„Идејата за отворање радио ми се роди пред околу три децении во еден мал стан во скопска Кисела Вода кога бев апсолвент на социологија, и, иако имаше многу препреки, веднаш почнав со реализација на тој пионерски чекор“, вели Горан Гаврилов, основачот на националното радио со седиште во Штип – „Канал 77“, кое почна со работа во приватна куќа, а денес има современ Мултимедијален центар, во кој се радиото, интегрираната редакција, порталот ММС, телевизиско студио, конгресна сала, радио-кафе, летна сцена…
Од една желба и студентска идеја од пред три децении се роди и веќе 29 години успешно функционира радиото „Канал 77“, еден од најпознатите македонски електронски медиумски брендови. „Канал 77“ вчера го прослави 29. роденден, а од денеска влегува во триесеттата година постоење. Патот од идеја до реализација не бил лесен, а првите чекори беа направени во периодот на распаѓањето на Југославија и осамостојувањето на Македонија. Впрочем, радиото официјално почнува со работа на 4 октомври 1991 година, 25 дена по референдумот за осамостојување на Македонија. На тие денови се присетува Горан Гаврилов, основач и управител на „Канал 77“, чие седиште е во Штип.
„Во тие времиња беше тешко да се замисли приватен медиум“
– Идејата ми се роди во еден мал стан во скопска Кисела Вода кога бев апсолвент на социологија во Скопје. Тогаш, во декември 1989, излезе Законот за јавно информирање, со кој се даваше можност за основање приватни медиуми. Токму во тој стан им ја кажав идејата дека сакам да се зафатам со такво нешто, со отворање информативно радио, на моите пријатели, студенти од Штип – Дејан, кој соработуваше со втората програма на националното радио, на музичарот Борче и на уште тогаш веќе искусниот радиоаматер Зоран. Во тие времиња не беше лесно да се замисли такво нешто, па се пошегуваа на моја сметка. Останав упорен и верував дека може да се направи тој пионерски чекор – раскажува Гаврилов.
Набрзо потоа заминал во тогашната Сојузна управа за радиоврски во Белград да бара дозвола, па во Скопје успеал да изврши упис во регистар, но проблеми се јавиле со техничката дозвола. Во нашето Министерство за транспорт и врски ја игнорирале дозволата од Белград. Бил упорен, па работата некако се завршила. Но, следувале нови проблеми, а најсериозен во тој момент бил увозот на опрема.
„Предавателите се сметаа како како еден вид оружје“
– Увозот на опрема не беше либерален, туку под контингент, па требаше специјална дозвола зашто тогаш предавателот се сметаше како еден вид оружје. Морав да шверцувам опрема од Грција. Беше италијанска, која и денес е во функција. Со штипски и со скопски радиоаматери опремата ја монтиравме во мојата семејна куќа во штипската населба „Блок 77“. Инсталиравме и столб од 12 метри – се присетува Гаврилов.
Радиото експериментално почнува со работа кон крајот на април во 1991 година.
– Многумина беа зачудени од појавата на приватното радио. „Нова Македонија“ тогаш објави текст со наслов „Млад студент вложи 42.000 марки во радио“. Стартувавме на 4 октомври 1991. Имаше голем интерес кај штипските фирми за ново информативно радио, да се разбие дотогашниот монопол. Друг мотив ми беше и што имаше повеќемина невработени дипломирани новинари, па бев убеден дека проектот со радиото ќе успее. Од самиот почеток сме информативно радио, само музичко не сме биле никогаш. И потоа имаше многу тешки години. Ако на почетокот ни’ се закануваа со укинување на радиото бидејќи наводно не сме смееле да емитуваме вести туку само музика, кога добивме национална концесија се плаќаше астрономски висока сума. Лошо беше и во изминатата деценија, кога дојде до медиумска криза, а и Советот за радиодифузија со лошата политика не се снајде – истакнува Горан Гаврилов.
