Со своите 475 милиони метри кубни вода, при поволна хидролошка состојба, вештачката акумулација Тиквешко Езеро го наводнува широкото Тиквешкото поле. Водата се користи и за производство на електрична енергија. Езерото зафаќа површина од 14 км2 и должина од 29 километри и е од огромно значење за земјоделското производство во Тиквешијата.
Изградено е во 1968 година, но од тогаш до денес речиси и никој не води целосна грижа за еколошката состојба и квалитетот на водата во него. Повеќе екологисти низ годините се бореле да запре загадувањето на езерската вода, а со тоа да запре и производството на загадена храна, но нивните апели и активности не вродиле со плод. Еден од нив е пензионираниот професор, еден од основачите на првото еколошко друштво во Кавадарци, Одек и голем вљубеник во природата, Томе Лисичанец. Тој е дециден дека загадувањето на водите од Тиквешкото Езеро е во континуитет.
“Тиквешкото Езеро водите ги добива од реката Црна, која што е најголема притока на реката Вардар, која е со најголем слив, по реката Вардар. Во езерото се слива вода од планините, мал дел од Кожув, потоа од Козјак, Ниџе со Кајмакчалан, од Баба планина со Пелистер, под Бигла, Илинска планина, од Даутица, цела Пелагонија, цел Димир Хисар. Сета таа вода се слива во Црна и по скочивирската клисура доаѓа во нашата вода. Но сите тие води со себе ги собираат и сите состојки што ги создава земјоделство, што ги емитираат населбите и индустријата на Битола, Прилеп, Лерин, Крушево, термо електраната и 150.000 ха земјоделски површини. Од цела таа територија се создаваат енормно голем број отпадни материи, почнувајќи од комунално отпадни води, од индустријата, од радиоактивниот пепел од ќумурот од ТЕЦ и хемиски препарати за заштита во земјоделското производство“ вели Лисичанец кој 58 години е постојано присутен и по клисурата на реката Црна и Тиквешко Езеро. Низ тие години ја проучувал клисурата и добро се сеќава на состојбата, пред да почне да се гради вештачката акумулација во Кавадарци. Секогаш се борел да запре загадувањето на водата во езерото која наводнува 13.000 ха, преку системот за наводнување. Вели, тие канали носат вода кон Кавадарци, Градско, Неготино, Демир Капија
„Се борев градовите кои ја користат загадената вода да ги повикаат загадувачите да го решат овој проблем, бидејќи храната ние што ја произведуваме е и за нив. Од 1993 година направивме анализа на водите на Тиквешкото Езеро, но само хемиска и биолошка. Резултатите тогаш покажуваа дека водите хемиски се загадени и припаѓаат на 4-та вон класа, а микробиолошки на четврта класа. Тоа значи дека за многу активности тие води не се погодни. До ден денес таа состојба не е подобрена. Само Прилеп има изградено прочистителна станица, има отпочнато со активности и Битола за да гради прочистителна станица. Но загадувачки материи доаѓаат и од кожарата во Лерин“ вели овој екологист.
Иако низ годините се менувале разни индустриски капацитети во регионот кој го покрива сливното подрачје на Тиквешкото Езеро, сепак квалитетот на водата не се подобрил. Лисичанец добил надеж дека нешто ќе се промени, откако во 2010 година била направена ревалоризација на состојбата со заштитената зона „Тиквеш“ , во која спаѓа и поголемиот дел од Тиквешкото Езеро, но и тогаш работите не се промениле на подобро.
„Кога езерото беше прогласено за строго заштитена зона во 1997 година многу се очекуваше. Мислевме дека ќе се формира една управа која ќе се грижи како за национален парк, меѓутоа апсолутно ништо не се случи. Состојбата остана иста. Кога водите се намалуваат, а температурата се зголемува, тогаш водата се загрева, го губи кислородот и доаѓаат сериозни проблеми. Особено проблеми имаат одгледувачите на риби во кафези. Рибите не можат да се спуштат во поголемите длабочини, во по ладната вода, а во горниот дел заради изгубениот кислород, сериозно страдаат. Сето ова зборува за сериозноста за состојбата со водата на Тиквешкото езеро кое го прифатив како моја животна преокупација и целиот живот го посветив на активности и да бидам нескромен придонесов да добиеме заштитена зона. Овој простор заедно со езерото заслужува многу поголемо внимание и од нашата општина но и од нашата држава“ вели Лисичанец и додава дека сите граѓани треба да го сфатат значењето на водите, како од природните така и од вештачките акумулации, бидејќи на светско ниво слатката вода која може да се користи е само 1%, но и од таа малку вода 1/3 е загадена.
Тој нагласува дека сето тоа повикува на аларм, бидејќи зголемените температури ќе донесат се поголема суша, а тоа ќе значи и помалку производство на храна и ограничување на животните услови.
Во Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје „Тиквеш“, која е изработена од повеќе експерти, се нагласува дека во Тиквешко Езеро се појавуваат големи количини нутриенти, особено фосфати од земјоделско потекло од лозовите насади. Главен виновник се вештачките ѓубрива, но може да се појават и други извори и се апелира на брза реакција за драстично намалување на количината на нутриенти кои се вливаат во езерото, бидејќи во спротивно, според Студијата, ќе дојде до сигурно зголемување на продукцијата на фитопланктонот, еутрофикација, локализирано трошење на кислородот и можен помор на риби.
Понатаму во истата студија се нагласува: „Поважен проблем од вештачките ѓубрива се тешките метали, кадмиум, бакар и олово кои беа најдени во многу високи концентрации во Тиквешко Езеро. Нивото на хром и цинк, исто така беше покачено, но не над стандардите на токсичност. Овие пет метали се значително зголемени и во Студијата на Републички Завод за здравствена заштита од 1992 година, што покажува дека изворот на загадување се развива во изминатиот период. Најденото ниво на бакар и цинк може да резултира од вливањето на фунгицидите на метална база кои се употребуваат во земјоделството. Исто и инсектицидите кои содржат кадмиум и олово придонесуваат до високо ниво на овие два метала – пишува во студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје, строг природен резерват „Тиквеш“, и се нагласува дека се потребни итни акции за елиминирање на идното загадување со тешки метали на сливното подрачје на езерото. И покрај ваквиот аларм, вештачките ѓубрива и препаратите за прскање се применуваат во се поголеми размери, а со тоа и опасноста од загадување на водата на Тиквешкото Езеро не е надмината.
Центарот за јавно здравје – Кавадарци редовно зема мостри од езерската вода. Последните изготвени резултати се однесуваат за анализата извршена во месец јуни од две мерни места, „пумпите“ кај Ресавски залив и Брана. Забележано е зголемено заматување на водата и таа по матност припаѓа на пета класа, се бележи и зголемено присуство на амоњак, па според класификацијата на водите, таа припаѓа на трета класа. Од Центарот за јавно здравје додаваат дека бактериолошки водата припаѓа на прва и втора класа.
„Овие параметри покажуваат дека водата од Тиквешкото Езеро одговара за наводнување, капење и рекреација, како и за напојување на стока“ вели д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена од ЦЈЗ Кавадарци.
Од министерството за животна средина и просторно планирање не добивме одговор на нашето прашање дали се планирани било какви активности за спречување на загадувањето, на оваа вештачка акумулација и дали досега се направени било какви анализи за квалитетот на водата.
Ангел Данов
Со овој прилог, ММС се приклучува кон кампањата „Разбистри се`”, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.