Може ли кучињата во рана фаза да откријат кој е заболен од рак, а со тоа и да се избегнат долгите чекања за снимање на разни медицински апарати, кои зрачат? Ако се следат светските трендови се погласни се тврдењата дека може, но во Македонија тоа е практично невозможно.
ММС на оваа тема разговараше со штипјанецот Николај Атанасовски, дресер и голем љубител на домашните миленици, особено на кучињата. Тој веќе долго време се занимава со дресура и во моментов, покрај неговите седум кучиња, се грижи и уште за околу 15, кои му се донесени на дресирање или на чување, бидејќи има и пансион. Тој вели дека знае дека во светот, па и во Европа се повеќе се практикува користење на кучињата за рано откривање на канцер, но и дека во Македонија такво нешто не постои, бидејќи за да се воведе како во светот, треба да е легално и ефикасно.
-Кучето е жива материја која бара само љубов и доверба. Без оглед дали ќе имаш диплома за дресирање или не најважна е љубовта кон животните, за да знаеш како да постапиш, како да го насочиш, и секако праксата. Кучињата многу побрзо учи од човекот.
Дали е можно куче да препознае човек болен од рак?
-Нашите миленици, односно кучињата освен тоа што наши верни пријатели, можат да ни помоигнат и во откривање на разни болести, не само на рак. А сигурен сум дека можат болеста да ја откријат и многу побрзо отколку да чекате снимање на некои медицински апарати со месеци. Развиените држави имаат некои истражувања и тој процент на откривање на болеста е некаде околку 98 проценти. Е сега зависи од кој тип на канцер. Наједноставен за откривање е канцер на простата кај мажите. Тоа е наједноставен метод кој може да открие многу, многу побргу од лекар. Процедурата е многу едноставна, треба кучето да се дресира. А дресирањето е, ако сакаме да имаме куче кое ќе се занимава исклучиво со таа проблематика, да се земе урина од болен човек. Просто објаснето, без детали на дресирање, е кога кучето ќе го меморира мирисот на урината од болен човек, тоа останува запаметено. Е сега има различни методи на дресирање, во зависност од тоа дали ќе се дресира за откривање преку урината или преку мирисот на потта на болен човек од канцер. Потта на лугето кои имаат болести им е сосема различна. На пример лугето кои користат антидепресиви имаат многу поинаков мирис на потта. Е сега, кога кучето ќе го навикнеш на тој мирис, кога ќе се сретне со некој болен од канцер, тој веднаш му се приближува. Кучињата имаат истенчен мирис и може да го чувствуваат 100 илјади пати повеќе од нас. Затоа со сигурност тврдам дека може да се дресира куче кое само што ќе го помириса човекот, може да открие дека има рак.
Дали кај нас постои дресирање на кучиња за откривање на канцер или тоа го има само во развиените земји?
-Тоа во развиените држави веќе го прават. За Америка сум сигурнен, а сметам и дека во одредени држави во Европа, како Италија, тоа функционира. Кај нас се уште нема, а добро е да има, со оглед на тоа што бројот на заболени од рак секој ден е се поголем и поголем. И може да се открие многу пред време, а знаеме дека навремената, раната реакција на откривањето на ракот значи многу. Бидејќи не за џабе ја викаме опака болест, речиси секогаш се открива кога е доцна. А вака со помош на миленик може да се открие и да се третира на време, а со тоа и ќе се намали смртноста.
Зошто ова кај нас не е регулирано, ако веќе постои таква можност?
-Не знам, тоа треба да го кажат институциите. Можеби не сме доволно развиени, можеби совеста не ни е до толку напредна. Има некои што би можеле тоа да го направат, но сепак, ова треба да го поддржат и институциите. На пример еве јас да дресирам куче за такво нешто, како ќе се потврди на крајот дека тоа е така? На збор ли да ми веруваат или да најдеме човек за да видиме дали е тоа така? Бидејќи после мене ќе се јават уште 100 души кои ќе кажат дека тоа го прават а ќе лажат. А тоа не е фер за луѓето, не е фер за кучињата и за дресерот, бидејќи тој ја има најголемата работа. Најпрво тоа куче треба да се земе од малечко. Не е важна расата, иако сметам дека лабрадорите имаат поизразено чувство за мирис. Има и други раси кучиња кои тоа може да го прават, но тоа куче треба карактерно да се одбере. Тоа е долг процес на дресура за да ги има резултатите како што треба, некаде околу 2.5 години се потребни. Во тој процес на дресирање, пак, може да се случи и кучето да се разболи и се паѓа во вода. Затоа треба внимателно да се одбере кучето, добро да се чува, да има генетски предиспозиции за тоа. Се треба да се знае. Можеби има ген кој ќе придонесе порано да заврши со животот. Сепак, и тоа е живо суштество.
