Веќе 12 години скопјанката, Андријана Серафимовска гордо ја носи лузната на својата лева нога. Исто толку имала кога морала да ја добие, за да се збогува со малигните клетки сместени во нејзиното кревко тело, пркосејќи му на општото мислење дека детството е најбезгрижниот период од животот. Предизвиците кои ги донел ракот во нејзините тинејџерски денови подоцна и’ го трасирале патот по кој чекори освен со видливата, и со едни невидливи лузни на на душата. Токму нив ги лекува со насмевките на децата кои исто така се со малигнитет, а чиј живот го разведрува волонтирајќи на Детската клиника од 2018-та година.
Што значи дијагнозата рак за едно дете, колку боли отсуството од училишните клупи во замена за болничките соби, какви поуки може да се извлечат од болеста и таа да го направи човек подобар, Андријана раскажува во разговор за Македонски медиа сервис. Со неа разговараме по повод денешниот, Светски ден на преживеаните од канцер.
Јас имав 12 години кога ми беше дијагностициран канцероген тумор на колегото, односно името на дијагнозата беше osteosarcoma – ја почнува Андријана својата приказна. Таа се сеќава дека имала болки во ногата и и’ се појавил оток, но невиното девојче мислело дека тоа е поради наглото растење. Болките станувале неподносливи и тоа го вклучил алармот кај родителите.
Докторите уште со првото снимање утврдиле дека се работи за тумор, но била потребна биопсија за да се открие дали тој е бениген или малиген. По неполн месец почнала голготата за родителите на Андријана, трагајќи по начините на кои најдобро можеле да и’ помогнат на својата поголема ќерка. Докторот на Детската клиника одбил да и’ каже на својата пациентка каква болест има таа, но за родителите ова не било опција. Тие морале да ја подготват за најтешката битка во нејзиниот живот.
„За среќа ние имаме динамика дома вистината секогаш да се кажува без разлика на се’. Не ми кажаа за што се работи додека не дојдоа резултатите од биопсијата. Татко ми разговараше со мене, ми кажа дека имам сериозна болест, дека тоа се вика рак. Јас имав претстава за што се работи, тука играше улога детската наивност и прашав кога можам да се вратам на училиште. Ми рекоа дека нема да се вратам бидејќи ќе имам хемотерапии. Ми објаснија дека се агресивни и дека ќе ми биде лошо, но јас се’ уште не разбирав. Тогаш реков добро, само нека заврши се’. Tака си велев се’ додека не го примав првото хемо и сфатив колку биле во право моите родители“, се сеќава Андријана.
Детската клиника како втор дом
Откако ја дознала дијагнозата, Детската клиника и‘ станала како втор дом и таму три месеци примала хемотерапии.
„По првото хемо отидов на училиште, но не издржав и беше тешко“, додава Андријана.
Трагањето по што е можно подобра опција за операција пак, родителите ги однело дури до Шведска.
„Во Македонија ја понудија операцијата, но понудија да се извади цела коска, а немаше потреба. Требаше само да ми се извади коленото и да се стави протеза. Среќа моите родители истражија и дознаа дека постои таква операција во Шведска. Не знам како кога не можев сама да се борам, моите родители се бореа и го најдоа најдобро решение, така што во 2009 година јас бев меѓу првите кои ја имаа таа биолошка протеза“, додава нашата соговорничка.
По враќањето од Шведска, хемотерапиите продолжиле.
„Ние, детските онколошки пациенти имавме катетар, јас имав внатрешен. Првата терапија се прима венски, но не и останатите. Ние лежевме на Клиника, јас лежев по 5 дена па се враќав дома и пак лежев таму. Ако имав последици лежев и по цел месец, па се враќав назад. Примав и крв“, вели Андријана, чиј мајка деноноќно бдеела над неа, а понекогаш преспивала и на столче. Токму на мајка и’ многу потешко и’ паднало губењето на долгата и густа коса.
„Губењето на косата не ми падна толку тешко колку на мајка ми. Знаев дека косата ќе ми падне, и’ кажав на мајка ми дека веќе знам оти ќе ја изгубам. И’ реков да викне некој да ме ишиша, не можев да ја поднесам како паѓа. Имав густа коса до половина и не сакав да мислам на тој проблем. Мајка ми повика пријателка и додека ме шишаа си гледав филм“, ни откри Андријана која и во најтешките денови се трудела да остане позитивна. На Клиниката била позната како „пејачката“ бидејќи музиката била неизоставен дел од нејзиното секојдневие и сакала да ги развеселува и останатите.
Примањето хемотерапии меѓутоа, не се одвивало по планот. Наместо да завршат во јуни, терапиите завршиле во август. Имунитетот паѓал, па докторите препишувале антибиотици, па се јавувале и други компликации, а образованието за Андријана запрело. Сепак, таа успеала да ги положи сите испити потребни за да ја заврши таа учебна година. Освен образованието во тој период запреле и заедничките игри во домот со помалата сестричка. На тогаш, шестгодишната Христина не можеле да и’ објаснат што точно се случува со дада и’, но таа имала трпение.
