Приватните лаборатории само за брзи антигенски тестови и ПЦР тестови во текот на 2020 и 2021 година заработиле 19,9 милиони евра, а за еден тест наплаќале и по 5500 денари, поради тоа што властите пропуштиле да донесат одлука со која се ограничува цената на тестовите. Па така, приватните лаборатории наплаќале од 1200 до 5500 денари од тест. Но, додека здравствените власти дале можност да им се одговори на барањата на луѓето за потребите од COVID-19 тест, од друга страна ги ограничиле бидејќи не отвориле дополнителни термини, со што пациентите се тестирале приватно, на свој трошок.
Ова го констатира најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој го нотира она што пишуваа повеќе новинари и медиуми, а и стотици граѓани реагираа, а тоа е богатење на поедини фирми на наш грб во време на најголемата здравствена криза.
ДЗР во извештајот потсетува дека по налог на Владата, во април 2020 Фондот за здравство донел Одлука за утврдување на формата и содржината на договори за извршување и плаќање на здравствени услуги за детекција на COVID-19 со PCR метода.
-Имајќи предвид дека со донесените Уредби не е предвидено утврдување на највисоки цени за овие услуги во ПЗУ, како и поради непреземени активности за стимулирање на ПЗУ, не се поднесени барања за склучување на договор со Фондот; – со донесените Уредби во април и мај 2020 година се предвидува дека сите граѓани без разлика на статусот на здравствено осигурување, можат да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од COVID-19 на товар на Фондот. Истото право го добиваат и државјаните на соседните земји кои се затекнати на територијата на РСМ, што довело до зголемување на побарувачката на овие здравствени услуги.
При тоа Министерството не преземало активности за обезбедување на поголем број термини за тестирање на товар на Фондот во поголем број ЈЗУ поради што голем дел од осигурениците тестирањето го вршеле на свој трошок во приватни лаборатории, пишува ДЗР во ревизорскиот извештај.
Според објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата до 30.09.2022 година на ниво на РСМ извршени се вкупно 2.170.602 тестови во 33 лаборатории ПЗУ и ЈЗУ, од кои 1.446.672 PCR тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови.
Според податоците од модулот за План и анализа на Фондот на товар на Фондот во 2020 година направени се 137.664 PCR тестови што претставува 36% од вкупниот број на PCR тестови за истиот период додека во 2021 година направени се 135.448 PCR тестови што претставува само 18% од вкупниот број на PCR тестови направени во истиот период. Напоменуваме дека дел од овие тестови се направени и заради потреба од патување, но голем дел се врз основа на медицински индикации.
Бројот на направените тестови и висината на цената на овие услуги во приватните лаборатории во различни периоди укажува на одлив на финансиски средства на граѓаните во приватното здравство.
Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 870.664 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помалку од 19.9 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест. Референтна цена на пакетот за PCR тест45 на Фондот била утврдена во висина од 1.850 денари со примена од 22 септември 2020 година, односно 1.550 денари од 17 декември 2021 година.
Во извештаите на ЈЗУ за 2021 година искажани се услуги за PCR тестирање во вредност од 249.526 илјади денари или 4 милиони евра, констатира ДЗР.
Во ревизорскиот извештај се констатира штетата по пациентите поради тоа што листата на лекови останува иста од 2012 година од административни причини, а се утврдуваат и редица неправилности во наплаќањето на услугите од страна на Јавните здравствени установи.