По седум дена од разурнувачките земјотреси во Турција и Сирија интересот на светот за помош на настраданите не стивнува.
Во подавањето на рака за помош не заостанува ниту Македонија, која веќе испрати обучени тимови, а голем е и бројот на граѓани волонтери кои се заинтересирани да заминат во разрушените подрачја. Засега бројот на пријавени волонтери е само за Турција, бидејќи сите се свесни за состојбата во Сирија.
Иако радува големата бројка на пријавени волонтери, сепак, деновиве низ социјалните мрежи имаше и коментари од луѓе кои се пријавиле во неколку институции, но од таму или биле одбиени, или, пак, им било речено да почекаат, дека ќе им се јават, ама никој не ги контактирал. Па некои од нив и самоиницијативно, преку свои пријатели од Турција веќе заминаа, а други се уште го чекаат организираниот повик.
За да нема забуна кај јавноста и обвинувања за неажурност ММС се обрати до Стојанче Ангелов, директор на ЦУК, за да ни објасни зошто има селекција, односно кој се може да замине во оваа фаза, а кој треба да почека.
Тој вели дека на сите што се пријавиле, а се пријавиле навистина многу, им било кажано дека во оваа фаза Турција не бара помош од волонтерите.
-Убаво е што има толку голем интерес, тоа е за почитување. Како Влада сме благодарни и го почитуваме ова и првиот кога од турска страна ќе бидат подготвени да примаат волонтери ние ќе се организираме, вели Ангелов и дообјаснува:
-Од денот кога се случија разорните земјотреси, па до денес ние постојано сме во контакт со турската амбасада. Во овој момент е невозможно да замине никој, освен искусен и добро обучен кадар. Тоа се пред се припадници на специјалните единици и пожарникари, кои имаат соодветна обука за портаги и спасување. Ги информиравме во турската амбасада, им кажавме дека има многу пријавени волонтери, но тие се заблагодарија и рекоа дека во оваа фаза можат да помогнат само професионалци. Од причини што тимовите кои сега се праќаат се самоодржливи, односно со нив нив носат шатори, сами се грижат за своето сместување, си носат храна и вода. Зборуваме за тотално разурнати места каде немаше дотур на храна и вода. Таму температурите се под нулата, студено е многу и спиењето ноќе во шатор за луѓе кои немаат таква обука е многу тешко. Тешко е за луѓе без обука и искуство да бидат 24 часа во такви услови. Факт е дека има многу загинати и до овој момент, но и следниот период ќе се работи исклучиво само на извлекување на живи и починити, рече Ангелов.
Според она што може да се види на социјалните мережи, но и според податоците во ЦУК има различен профил на луѓе, односно луѓе со различни проесии, на кои целта им е само да помогнат во настраданите подрачја.
Но, според Ангелов, оваа фаза навистина е наменета само за професионалци и не секој може да го поднесе тоа што ќе го види, бидејќи сликите се трашни и претажни.
-Убаво е да се помогне, да. Јас искрено и длабоко сочуствувам со сите настрадани во Турција и Сирија. Но, не секој е подготвен пред себе да гледа мртви тела и повредени луѓе. А таму, како што сите видовме има многу страшни глетки, тешки човечки судбини. Таму се потребни луѓе кои сето тоа може да го поднесат, а не секој може, додава тој.
МИА информира дека до денес бројот на загинати во Турција и Сирија по катастрофалните земјотреси во понеделникот достигна најмалку 36.217 жртви.
Бројот на загинати во Турција достигна 31.643, соопшти денеска турскиот координативен центар за вонредни состојби САКОМ.
Потврдениот број на загинати во Сирија е 4.574. Тој број вклучува повеќе од 3.160 во деловите на северозападна Сирија кои се под контрола на бунтовниците, според Министерството за здравство на управната власт на Владата на спасот.
Според државната новинска агенција САНА, бројот на загинати во Сирија вклучува и 1.414 смртни случаи во делови на Сирија кои се под контрола на владата.
(В.М.)