Единствената официјална донација којашто минатата година ја добила општина Струмица се 50 електрични тротинети и 50 заштитни кациги. Интересно во врска со оваа донација е тоа што истата и не е преземена, поради, како што вели струмичкиот градоначалник Коста Јаневски безбедносни причини, како истите да се вклучат во сообраќај и кому би се поделиле. Оваа донација е од Здружението на граѓани БМВ Струмица и сумата за тротинетите не се споменува.
Донацијата не е земена, но решението од Министерството за правда е донесено. Тоа значи дека донаторот добил ослободување од данокот за дадените тротинети.
Општината е внимателна со приемот на донации, но затоа пак нема проблем да се јави во улога на донатор.
Првиот човек на Одборот за организација на Струмичкиот Карневал, Александар Цицимов, вели дека за организацијата на карневалот минатата година добиле 2,5 милиони денари од општината, а од Министерството за култура, 1,1 милион денари. Останатите средства ги обезбедуваат преку донации и спонзорства. За 2019 година биле потрошени околу 5 милиони денари, што значи од спонзори се собрани 1,4 милиони денари. По објавување на повикот со заинтересираните спонзори и донатори, се склучува договор и се утврдуваат условите на кој начин ќе се одвива соработката.
,,Во секој момент на веб страната на карневалот можат да се видат логоата на сите спонзори. Колку средства се потрошени и за што се потрошени, за што доставуваме програма до Советот. Немаме обврска да ги наведуваме сумите коишто ги дале и донаторите и спонзорите“, вели Цицимов
Иста е постапката и во врска со транспарентноста за спонзорите и донаторите за Струмица Опен фестивал, којшто комплетно го реализира невладиното здружение ,,Културен Забавен Живот“, тврди одговорната за односи со јавноста, Гонцe Горѓиева.
,,Фестивалот од општината во 2019 година доби 3 милиони денари, исто толку и од Министерството за култура. Останатото е обезбедено од спонзори и донатори. Сите нивни логоа имаат свое место на брошурите на коишто се печати програмата на фестивалот и секаде како што е предвидено со договорот којшто се склучува со спонзорите и донаторите“, вели Ѓоргиева.
За тоа колку и каде се потрошени парите што ги добиваат од општината, се доставува и усвојува извештај во Советот, исти таков извештај се доставува и до Министерството за култура, додава Ѓоргиева.
Единствен официјален донатор за Струмица Опен фестивал , со решение одобрено од Министерството за правда е донацијата од 40.740 денари на ЕВН Македонија .
Од опозицијата во Струмичкиот совет, велат дека нема транспарентност во информациите коишто се однесуваат на финансирањето на културните манифестации.
„Донациите коишто генерално се добиваат од странство и со коишто се финансираат одредени проекти на општината ги гледаме во кварталните и годишните извештаи и отприлика знаеме за што станува збор, меѓутоа има и други донации и спонзорства за кои ние немаме информации. Најчесто тоа се средства со коишто се финансираат активностите од културно-забавниот живот. Во неколку наврати побаравме отчет за сите тие средства, но она што го дибиваме се’ само за средствата коишто ги дава општината, но не и за останатите спонзорства и донации“, вели советничката Ели Панова.
Според Панова тоа наведува на заклучок дека можеби постои корупција.
,,Секогаш кога нешто е задскриено , кога не е транспарентно , кога не е доволно јасно и да нема никакви намери, создава забуни и се разбира дополнителни прашања “, смета Панова.
Тука посебно станува збор за средствата коишто се собираат од давањето на тезги за време на одржувањето на фестивалот, колку пари се собираат, на кои сметки се уплаќаат, за што се потрошени тие средства и зошто за нив нема отчет пред граѓаните .
Ѓоргиева вели дека за средствата што ги добиваат од спонзорите во пари или други услуги немаат обврска да даваат отчет. Тезгите коишто се поставуваат за време на поголемите и помасовни настани ги издава Здружението КЗЖ. Средствата се уплаќаат на сметката на Здружението и на тој начин собираат околу 30% од средствата потребни за реализација на бројните активности.
На Струмичкиот каренвал минатата година на кој имаше околу 2500 учесници, градот го посетија над 10.000 гости, на Опен фестивалот кој во 2019 година го имаше своето осмо издание во текот на десетнеделната програма, го посетиле 250.000 гости кои ги следеле предвидените содржини. Колку заработи општината, бизнисот и организаторот остануваат бројки кои јавно не се објавуваат.
Во прегледот на спонзорите и донатори на Струмичкиот карневал и Струмица Опен фестивал можат да се забележат фирми коишто традиционално се јавуваат како донатори и спонзори и на двете манифестации.
Овие фирми освен ослободување од данок по основ на спонзорство, се офајдиле и со по некоја јавна набавка од општината.
Фирмата Графосервис во 2019 година добила од општинските јавни набавки вкупна сума од 16.232 евра, Никоб – 53.698 евра, средства во која е вклучена и услугата од оваа година, хотелот Сириус – 8.716 евра.
Ова значи дека за услугите на овие спонзори општината објавува и огласи за јавни набавки, а освен средствата што се одвојуваат за организација на манифестациите, ги финансира и организира коктелите и други активности.
Минатата година, општина Струмица доби донација и од Владата на Република Бугарија во износ од 138 илјада евра. Овие средства беа наменети за Повеќенаменскиот социјален центар наменет за здруженијата на граѓани. Дел од средствата беа обезбедени и од Фондацијата отворено опшество Македонија.
Бугарската Влада донираше возило за организиран патнички превоз на лица од ранливите групи, првенствено за деца со попреченост.
Тоа е и еденствената донација којашто ја споменува градоначалникот на Струмица Коста Јаневски за 2019 година. Според него граѓаните секогаш на транспарентен начин се информираат за секоја донација.
Освен за бројните културни манифестации коишто годишно се организираат во општина Струмица, општината одвојува и средства на граѓаните , за спортски клубови и спортски натпревари.
Минатата година се поделени 870.000 ден на лица оштетени при пожар или за лекување. За организација на Отворени забавни фудбалски школи 2019 е издвоена сума од 150 000 ден. Во 2018 се поделени 1.200.000 денари, во 2017 година 150.000 денари .
Што се однесува до јавните набавки на општините, струмичката фирма Универзал-градба, дефинитивно е фирма којашто го има добиено најголемиот колач, за четири години 3.645.160 евра. Оваа фирма во 2016 година добила јавни набавки во вкупна вредност од 1.290.000 евра, во 2017 година – 1.253.064 евра, во 2018 г – 1.096.774 евра а нешто помалку во однос на изминатите години има во 2019 година-325.203 евра. На второ место е Струмица Експрес којашто во 2018 добила јавни набавки во вредност од 771.142 евра и во 2019 година 425.846 евра или вкупно 1.196.988 евра. На трето место е фирмата Изолација Скопје којашто за 2017 и 2018 година добила јавни набавки во вкупна вредност од 841.971 евра.
Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Подарок под рака ”, во имплементација на-ЗГ Медиа Плус , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.
Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на –ГЗ Медиа Плус – и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.