Значи не е толку лесна процедура?
-Вака кога ќе погледнеш изгледа сосема едноставен процес. Но, не е лесно да се направи. Па ние како луѓе цел живот учиме, па ништо не научуваме а не, пак, кучето.
Дали досега си се обидел да дресираш куче за откривање на рак, или,пак, си дресирал кучиња за препознавање на мириси?
-Јас не сум имал побарување за дресирање на куче за откривање на рак, ниту, пак, сам сум дресирал. Но, сум дресирал кучиња за барање и откривање на предмети. Само за да проверам да видам дали може. Но, за дресирање да речеме рак или дрога, сепак, за тоа се потребни институциите. Како? Така, лесно. За да дресираш куче за откривање на дрога мора да имаш дрога. За откривање на рак на простата мора да имаш урина од болен, а тоа јас не можам сам да го земам. Значи, за тоа, сепак, си се потребни институциите. За рак на белите дробови треба брис. Па посложена дресура е за кучиња трагачи, отколку за ова другото. За да кучето биде трагач треба да измешаш минумум 10тина миризби. За другите канцери, пак, може да се открие преку крвта. Да речеме кога кучето ќе го навикнеш на таа миризба нема после промашување. Со колку и други мириси да ги мешаш, кучето го има меморирано тој мирис и веднаш го препознава. По мене ова е многу поевтино и поефикасно ама треба да се заинтересираат институциите. За да може да се влее доверба, да биде вистински докажано дека тоа куче може да открие рак. И на крајот, секако, за тоа се добива сертификат.
Што се треба да се направи за да миленикот добие таков, веродостоен сертификат?
-Кај нас во Македонија тоа го нема. Во поразвиените држави има каде може да се дресира кучето, па да се пријави да се тестира, дали навистина тоа го може. Тогаш си ги добива сите потребни сетрификати. Е сега мислам дека таквите кучиња со сертификати се многу скапи, за да купиш едно такво куче треба да се плати и над 80 илјади евра. Јас гарантирам дека можеме и дека има капацитет тоа да го направиме со успех, само треба навреме и правилна работа и начин на кој да ти дозволат да го работиш тоа, за да не те сметаат за криминалец.
Како дресер на кучиња за што се си ги обучувал до сега?
-Имам дресирано и тестирано за различни мириси на предмети. Имам за тартуфи, печурки кои се многу лековити и многу скапи, а растат на 15-20 сантиметри под земја. За тоа се потребни посебен вид кучиња кои потекнуваат од Италија, но не мора да значи дека мора таква раса, може и друго кое има развиено сетило за мирис. Ако правилно се постапи со него и насочи може да биде и подобро од логото ромањоло. Е за тоа имам дресирано. Па да речеме ако сме го научиле кучето да бара тартуфи или да бара топче зошто да не може и за друго.
Дали е вистина што велат дека ако го дадеш кучето на дресер значи дека ќе биде тепано?
-Да, не можам да кажам не. Има секакви дресери. Како што има и различни луѓе. Во Европа користат и телетаг, ги ставаат на струја. А јас со тоа не се сложувам. Според мене најдобра дресура е со пофалби и награди, кои правилно ќе се насочат. Ако одиш со месо, кучето ќе те гледа како храна. Најважна е довербата, треба да го научиш да ти верува и потоа правилно да го насочиш. Пак ќе кажам, кучињата се многу, многу попаметни од луѓето и многу поинтелегентни читатели на говорот на телото на луѓето.
Од двоето досегашно искуство со какви несовесни газди или т.н. љубители на кучиња се имаш сретнато?
