Американскиот милијардер Бил Гејтс (67) е забележан со неговата, наводно, нова партнерка – Пола Хард, инаку вдовица на бизнисменот Марк Хард, кој бил негов пријател.
Тие двајцата се фотографирани меѓу гледачите на финалето во тенис за мажи на „Австралија опен“ во Мелбурн. Ова не е првпат Бил и 10 години помладата Пола да бидат видени заедно. Со оглед на тоа што и двајцата се љубители на тенисот, тие често патуваат на турнири и последен пат беа видени, повторно заедно – на „Лејвер купот“ во Лондон, Велика Британија, во септември.
„Не е тајна дека Бил Гејтс и Пола Хард се во врска, но таа сè уште не ги запознала неговите деца“, изјавил извор за списанието „Пипл“ (People).
Гејтс претходно беше во брак со Мелинда Френч, со која има три деца. Разводот беше финализиран во 2021 година, по 27 години брак. Марк Хард, починатиот сопруг на Пола, инаку поранешен извршен директор на „Оракл“ и раководител на „Хјулет-Пакард“, почина од рак во 2019., на 62 години. Тој и Пола беа в брак 30 години и имаат две ќерки.
МИА