Првите неколку години, кога „Канал 77“ беше во семејната куќа на Гаврилови, радиото беше локално, а потоа стана национално. Првин се пресели во објект во центарот на градот, а од 2001 година почна да се гради современиот Мултимедијален центар „Канал 77“ со површина од 3.500 квадратни метри, кој веќе десетина години е во функција и во него се радиото, интегрираната редакција, порталот ММС, телевизиско студио, конгресна сала, сервис, апартмани, радио-кафе, летна сцена…
– Повеќе години „Канал 77“ е водечко радио во Македонија во својата целна група, а со последните мерења и кај целата публика, и, она што е најважно за нас, радиостаница на која најмногу и’ се верува. Тоа не’ обврзува така да продолжиме и во иднина, да ги следиме сите модерни текови. Базата и во иднина ќе ни’ биде Мултимедијалниот центар во Штип. Планираме и ново студио во Скопје, кое е дел од интегрираната редакција, телевизиско студио за информативна програма, а и телевизија на национално ниво. Ја имаме потребната инфраструктура, па може да продуцираме и други тематски канали. Но, тоа не зависи само од нас, туку и од пазарните услови, за кои очекуваме да се сменат, да помине корона-кризата, а и да почнат медиумските реформи – вели Виктор Гаврилов, син на Горан Гаврилов и актуелен сопственик и заменик-управител на „Канал 77“.
Две Весни – стожер на Радиото
Весна Коловска во изминатите 29 години е еден вид бренд на радиото. Ретко кој радиослушател не го препознава нејзиниот глас. Таа е првата редовно вработена во „Канал 77“. Новинар, уредник, водител. Заедно со Столе Наумов, се и дел од „Стадион“, најслушаната емисија. Во радиото е уште од август 1991, неполна година откако дипломирала новинарство во Скопје.
– Радиото ми беше омилен медиум и ми испадна среќа работниот век да го поминувам токму во радио. Сите влеговме ентузијастички во проектот „Канал 77“. Беше многу интересно, иако на почетокот конкуренцијата не’ дочека „на нож“. Се создаде млада екипа од новинари и луѓе што сакаат да работат во медиуми. Имавме добар прием кај слушателите, веројатно им бевме како некое ново прозорче. Помина многу време. Имавме многу успешни проекти, а еден посебно ќе потенцирам – проектот „Ноќен експрес“ од пред четири години. Мислам дека тоа ми беше најинтензивен период на работа по 1991. Паралелно работевме и радио и видео – радиовизија. Ја организирав таа работа. Но, и понатаму има нови предизвици – истакнува Коловска.
Весна Крстева, исто така дипломирана новинарка, која во „Канал 77“ е од јануари 1994 година, вели дека кога почнала во радиото сите биле млади, одлично соработувале и учеле еден од друг. Сега таа и другата Весна (Коловска) се највозрасни и носители на редакцијата, но истакнува дека соработката со помладите колеги била на високо ниво и оти е одлично кога ќе се искомбинираат искуството и младоста.
– Седиштето на редакцијата ни’ е во Штип. Мала екипа сме, но компактна и доброорганизирана. Екипа имаме и во Скопје, како и дописна мрежа, која е многу важна зашто дописниците презентираат информации од нивните средини, нешто што, за жал, националните медиуми го избегнуваат во последно време. Брзината за радиото е најважна. Затоа сега имаме кратки вести на секој половина час. Имаме и програма во живо, па, значи, во секој момент слушателите може да бидат информирани за она што се случува во Македонија и во светот – нагласува Крстева, која е одговорен уредник на радиото.
Помладите одлично се вклопуваат во компактната екипа
Штипјанката Вања Мицевска е дел од новинарската екипа на „Канал 77“ во Скопје. Вели дека почетоците во радиото и’ се случиле кога завршувала една животна етапа и почнувала друга, сосема нова и непозната.
