Десетгодишно девојче денеска е спасено од под урнатини, 39 часа откако силни земјотреси ја погодија јужна Турција, јави Анадолија.
Девојчето со сириско потекло било спасено од петкатница во Хатај, една од 10-те провинции тешко погодени од земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени.
Нејзината мајка, братот и сестрата биле претходно спасени, соопштија спасувачките екипи од лице место.
Агенцијата Анадолија јавува дека спасувачките екипи успеаја утрово да спасат три деца од урнатините во турскиот град Хатај по разорните земјотреси што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, јавува Анадолу.
Бројни спасувачки екипи продолжуваат со акциите за претрага и спасување за да ги спасат луѓето кои се заглавени под урнатините по разорните земјотреси во Туркије.
Спасувачите што стигнаа утрово од Истанбул слушнаа гласови под урнатините, по што вложија огромни напори и успеаја да спасат три деца.
Бројот на загинати од вчерашните земјотреси во Турција се искачи на 4.544 жртви, соопшти вечерва претставник на турската Агенција за справување со катастрофи.