Зборот манипулација има потекло од латинскиот збор manipulation и значи вешто, стручно ракување или управување. Во буквален превод, емотивниот манипулатор би бил некој кој знае како да управува со емоциите. Сепак, кога зборуваме за емотивен манилупатор мислиме на личност која управувајќи со емоциите на другите ги остварува своите лични цели и интереси. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува Драгица Стаменковиќ, лиценциран психолог, семеен и системски советник.
ММС и претходно пласираше интервју со психолог во врска со влијанието на луѓето кои манипулираат со туѓите емоции, но ден по одбележувањето на Св.Валентин кога ширум светот се празнува љубовта, зборуваме за навиките и однесувањата на манипулаторите како партнери, односно за врските кои не се темелат на здрава основа. Како да препознаете дали личноста со која сте во врска манипулира со вас, како тоа би можело да се одрази на вас и како да возвратите се само дел од прашањата на кои за читателите на Македонски медиа сервис одговара Стаменковиќ.
Како да препознаеме дека сме жртва на манипулатор?
-Емотивната манипулација подразбира влијание врз друга личност низ искривување на реалноста и емотивно искористување, со цел жртвата да се искористи/потчине и да и се одземе чувството за контрола и моќ. Воопшто не е едноставно да го препознаеме манипулаторот во врската, посебно ако знаеме дека секој може да биде манипулатор и сите во некоја ситуација сме манипулирале свесно или несвесно. Меѓутоа, кај некои луѓе манипулацијата е нивното „второ јас“ и без неа тие не знаат како да функционираат. Во партнерска релација со овие личности, чувствата на вина, срам и тага се често присутни, поради тоа што манипулаторите знаат како да ги откријат слабите точки на партнерот и да ги искористат против нив, имаат одлична моќ на убедување и често пати ги убедуваат партнерите да се откажат од своите приоритети, само за да им служат на нивните себични интереси.
Дали луѓето кои управуваат со туѓите емоции без проблем може да одречат нешто што претходно самите го кажале?
-Тие се експерти во рационализации, оправдувања и објаснувања, радо прифаќаат да ни помогнат и да ни бидат на услуга, но после тоа негодуваат, воздивнуваат и прекоруваат, предизвикуваат чувство на вина и сочувство кај партнерот и никогаш не му дозволуваат на партнерот да биде поголема жртва од нив самите.
Она што е карактеристично за сите емотивни манипулатори е што на секој обид на партнерот да разговараат или да укажат на таквото однесување, манипулаторите длабоко се навредуваат, лутат и дистанцираат, а партнерите ги обвинуваат за себичност, недоволно залагање, посветеност и грижа, што кај партнерите предизвикува константно чувство на вина, а кое со текот на време се претвора во себеобвинување.
Дали нивното манипулативно однесување се одразува и во сексуалниот живот? Може ли преку интимата да создадат слика на жртвено јагне за себе, или пак, одредени сексуални неуспеси да ги покриваат со манипулацијата?
-Секако дека да. Манипулаторот никогаш за ништо не може да биде виновен, така што и за своите сексуални неуспеси ќе најде оправдувања или ќе го обвини партнерот. Емотивните манипулатори, слично како и нарцисоидните структури на личност многу често имаат внатрешно чувство на дефектност, кое го пренесуваат на партнерите низ вина или срам, а истото го прекриваат низ привид на самоуверено однесување.
Колку емоционалните манипулатори се свесни всушност за своите обиди преку кои сакаат да доминираат во врската? Дали кога намерно создаваат чувство на вина кај партнерот/партнерката постои простор за сомнеж во љубовта на манипулаторот или постојат манипулатори кои не се свесни за постапките?
-Кога станува збор за пореметувања на личност, најчесто емоционалните манипулатори се несвесни или доколку се свесни не знаат на кој начин да го променат образецот на однесување и во овој случај психотерапијата е од голема помош. Од друга страна, секогаш постои простор за сомнеж во љубовта поради тоа што манипулаторите во потполност се оптеретени со себе и несвесни се за желбите и потребите на партнерите.
-Доминантни емоции кои се раѓаат во партнерска врска со емотивниот манипулатор се вина и срам кои водат кон себеобвинување. Вина поради тоа што не правиме доволно за партнерот, не ги разбираме неговите потреби, не му даваме доволно љубов, а срам поради нашите постапки. Ако нашата партнерска врска наликува на ролеркостер со големи воздигнувања и падови и во истата не се чувствуваме вистински поврзани со партнерот, тогаш тоа е силен предупредувачки знак да се запрашаме за присуството на емотивната манипулација во врската.
Кое е решението за кажување „стоп“ на обидите за манипулација? Дали таквите врски треба да прекинат или сепак постои начин да се дојде до решение?
Секогаш да бидеме свесни за своите човекови права и тоа:
- Имаме право да бараме кон нас да се однесуваат со почитување
- Имаме право да ги изразуваме своите мисли и чувства, без за тоа да бидеме обвинети
- Имаме право на свои лични приоритети
- Имаме право да кажеме „не“ без чувство на вина
- Имаме право на различно размислување
- Имаме право да се заштитиме од емотивна, физичка и психолошка болка
- Имаме право на среќен и здрав живот
Ако сме свесни за своите права, ќе знаеме како да се справиме со емотивниот манипулатор. Најдобра одбрана од нив е дистанца, а во комуникација да им поставуваме истражувачки прашања, со кои ќе ги поттикнеме на сомнеж и преиспитување.