Битолчанецот Благојче Илиевски (45) не го дочека лекот трикафта, иако беше еден од осумтемина пациенти во најтешка фаза на цистична фиброза.
Неговите соборци со оваа ретка болест денеска се збогуваат со него, само неколку часа откако министерот, Беким Сали изјави дека набрзо ќе биде набавен лекот трикафта за пациентите кои имаат најтешка форма на болеста. Додека здравствените власти прават калкукации, болеста веќе ја зеде првата жртва. Со тоа, како што велат пациентите, не згасна само еден живот, туку згасна и еден свет.
Наташа Новакоска која претходно во интервју за ММС ја раскажа борбата на нејзината помала ќерка со цистичната фиброза, го опишува Благојче како прекрасен човек и татко.
„Тој беше олицетворение на храброст. Сите нѐ охрабруваше. Беше присутен и во јавноста и активен и на социјалните медиуми. Се бореше и со болеста и со системот“, вели Новакоска.
Според неа, Благојче не можел да се појави на неодамнешниот протест пред Владата, но затоа пак таму биле неговата сопруга и ќерката.
-Последниве денови ми велеше „дали ќе дочекам да стигне лекот” – раскажува Наташа со горчина и гнев.
Таа потсетува дека Благојче со кислородна боца беше и кај шефот на државата, Пендаровски но и покрај силните лични заложби да се донесе лекот, борбата била безуспешна.
„Тој е првата жртва на системот. Херојски се бореше со болеста до крај! Неговата состојба беше влошена од 2020 година, но сега си беше дома, не беше хоспитализиран“, додава Наташа.
Во очај, таа прашува што постигна државата со тоа што не најде начин да им ја обезбеди терапијата на пациентите?
„Што постигна државата, зарем заштеди пари? Системот ги покажува своите слабости на дело и ние сме негови жртви. Ова не смее да се повтори! Не сакам ни да помислам на тоа. Се надевам дека сите инволвирани ќе ја сфатат оваа порака – порачува Наташа.
Од Асоцијацијата за цистична фиброза во меѓувреме упатија сочувство до семејството и објаснија дека токму поради ова, нивниот револт и потресеност се исклучително големи.
-Асоцијацијата за цистична фиброза со преголема тага и скршеност известува дека денеска изгуби еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со Трикафта, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ. Како Асоцијација лекот го бараме од 2020 г. и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија. Испраќаме длабоко сочувство до семејството, нема соодветни зборови за да ги утешиме, зашто Багојче се храбреше и нѐ храбреше во напорите дека ќе го добиеме лекот Трикафта, а тој не го дочека. За време на својот краток живот веруваше дека новата терапија ќе стигне на време, за да почне да живее понормално, за да може да биде присутен во животот на своите најблиски – велат од Асоцијацијата.