Кога ќе пристигне лекот трикафта во земјава – на ова прашање министерот за здравство, Беким Сали и денеска нема одговор, но тврди дека се работи на тоа лекот да се обезбеди за 30 пациенти со тешка и полутешка форма на цистична фиброза.
Тој вели дека се детектирани членовите на трите закони кои треба да бидат изменети за да може оваа терапија да се обезбеди преку директни преговори со производителот.
„Јас се надевам дека набрзо во Собрание тоа ќе го издејствуваме преку пратениците за да може да се изменат овие членови и да можеме да преминеме кон фаза на директни преговори, а потоа да се обезбеди лекот. Со овие измени ја даваме можноста за преговарање за да добиеме подобра цена на лекот, а секако го кратиме и периодот на јавната набавка. Нема да имаме потреба за рокови, а тоа досега ни одземаше околу два месеци“, додава Сали.
Тој вели дека не може да даде временска рамка кога би се набавила современата модуларна терапија трикафта, бидејќи како што објаснува, надлежноста не е целосно на Министерството за здравство.
„Тука се три институции кои треба да ги предложат измените на законите. Ние сме спремни, но не можеме само ние да бидеме спремни. Мислам дека во делот на буџетот нема да има проблем бидејќи Фондот располага со средства и ќе може да направи интерен ребаланс кој ќе го обезбеди износот потребен за овие лекови. Да напоменам дека не работиме само да обезбедиме дози за осум пациенти, работиме на 30. Се врти информација дека за осум пациенти ќе биде обезбедено, напротив нашата тенденција е 30 пациенти да бидат обезбедени со терапија односно тие со тешка форма и полутешка форма на болеста“, потенцира ресорниот министер.
И покрај тенденцијата на здравствените власти, лекот да биде обезбеден за 30 пациенти, болните од цистична фиброза континуирано апелираат со оваа терапија да бидат покриени сите кои имаат потреба од неа. Тие ова барање го адресираа и преку протест до Владата, потенцирајќи дека задоцнетите решенија може да чинат живот.