Забавување на растот на инфлацијата и мал пад на цените, забележува Народната банка во својот декемвриски извештај. Годишната стапка на инфлација и натаму забавува сведувајќи се на 18,7 отсто. -Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2022 година изнесува 14,2% и е во согласност со последните проекции на Народната банка од 14,3%, а произлегува претежно од порастот на светските цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија и нивниот преносен ефект и врз цените на останатите производи и услуги, во отсуство на доволно домашни ресурси за ублажување на овие шокови, пишува во последниот извештај.
Сепак, останува неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите. Ова, според НРБМ, е главно поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што и натаму од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка.
На завчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 5,25%.
-Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, ќе се применува и повисока каматна стапка на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п, соопшти НБРМ.
Овие повисоки каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година.