше наведено дека Русино е темпирана бомба и е директна закана по здравјето на луѓето и животната средина. Најголемиот страв е повторување на состојбата од минатото лето кога гостиварци десетина денови се гушеа во отровен чад. Огнот на депонијата го разгореа политичките пресметки во институциите.
ММС спроведе едно мало истражување за даде ново светло на состојбата. Ќе дадеме одговори на некои прашања: до каде е иницијативата за современо депонирање и дали во предвидениот рок ќе се формира претпријатието кое ќе управува со комуналиот отпад во полошкиот регион.
Закочено формирањето на јавно комунално претпријатие за девет општини ЗЈП „Русино/Полог“.
Изминативе две децении имаше неколку неуспешни обиди да се воспостави ред со одлагањето на комуналниот отпад во полошкиот регион. Работите до денес се без завршница. Последната иницијатива потекна од Центарот за развој на Полошкиот плански регион. Динамиката на работите се одвиваше добро, но заради околностите поврзани со предвремените избори и кризата со кронона-вирусот, работите застанаа. Некои од зацртаните активности ќе продолжат дури за два до три месеци.
Предвиденото решение за справување и управување со отпадот во полошко се вклопи во рамки на проектот “Управување со цврст отпад во Полошкиот регион“. Во првата фаза од овој проект предвидено е формирање на Заедничко регионално јавно претпријатие за управување со цврст комунален отпад во Полошкиот регион. За оваа намена преку проектот што е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања -SECO- обезбеден е грант од 1,9 милиони швајцарски франци. Деветте општини издовоија и пари за оснивачкиот фонд, вкупно 1,2 милиони денари.
Новото претпријатие е регистрирано во Централен регистар. Доби име ЗЈП „РУСИНО/ПОЛОГ“ (Заедничкото регионално јавно претпријатие за управување со отпад во Полошкиот плански регион ЗЈП „РУСИНО/ПОЛОГ“) и времен директор или вршител на должноста.
Од Полошкиот плански регион потврдија дека се доцни. Закочен е делот на формирање раководни органи на претпријието кое ќе управува со отпадот од деветте општини. Се чека на „зелено светло“ од општинските совети и соодветни одлуки. Тие, заради корона кризата не заседавале.
– Решението за регистрација на претпријатието е издадено на 04.03.2020 година. Поради прогласената вонредна состојба во државата и воведувањето на рестриктивните мерки, постапката за формирање на претпријатието беше прекината, изјави за ММС Славко Костоски одговорен во единицата за управување со проектот во Центар за развој на Полошки плански регион.
Костоски појаснува дека во завршната фаза од постапката предвидено е сите 9 општини да донесат одлуки за именување на членови во Управниот и Надзорниот одбор и прифаќање на нацрт одлуката за формирање на УО на ЗЈП Русино. Во меѓувреме како што вели, единицата за Управување со проектот до претседавачите на советите на сите девет општини ги достави нацрт – Откако ќе се конституираат органите на претпријатието, членовите на УО на седница потребно е да ги усвојат нацрт Статутот и функционалната анализа на претпријатието. Имајќи ги во предвид планот за динамика на активностите и условите за работа, постапката за регистрација на ЗЈП Русино/Полог предвидено е да заврши кон крајот на јули 2020 година, подвлекува Костоски
Гостиварци најзаинтересирани за Русино
Донесени се и правила за целата постапка кои ставени на хартија. Според договорот, меѓу локалните самоуправи, Вршител на должноста Директор до избор на Директор именува Управниот одбор на ЗЈП „РУСИНО/ПОЛОГ“. Мандатот на Вршителот на должноста директор престанува со избор на директор или со истекот на период од 6 месеци од донесувањето на одлуката за Седиштето на претпријатието ќе биде во Гостивар и предвидено да има две претоварни станици кои се организирани како подружници:
– Претоварна станица (ПС) Подружница во Тетово- каде ќе се транспортира отпадот од општините Желино, Теарце, Јегуновце, Тетово
– Претоварна станица (ПС) Подружница Маврово и Ростуше- каде ќе се транспортира отпадот од општината Маврово и Ростуше.
Комуналните претпријатија и натаму ќе постојат, а во делот на собирање и депонирање на отпадот ќе соработуваат со новото прептријатие.
Првиот човек на гостиварската општина Арбен Таравари пред да биде избран за градоначалник вети решавање на проблемот со отпадот. Тој и неговите колеги од деветте општини решија преку полошкиот плански регион да се најдат конечен излез. Таравари оценува дека се пробиени роковите
– Работата требаше одамна да биде завршена, но како и многу други работи и оваа за жал доцни. Не знам зошто бидејќи целиот процес е во надлежност на администрацијата во полошкиот плански регион. Нашите обврски ги исполнивме и помогнавме, бидејќи таа е во нашиот атар и најмногу сме заинтересирани. Ние го дадовме и предлогот за вршител на должноста директор, но досега немаме конкретни информции за текот на постапката, вели Арбен Таравари
Некогашниот потпреседател на македонскиот паралмент Бесим Догани сé уште чека на новата функција.
Депонија и селекција на отпад по европски терк
Откако изминативе години не успеаа иницијативите за соодветен третман на отпадот во еден од најснаселените региони во Македонија граѓаните трпеа. Се случија неколку сериозни еколошки инциденти.
Најсвежи се примерите кога Тетово се гушеше во смет. Илјадници тони се трупаа на претоварната станица во централното градско подрачје. Од нив се ширеше чад и смрдеа. Депонијата Русино заради несоодветен третман, почна да ги загадува подземните води и полето во селата Долна и Горна Бањица. Тамошните жители во повеќе наврати со протести ги блокираа приодите за камионите кои носеа отпад. По ветувањата од институциите тие ќе попуштеа и пак сé во круг, повеќе од две децении. Пропадна и иницијативата за јавно-приватно партнерство која пред шест години дојде до завршната фаза. Се потрошија и време и пари. Незадоволството на гостиварци беше највидливо минатато лето кога огнот на депонијата гореше една недела.
– Русино е локација на која се депонира отпад од секаков вид и без контрола. Таму се фрла пластика, батерии, гуми, текстил, хартија, лекови и што уште не. Тоа е нестандардизирана депонија и преставува висок ризик за животна средина. Состојбата е доведена до степен на темпирана еколошка бомба особено во летниот период. Гостиварци тогаш на своја кожа најмногу ги чувствуваат последиците од палењето и се директно изложени на опасниот чад и непосносливата смрдеа која се шири, вели Валентина Штерјоска од еколошко друштво Гв Еко.
Приморани да најдат решение, градоначалниците седнаа и се договрија: Депонија и собирање на отпадот по европски стандарди.
Депонирањето и собирањето на комуналниот смет влезе во проект што го финсира швајцарската агенција за развој. Тој предвидува: набавка на контејнери за сите 9 општини, подобрување на условите во депонијата Русино. Спречување на загадувањето на почвата и подземните води. Системи за рециклирање и селекција на отпад, камиони, нови контејнери. Токму овие активности треба да ги спроведува заедничкото претпријатие кое сé уште не е формирано.
До конечното решение, депонијата Русино повторно ќе гори, а опасниот чад и неконтролираното одлагање на смет и натаму ќе бидат сериозна закана по здравјето на граѓаните и животната средина.