„Тешко ми беше што 90 проценти од времето не бевме дома, за шестгодишно дете тоа не е во ред. Таа беше силна и разбрана, иако не и’ објаснија со тие зборови како мене што ми беше објаснето. Моите и’ кажаа дада нема да си игра со тебе, мораш да и’ помагаш. Гушни ја полека, помагај и’. Додека мајка ми беше со мене по болници, татко ми мораше да работи. Сакам да кажам дека на таткото во никој случај не му е полесно додека едното дете е во болница, а мора да мисли и на тоа дома. Во меѓувреме стрина ми одеше на родителски средби и така целата наша фамилија всушност беше опфатена во тој процес на оздравување“, додава Андријана.
Нејзините соученици не успеале да разберат целосно што се случува со неа, но никој не ја притискал и сите повторно со радост ја прифатиле.
„Децата не разбираат. Тоа е период на пубертет, ние излегувавме заедно, а јас сопрев. Не знаеја зошто, во таа цела година може и 3 пати разговарав со некои од моите пријатели. Јас имам голема фамилија па можеби поради тоа не почувствував отсуство на љубов. Родителите разговараа со мојата класна, таа им објаснила на децата што се случува“, вели Андријана.
Еден месец по завршувањето на хемотерапиите таа се вратила во училишните клупи.
„Тие кога јас се вратив не знаеја што точно значи тоа, не ја знаеја сериозноста. Кога ќе кажете рак, никој не помислува рак на коска“, смета оваа девојка на која во тој период веќе почнала да и’ пречи периката, откако нејзината нова коса почнала да расте.
„Периката беше од вештачко влакно и ни ја дадоа пријатели кои имаа фризерски салон. Кога почнав повторно да одам на училиште почувствував колку ми фали косата и самодовербата која таа ми ја даваше. Периката ја носев неколку месеци бидејќи косата почна да ми расте и ја тргнав.Реков ова сум јас. Половина од децата не знаеја , еден ден се појавив со кратка коса и не знам зошто, но никој ништо не ме праша. Дали претходно разговарале со класната, дали моите ја известиле јас не знам. Децата од другите одделенија ме гледаа чудно, имаше озборување, но не можев да замерам бидејќи тоа беа деца“, додава таа.
Помошта на најкревките како помош за сопствената душа
Сега, кога 12 години подоцна ги сумира спомените од своите тинејџерски денови вели дека најискрените пријателства ги стекнала токму на Детската клиника. Кога ја примала првата хемотерапија ја запознала Теодора која почнала со лекување пред неа.
„Јас сум многу задоволна од пристапот на докторите. Мојата докторка Оливера Муратовска е веќе во пензија и немаше кој не ја сакаше. Бевме како големо семејство, секое сабајле не’ посетуваа, беше понуден и психолог. Сестрите беа пристапни и ние денес сме куќни пријатели со дел од нив“, објаснува оваа храбра девојка.
Таа и Теодора се здружиле со Ангела и Бојан кои исто така имале малигнитет како деца, па заедно почанле да одат на конференции за млади излечени од рак на ниво на поранешна Југославија. Во 2018 година дошло ред тие да бидат домаќини и да организираат настан од ваков тип и без да претпостават тоа набргу ќе ги однесе кон едно ново поглавје во животот.
„Немавме кој да застане зад нас, ние бевме деца и цела година пробувавме да направиме нешто, но како да направиш конференција за 50 луѓе, три дена да трае, да донесеш говорници да смислиш активности. Не успеавме.Тогаш дознавме дека ќе се формира ново здружение за поддршка на деца со рак и веднаш исконтактирав со претседателката, Марија Тасев. Таа со задоволство прифати. До ден денес се чудам како се нафати да им помогне на 4 деца кои немаат искуство. Ние за 2 месеца успеавме да направиме такво нешто што другите организации од другите држави го планираа година дена однапред“, вели Андријана.
Непосредно по таа конференција која тука поминала успешно, Андријана и нејзините соборци спонтано почнале да одат на Детската клиника и да им помагаат на децата сместени на Онколошкото одделение. Без да знаат, тие на овој начин почнале да си помагаат и на самите себе, сфаќајќи дека волонтирањето и’ доаѓа како психолошка терапија.
„Јас сум во контакт со неколку дечиња кои се излекуваа и се од други градови. Ми праќаат слики од нивната коса, снимаат ТикТок видеа како играат дома, ми честитаат родендени, не само тие, туку и нивните родители. Подруго е, самиот родител не’ бара бидејќи тоа му дава надеж. Тоа се пријателства за цел живот, тие се поврзуваат многу полесно со нас. Повеќе разговараат со нас, отколку со своите родители“, вели Андријана.
Таа ни сподели дека има деца кои не ја знаат својата дијагноза, но оние кои ја знаат, им поставуваат прашања на борците кои некогаш биле во слична ситуација со нив.