-Кучињата бараат само љубов и ако газдата е вистински љубител на кучиња не може и не смее да биде лош. Имам побарување за дресирање кучиња за чување простор. Тоа не би можел да го наречам љубител, туку дека го користи како стражар. Е сега, јас сум пресреќен ако тој на кучето му го дава тоа што му треба, храна и љубов, а не само да му фрли парче леб. Сметам дека има се повеќе и повеќе совесни луѓе. Во природата на кучето е да работи, и ако не му се дадат задачи нешто да работи, тоа ќе прави бељи. Се зависи од тоа како сопственикот ќе го насочи. Има случаи, за жал, кога газдата после некое време ќе го исфрли кучето на улица. Тоа неколку дена плаче по газдата и кога ќе свати дека е само, почнува да се снаоѓа. И за такви случаи се виновни институциите, треба да се едуцираат луѓето, па да се казнуваат и да се знае за што го зема. Не може шарпланинец да го земеш и да го чуваш во стан. Тоа е смрт за него. Навистина е потребна голема едукација на луѓето, кои ќе се решат да чуваат миленици. Кучето е единствено животно кое не дава млеко, волна или месо, а го сакаат. Зошто? Бидејќи е искрено, дава љубов, дава позитивна енергија, знае да го слуша и да го расположи газдата. Сите што се вистинки љубители на миленици, не само за да се покаже, па да го фрли, многу повеќе стапуваат во контакт со другите луге. Ова се само дел од придобивките зошто да се има миленик, а има уште многу.
Што велат во светот за кучињата што откриваат рак?
Одамна се познати приказните за луѓе кои тврдат дека нивното куче им го намирисало ракот долго пред лекарите да го откријат. На пример, актерката Шенон Доерти во 2016 година тврдеше дека нејзиното куче го „открило“ нејзиниот рак на дојка многу пред нејзините (скапи) лекари. Не е единствената која тврди дека кучињата го менуваат своето однесување, тие постојано го туркаат носот во делот од телото на сопственикот, односно газдата, каде подоцна се открива ракот.
Во сторијата на Дојче Веле се објаснува дека има се повеќе речиси еуфорични студии кои докажуваат дека кучињата всушност можат да мирисаат типични видови на рак, како што се ракот на дојката, белите дробови или простатата. Носот на кучето е многу почувствителен од човечкиот и дека е можно некои хемиски состојки произведени од клетките на ракот да влезат во здивот, урината или кожата на пациентите.
Се уште се истражува која е токму хемиската состојка која кај кучињата е знак дека болеста се појавила. Најмногу се сомнева дека е нитрозотиол или соединение поврзано со фосфор за кое е познато дека е поврзано со клетките на ракот, пишува Дојче Веле.
Британската национална компанија за здравствено осигурување (НХС) во моментов спроведува студија во која обучени кучиња ги проверуваат примероците од урината на пациентите. Првите резултати се речиси спектакуларни: кучињата откриле 93 отсто од луѓето заболени од рак!
Во Франција, на Универзитетот во Пјер и Марија Кири, Изабел Фромантин води проект наречен „КДог“, кој оди уште подалеку. Покрај урината, таа им дозволува на кучињата да ја мирисаат ноќницата или облеката што жената ја носела во текот на ноќта. Задачата на двајца специјално обучени германски овчари е да откријат која од 31 жена учесничка во експериментот има рак на дојка. Во првиот обид кучињата беа донекаде несигурни, но во вториот успехот беше – сто проценти!
Во Австрија, во Универзитетската болница во Кремс, сакаа да проверат дали кучињата навистина можат да дознаат од здивот на човекот дали некој има рак на белите дробови. Се разбира, честите пациенти со овој тип на рак се пушачи, па сите 122 испитаници биле редовни пушачи, но само 29 од нив всушност имале рак на белите дробови. Од 29 пациенти, кучињата откриле 24 – не се совршени, но кој може подобро? Сепак, многу поголем проблем е што кучињата, меѓу останатите 93 испитаници, „откриле“ уште 29 заболени од рак – иако анализите покажале дека овие луѓе се здрави, пишува Дојче веле .