Турската амбасада во Скопје изрази најсрдечна благодарност до претседателот Стево Пендаровски, Собранието, Владата, јавните институции и општините на земјава, како и до бизнис заедницата, Црвениот крст, невладините организации, образовните институции, медиумите, уметниците и целиот народ за искажаната моќна солидарност по катастрофалниот земјотрес што минатата недела ја погоди Турција.
– Република Северна Македонија ги мобилизираше сите свои капацитети во насока на поддршка на спасувачките активности во регионите погодени од катастрофалниот земјотрес кој се случи на 6 февруари во Турција, како и за собирање и пренесување на материјална и финансиска помош за настраданите, се наведува во соопштението на Турската амбасада.
Во соопштението се посочува дека народот на Северна Македонија, по настанатата катастрофа, во дух на солидарноста, како и вековното братство и пријателство, се соедини со турскиот народ.
– Ова единство и сплотеност помеѓу нашите народи искажано во овој исклучителен период, претставува едно скапоцено наследство кое ќе им го пренесеме на идните генерации, се додава во соопштението.