Искреноста како предуслов за добар однос меѓу партнерите
Во апелите до надлежните за современа терапија за пациентите со цистична фиброза, Фики секогаш алудира и на тоа колку доаѓањето на лекот во Македонија би бил важен за менталното здравје не само на болните туку и на нивните семејства. Тој неслучајно го споменува и ваквиот аспект, затоа што е психолог по професија. Неговата сакана пак, ја работи методата неурофидбек додека ја подготвува својата дипломска работа за да може да работи и како дефектолог. Тие работат во ист центар, а според Катерина, нивните професии им се од голема полза.
„Имаме прилика и низ пракса да набљудуваме, анализираме различни обрасци на однесување. Отсекогаш предуслов за нашиот однос била искреноста, разбирањето, а потоа сѐ останато. Се трудиме да бидеме најдобри родители за нашето дете со тоа што сметам дека се водиме според она дека најсреќно дете е она чие родители навистина се сакаат“, смета Катерина.
Таа научила дека при растењето на едно дете, најдобро е да се реагира во склад со околностите според претходна анализа на различните фактори и додава дека со сопругот без разлика на сѐ ќе дадат сѐ од себе за да може нивниот син да порасне во исполнета, среќна и самоуверена личност. За еден брак да биде успешен, Катерина вели дека е важно партнерите да имаат време за себе. Таа и Фики умешно го организираат тоа, и покрај тоа што освен домот го делат и работното место.
„Иако голем дел од времето го минуваме заедно, што од задоволство и желба така и покрај заеднички работни, семејни обврски и двајцата имаме приватност. Времето за себе без инволвирање на партнерот е подеднакво важно како и минувањето време заедно“, смета Катерина додавајќи дека тој што живее со ретка болест како што е цистичната фиброза или има свој близок со ваква дијагноза, некогаш ќе се најде во мачно и сурово секојдневие. Сепак, таа му е поддршка на својот сопруг бидејќи како што вели, предизвиците се полесни за совладување кога ве држи за рака оној кој го сакате.
„Сметам дека огромна предност има тоа што имам завршено средно образование во областа на медицината па повеќето од работите ми беа јасни уште на самиот почеток. Причините, последиците, терапијата и третирањето на самата болест. Но, праксата е нешто сосема поинаку од она кое се учи како теорија. Поседувањето на чувства за таа личност која го носи овој товар на себе ја прави ситуацијата исклучително тешка, особено што знаете дека нема што многу да направите како индивидуа со оглед на тоа дека се работи за генетска болест“, додава Катерина.
Оттука, таа нагласува дека секогаш ќе биде инволвирана околу третирањето на симптомите на болеста со надеж дека лекот „трикафта“ ќе пристигне во Македонија. И покрај бројните предизвици, таа вели дека нејзиниот сопруг во ниеден момент не се откажал од она што го имаат денес, нивниот скромен и топол дом.
„Цистичната фиброза знае да биде тотално непредвидлива и силата која треба да ја имате за справување со нејзините пречки треба да е навистина голема. И не само силата, туку и истрајноста. Поддршката од најблиските особено со оној кој го делите секојдневието не само што треба да постои, туку треба и да е константна. Сите се бориме со предизвиците на овој живот, некои повеќе, а некои помалку“, апелира таа.
Вели дека со сигурност, колку и да е тежок денот, кога ќе се вратите кај оние кои дом ви значат, сѐ изгледа полесно за надминување.
„Борбата за нашата иднина и на оние кои ги сакаме, продолжува и утре. Љубовта за мојот партнер, постои и се искажува во секој еден ден од годината затоа што цистичната фиброза не само што ме научи, туку и ме натера да ги уживам максимално моментите со мојот сакан“, порачува Катерина.
Вања Мицевска