Некој дома, на плоштад, во викендичка, ресторан или хотел, а некој ќе оди на Малдиви, Бали, Сејшели, Куба, Дубаи, Занзибар, Мексико…Секој различно и секој според длабочината на џебот ќе ја дочека Новата 2022 година.
Пред телевизор во пижами, или на плажа во костим за капење. Ковид пандемијата и новите соеви се за секој различно опасни и кога станува збор за дочек на најлудата ноќ, таа има предност. И додека домашната скромна трпеза за добар дел од граѓаните кои живеат со минимална плата од 15 илјади денари е единствениот избор, има и такви за кои не е проблем за новогодишните празници да издвојат по 5-6 илјади евра.
Дел од домашните туристички агенции велат дека има голем интерес за патувања на далечните егзотични земји за новогодишните празници, чии понуди се одамна распродадени.
„Се е фул. Сите аранжмани кои ги нудевме за подалечните, егзотични дестинации, се распродадени уште пред повеќе од еден месец. Тоа се понудите за Шри Ланка, Занзибар, Колумбија, Мексико, Мароко, Кападокија, при што најевтината е за Кападокија, околу 500 евра за лице, а најскапата е за Колумбија, 1.990 евра по лице, која е и за најмногу денови, 17. Бидејќи станува збор за подалечни земји, овие аранжмани се за 12 до 15 денови. Авионскиот лет е од Скопје преку Истанбул, а резервациите се направени од идивидуални лица, односно немаме организирани групни патувања како пред ковид пандемијата“, велат од една скопска туристичка агенција за ММС.
Додаваат дека, ковид пандемијата и мерките во секоја држава посебно, засега не се причина за откажување на аранжманот. А, цела одговорност околу ковид мерките и протоколите во одделни дестинации, е на патниците кои треба да си обезбедат серитификати за вакцина и други барани документи, посочуваат од агенциите.
Од друга агенција која нуди новогодишни аранжмани за Израел, Тајланд, Куба, Дубаи, Маурициус, Сејшели, Мексико, Занзибар, Малдиви, исто така велат дека има голем интерес за овие патувања кај нашите граѓани, но за разлика од порано, нема организирани групи, туку букирањето е поединечно. Исклучок е само Истанбул, каде веќе има групно организирано патување со автобус.
Одговорни во туристичка агенција која постои на пазарот речиси 30 години, пак, велат дека генерално, за сите новогодишни аранжмани е слаб интересот во изминатите две години, поради ковидот, кој ги смени навиките за патувања кај граѓаните.
„Пола Европа е затворена и нови мерки се носат секој ден во земјите. Како да се договараат аранжмани за дестинациите кои сме ги имале порано? Сега се се сведува на индивидуални, ат-хок патувања за подалечни дестинации. За оваа Нова Година имаме само еден автобус со организиран пречек за Атина. Порано беа и по 10 до 15 автобуси и по 6 до 8 групи со авионски аранжмани. Имаше навика кај граѓаните да патуваат за секој продолжен викенд или празник. Сега тоа го нема поради пандемијата“, вели тој.
Како и да е, егзотичните патувања за Нова година, не се за обичните граѓани кои живеат од просечна плата.
„Годинава со сопругот и со децата одучивме да одиме во Дубаи за дочекот на Нова година. Ќе останеме 6 дена. Тоа ни е дамнешна желба и сега, и покрај пандемијата, решивме. Сами си уплативме во агенција, каде ни рекоа дека нема групни, организирани патувања, но нудеа одделни аранжмани за различни подалечни дестинации“, вели скопјанката С.П. која има сопствена фирма и повеќе години за празници патува на некое егзотично место со семејството, затоа што тоа не ја оптоварува финансиски.
Маја Томиќ