– Стипендијата од оваа национална радиомрежа ми овозожи да студирам на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, па студирањето ми дојде „рака под рака“ со претходното осознавање на новинарството преку радиската програма. Го искусив секој сегмент од програмата на „Канал 77“. Некогаш посакувајќи и’ добро утро на публиката, друг пат добра ноќ. Сега главно сум во информативниот програмски дел, во кој со колегите на слушателите им ги сервираме најновите информации од политичкиот свет. Таквите информации ја манифестираат посебноста на овој медиум, бидејќи во услови на нестварен медиумски плурализам во земјава, „Канал 77“ е радио кое останува свое на своето, испреплетувајќи ги информативниот и забавниот дел на новинарството со квалитетна музика – вели Мицевска.
Ангела Пингова во радиото е шеста година.
– Бев водителка на утринската програма, кога станував рано и ми беше задоволство утринското кафе во „Утро со Ангела“ да го пијам со многубројните слушатели. Потоа бев во претпладневната, а сега сум во попладневната програма, од 14 до 18 часот, период, исто така, многу слушан, кога луѓето се враќаат од работа – истакнува Ангела.
Тоа е видливата екипа за пред публиката, но за радиото секојдневно да функционира, стои поголем оперативен тим, одделот на маркетинг, видео и адуио и техничка поддршка, како и кретивниот тим на задилжителните социјални медиуми и интернет. Станува збор на поголема група на креативци, кои многу често дневно се наоѓаат на различни задачи, но крајот е со единствен ефектот. Да стигнат атрактивни содржини од мултимедијална платформа, која е одговор на потребите на современата публика, а атрактивна за огласувачите на се’ уште замрениот медиски пазар. Значаен дел од работењето, го чинат проектните активности, што го прават „Канал 77“ единственото радио во Македонија, кое успева да креира програма настаната по идеи на проектниот тим. Всушност, овие проекти придонесоа да се преживее оној мрачен период од поновата медиска историја на владини реклами, каде одбрани провладини медиуми, богато живееја на сметка на граѓаните, наспроти малкуте медиуми како „Канал 77“, кој успеа да преживее и да се издигне, благодарение на умешноста да се наметнат и спроведат добрите идеи.
Исклучително важни за радиото се и техничарите. Влатко Кралев – Пенче во „Канал 77“ е од 1993 година.
– Почнав како асистент-водител во музичка емисија, потоа водев и утрински контактен блок, музичка желботека. Понекогаш додека јас бев пред микрофонот, во улога на техничар се јавуваше и сопственикот Горан Гаврилов. По една година се појави потреба од технички реализатор. Имав претходно искуство, па се вработив. Сум бил и диџеј и диско-танчер, па одлично се снаоѓам и со музиката. Некогаш работевме со плочи, ленти, касети, сега е многу полесно. Техниката отиде многу напред, а „Канал 77“ се труди да ја следи во чекор. Одлично соработувам со помладите колеги во техниката – вели Пенче.
МНОГУ ПРИЈАТЕЛСТВА, НО И ШЕГИ, АНЕГДОТИ, ИНТЕРЕСНИ СЛУЧКИ
Зоран Ристовски – Пери, кој е техничар во „Канал 77“ од почетокот на 1994 година, истакнува дека низ радиото во изминатите години поминале многу новинари и техничари, останале многу пријателства, спомени, шеги, анегдоти, интересни случки. Се присети на неколку.
– Беше одамна. Со радиото хонорарно соработуваа двајца повозрасни новинари, со кои сите одлично се спријателивме. Се сеќавам, едниот кога новинарите почнаа да ги менуваат машините за пишување со компјутери, започна и тој да пишува на компјутер. Но, редовно текстовите некаде му се губеа во компјутерот. Па, еден ден го остави компјутерот, рече дека нема подобро од машината за пишување и пак си ја врати. Вториот, пак, во текот на една саботна контактна програма, додека јас бев во техника, а тој водител, одеднаш мистериозно исчезна. Хоби му беше пчеларството, па отпосле дознавме дека некој му јавил оти му избегала пчелата-матица, па тој итно отишол да ја бара – раскажува Пери.