На почетокот на пандемијата во 2020 година, Шпанија покрај Италија беше една од најпогодените земји во светот, а во последните месец и половина Делта сојот на Ковид-19 зема се поголем замав, посебно во Барселона и Каталонија. Поради пандемијата Шпанија сите ресурси ги насочи кон пронаоѓање на решенија против вирусот Sars-CoV-2. На неколку решенија поврзани со евентуални лекови против опасните вируси работи и велешкиот научник и доктор по хемија и биохемија Тони Тодоровски (40), кој е водач на тим од истражувачи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Барселона.
Тони Тодоровски е роден во Велес, а високо образование завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек хемија. Љубовта кон науката се родила благодарение на неговиот професор и ментор Методија Најдовски од Институтот по хемија, каде што почнал постдипломски студии. Се отворила можност да замине на мастер-студии на факултетот во Лајпциг. По завршувањето на овие студии Тодоровски со помош на стипендијата од ДAАД (German Academic echange office) продолжил на докторски студии на истиот универзитет. По завршувањето на докторатот ја прифатил понудата за истражување на ИРБ Институтот во Барселона, во кој работи шест години. Од 2019 година работи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ.
Тони Тодоровски за ММС објасни зошто Шпанија, поточно Каталонија и Барселона каде што работи и живее со своето семејсто, се повторно на удар од Делта сојот и што го прави толку специфичен за да ја напаѓа младата популација помеѓу 19 и 40 години.
– Во моментов се регистрираат најголемите дневни бројки на новозаразени од почетокот на пандемијата па наваму во Барселона и Каталонија. Моментално Каталонија е главното жариште на овој петти бран на вирусот. Делта сојот зема голем замав и главно на удар е младата популација помеѓу 19 и 40 години (се уште невакцинирана е оваа старосна група оти во Шпанија вакцинацијата е според старосни групи) како и сите останати невакцинирани. Болниците повторно се полнат со претходно наведените пациенти, а во последната недела се забележува и пораст на пациентите во интензивна нега (засега главно со постари лица над 50-60 години кои не можеле/или не сакале да се вакцинираат). Се очекува во наредните недели да се знае повеќе дали младите хоспитализирани лица ќе успеаат да одолеат да не завршат на интензивна нега – објаснува научникот Тодоровски.
Во моментов нема објавено научен труд зошто делта сојот е попренослив и дали поголемата преносливост е во директна корелација со предизвикување на потешка форма на болеста или со поефикасно избегнување на имунолошкиот систем.
– Разликата со оригиналниот сој е во мутациите на таканаречениот шилест протеин (spike protein) одговорен за врзувањето на вирусот со рецепторите во клетките и негово навлегување во клетките. Една од теориите, објавена како нерецензиран труд (засега) е дека таканаречениот viral load (мерка за густината на вирусните честички во телото) е до 1.260 пати поголем кај пациенти инфицирани со делта сојот во споредба со пациенти инфицирани со оригиналниот сој. Тоа значи дека делта сојот се размножува многу побрзо, односно за да може да биде детектиран во телото со ПЦР тест потребни се околу 4 дена додека за оригиналниот сој таа бројка е 6 дена. Оваа комбинација од поголем број на вирусни честички во телото заедно со пократко време на инкубација најверојатно е одговорна за поголемата преносливост и заразност на делта сојот (се претпоставува дека е повеќе од двапати позаразен од оригиналниот сој), вели тој.
Во Шпанија околу 55% од населението ги има примено двете дози од вакцината, додека една доза околу 70%. Вакцинацијата на децата помеѓу 12 и 17 години ќе започне две недели пред стартот на училишната година.
Досегашните податоци, вели Тодоровски, покажуваат дека сите вакцини штитат ефикасно против сите досегашни соеви, вклучувајќи го и делта сојот:
– Во однос на делта сојот заштитата од зараза е нешто пониска во споредба со другите соеви, но заштитата од болнички хоспитализации и смртни последица е на исто ниво како и кај другите соеви (на пример Фајзер штити до 97% од болнички хоспитализации и до 99% од смртни последици вклучувајќи го и делта сојот). Секако, СЗО веќе предупреди, доколку се остави голем број од светската популација навакциниран (главно мислам на сиромашните земји во Африка, Азија) тогаш само прашање на време е кога ќе се појави нова мутирана варијанта која би била отпорна на постоечкиве вакцини – додаде Тодоровски.
Научникот вели дека во меѓувреме активно се работело и на развивање на нови вакцини кои не го вклучуваат само таканаречениот „шилест протеин“ на вирусот туку и други делови од вирусот, па и да се појават нови поопасни мутирани варијанти, би требало за краток период да се има вакцина која би штитела од таа варијанта. Најдобрата опција, според него, е да се има соодветна антивирусна терапија/антивирусен лек кој што би делувал против САРС-КоВ-2 но знаејќи колку малку антивирусни лекови постојат во моментов и колку тешко е да се развие нов, засега најдобра и најбрза и најбезбедна опција ни е масовната вакцинација.
Тони Тодоровски е дел од заеднички проекти на Шпанија, Португалија и Германија наречен Noviruses2brain и NOZIKA (заеднички проект на Шпанија, Португалија и Бразил) кои се насочени кон наоѓање на антивирусни лекови, вклучувајќи го и Ковид-19. Тој ја води групата што работи на пронаоѓање соединенија за лекови против вируси кои навлегуваат во мозокот.
– Групата со која што раководам јас е фокусирана на синтеза на конјугати на пептиди (пептид+лек) кои ќе можат да ја поминат успешно таканаречената крвно-мозочна бариера (blood-brain barrier – BBB) и на тој начин да го таргетираат соодветниот вирус во мозокот. Примарната цел на проектот беше овие конјугати да се користат за третирање на Зика вирус (и слични како него вируси) инфекции но после избувнувањето на пандемијата го вклучивме во репертоарот и САРС-КоВ-2. Со мали синтетски прилагодувања и адаптации создадовме нови конјугати, кои во моментов се испитуваат во Португалија и Германија колку се ефикасни во уништувањето на САРС-КоВ-2 и колку се ефикасни во поминувањето низ крвно-мозочната бариера. Тоа значи дека нашиот главен фокус е да во иднина имаме соединение кое би можело успешно да се користи во третирање на мозочни инфекции предизвикани од САРС-КоВ-2 – откри Тони Тодоровски.
Конјугатите се уште се во фаза на клеточно испитување (in vitro), а дел од нив од следниот месец ќе започнат да се тестираат и на глувци (in vivo).
– Далеку сме од тоа да зборуваме дека наскоро би имале лек, но искрено се надеваме дека еден или два од овие конјугати би можеле да стигнат до прва фаза (барем) клинички испитувања. Паралелно со овој проект, друг дел од нашиот научно-истражувачки тим, во соработка со група од Германија, работи на дизајн на нови вакцини против САРС-КоВ-2 кои во основа би имале различни пептидни епитопи од различни протеини на вирусот (не само од неговиот шилест протеин) – рече Тодоровски внесувајќи малку оптимизам дека науката наскоро може да се избори со поголемиот дел на вирусите.
Орце Костов