Утрово на автобуската станица во Гостивар се прегрнуваше и плачеше од радост.
Родителите си ги пречекаа децата, ученици, кои заедно со нивниот наставник ментор преку програмата „Еразмус плус“ престојуваа во Турција, каде ги затече разорниот земјотрес.
Меѓу децата беше и Шабан Сефери (17) од селото Велебрдо, кој после големата траума веќе е во својот дом со најблиските.
Шабан е преморен и истрауматизиран, па затоа ММС разговараше со неговиот татко Џевад, секако под асистенција на Шабан, кој се’ уште не е подготвен да прозбори и уште еднаш да се соочи со траумата.
А како што вели неговиот татко, шокот бил голем, од бегањето за спас, по првиот земјотрес, па до гледањето како се’ се руши, кога се случил вториот, големиот, кој го пеплоса тој регион од Турција.
-Се гушкавме, плачевме сите, и ние и другите родители кои утрово дојдоа на автобуска во Гостивар да си ги земат децата. Фала му на Бога си дојдоа и се е во ред со нив. Го оставив да ми раскаже тој самиот и ништо не сакав да го потпрашувам, особено не за моментот на земјотресот, бидејќи многу се исплашиле, вели Џевад.
-Децата беа во Кахраманмараш во хотел. Од сон ги разбудил првиот земјотрес и тие заедно со останатите гости од хотелот по пижами и папучи побегнале. Не само од Македонија, имало и деца од Романија и од други држави. Биле надвор на улица кога се случил вториот, разорниот земјотрес. Повредените деца се повредени од стакло, при бегање во гужвата. На едното му е повредена раката, на другото ногата, ама фала му на Бога, добри се. Така да додека вториот земјотрес рушел се’ пред себе, тие биле надвор и гледале што се случува. За жал. Не сакам многу да го испрашувам и да му ги враќам сликите уште еднаш, вели Џевад.
По првичниот шок луѓето таму почнале сами да се организираат. Ги собрале и ги однеле во спортска сала, каде им било дадено вода, храна и ќебиња. Лошото во таа ситуација, како што раскажал Шабан, е што било многу студено и врнело дожд и снег заедно.
-Кога попладнето се’ се смирило, бидејќи нивниот хотел не бил урнат, успеале набрзина да влезат во собите и да си ги соберат работите. Градот за почеток сам се организирал, делеле кебиња, ги насочувале луѓето, додава тој.
Утрото кога слушнал за силниот земјотрес, знаејќи дека детето му е таму, Џевад се исплашил за синот и сам веднаш се јавил во нашиот Конзулат во Истанбул, од каде го препратиле во Амбасадата во Анкара, кој била задолжена за тој дел од државата. Тој се заблагодари на Амбасадата и Конзулатот, што многу им се нашле во оваа ситуација, што многу помогнале во извлекување на нашите деца и менторот.
-Цел ден бевме на линија со нашата Амбасада. Кој како добиваше информација се јавуваше. Успеавме да исконтактираме најпрво со едно од повредените деца од Тетово. Тоа прво ни кажа дека се живи, дека се добри и дека се сместени во некоја сала. На нашите во Амбасадата децата им пратиле локација, биле на едно место сите и со два автомобили ги земале и ги однеле во Анкара. Но, тие побарале да одат во Истанбул, за што побрзо да си дојдат дома. Секако од Амбасадата ги испратиле во Истанбул, каде ги пречекал конзулат. Им организирал се’, ручек, сместување во хотел. Вчера цел ден конзулот бил со нив, и вчера попладне околу 17 часот тргнале за дома. Утрово во осум часот се прегрнавмe на Автобуска. Сите родители бевме. Се прегрнавмe, се расплакавме… Најважно е што сме живи и здрави. Шабан е до мене, одмара и ништо не го прашувам, особено не за моментот. Кога ми рече: „Тато, беше многу страшно“, знаев дека е исплашен и не сакам да го потсетувам на тие слики уште еднаш, вели Џевад.
Шабан е втора година во средното техничко училиште во Гостивар. Прв пат оди некаде преку „Еразмус плус“. На 31 јануари го прославил 17-от роденден и на трети февруари тргнале за Турција, каде требале да престојуваат десет дена, до 13 февруари. Но, на денот кога се сместиле, вечерта се случи разорниот земјотрес и конечно по сите трауми и стравови веќе се дома, на безбедно, со своите родители.
(В.М.)