„Има деца од 2 годинки до 13 години, најчесто таму е и родителот тој одобрува да седиме со детето. Оние кои знаат сами не’ прашуваат и кога ќе не’ видат, а знаат дека сме го поминале тоа, тие сами почнуваат со таа тема. Прашуваат дали тебе ти падна косата, дали и ти носеше перика, некои имаат лузни по телото па ги покажуваат и јас мојата им ја покажувам. Прашуваат како сум продолжила со животот, јас им кажувам да не се срамат. Дури и самите родители на девојчињата им покажуваат како шетам со фустанчиња за да им докажат дека треба убаво да се чувствуваат во своето тело. Си велам камо мене тоа некој да ми го кажеше“, посочува Андријана. Таа и останатите волонтери играат и бојат боенки со дечињата, со кои сепак во последната година немаат физички контакт поради пандемијата со ковид-19.
Вели дека секогаш кога ќе стапне на Клиниката, мирисот ја потсетува на долгите непропиени ноќи кои таму ги поминала, но сепак тоа го остава на страна.
„Тоа искуство ќе ме следи цел живот. Кога одам да волонтирам ги оставам чувствата на страна, се чувствувам како некој друг да живеел во мене. Пола живот го поминав со ракот. Кога ќе отидам, ќе го почувствувам мирисот, тоа се истите соби, не можеш да не се сетиш, но тоа го блокирам за да се дадам сто проценти. Сакам позитивно да се однесувам кон нив, јас немам траума. Секој отпосле ќе си дознае дека ракот не застанува, тоа ќе те следи цел живот, но прашалник е колку ти ќе дозволиш тоа да ти влијае. Одделот јас каде што лежев сега се реконструира и сега немам толку спомени, моите спомени се од тој што се прави. Кога ќе влезев знаев која терапија каде сум ја примала, но кога ги премстија немам толку моменти“, ни изјави Андријана.
Според неа, сите деца и нивните родители кои поминуваат низ истото треба да се горди.
„Кога ќе прашауваа низ текот на годините дали си горда јас велев не, не, се’ уште не. Меѓутоа како се’ повеќе волонтирам ги гледам децата како се борат, многу е подруго кога гледаш како некој го прави тоа. Јас почнав да велам дека овие деца треба да се горди и некако сега почнувам да сфаќам дека и јас истото сум го преживеала и сум горда што се трудам да го извлечам најдоброто од животот“, додава девојката.
Таа вели дека со децата на кои им помага се наоѓаат на „двонасочна улица“ и нивните искрени насмевки ја лекуваат психички. Таа сакала да помага уште од кога била мала, но канцерот само и’ го покажал патот.
„Физичкиот аспект е нешто што цел живот ќе постои, не постои крај. Јас сум супер и тоа го прифатив, го гледам како големо искуство што ми отвори многу патишта, ми отвори нови пријателства, но секому му се случува да има полоши денови. Сепак 99 проценти од времето сум одлично. Од операциите постојат лузни, секоја личност со канцер си има своја приказна, мојата е таа“, вели Андријана. Таа признава дека има и лоши денови, но тие поминуваат и не се срами од тоа.
Додава дека дури и да не и’ се случила болеста, повторно ќе нашла начин за да помага.
„Мојата душа е чиста и го правам тоа од душа од што сакам. Цената на животот ја платив и ги сакам тие деца, верувам дека волонтерството ме прави подобра“, искрена е девојката.
На оние кои сега се соочиле со дијагнозата им порачува дека ја водат најтешката битка, но ги уверува дека таа ќе ги направи поистрајни.
„Некои гледишта ми се сменија од корен, стекнав нови пријателства, нови вештини. Се чувствувам подобро. Како што помагам сакам да ги поттикнам и тие да помагаат кога ќе пораснат. Ние ова го немавме и направивме промена. Верувам дека поради тоа што тие виделе како е да го дознаеш туѓото искуство ќе сакаат да помагаат и за следните деца, кои за жал, ќе дојдат. Ние се лекуваме со нив“, додава Андријана.
Таа смета дека да не го имала ракот, можеби би имала поинакви желби и планови, но целиот живот и’ се оформил околу тоа.
„Таков бил мојот живот пат и гледам дека моите размислувања се поинакви од останатите. Јас сум била приморана да се прифатам себеси на 12 години во моментот кога морав да живеам со лузна и да се трудам да се сакам себеси“, заклучува храбрата девојка.
Таа е доказ дека секое лошо, за добро е и дека од лошите денови треба да се извлечат поуки за да дојдат нови, многу подобри. И покрај сите премрежја, Андријана неодамна дипломираше на Економскиот факултет во Скопје, па додека онлајн комуницира со дечињата на кои им помага споделувајќи совети, се труди да си најде работно место соодветно на нејзиното образование.
Принудена да созрее многу порано од своите врсници, Андријана се труди да помине што повеќе време со својата осумнаесетгодишна сестра и да го надоместат сето она што го пропуштиле пред точно 12 години, кога целото семејство било подготвено и невозможното да го направи возможно за повторно да се создаде сјајот во детските очи.
Вања Мицевска