Во кој случај не би смеело или не би требало да се изврши ваков абортус кај една пациентка, колку игра улога нејзината општа здравствена состојба?
-Секако дека постојат некои контраиндикации за примена на медикаментозен абортус. Истиот е контраиндициран кај пациентки со акутни тешки оштетувања на функцијата на црниот дроб, акутни оштетувања на функцијата на бубрезите, кај тешки хематолошки заболувања со пореметување во коагулацијата на крвта. Исто така е контраиндициран и кај пациентки коишто имаат алергија на некој од составните делови на препаратите или имаат чести алергии на многу лекови (медикаменти) каде што треба со голема внимателност да се применуваат овие препарати.
Освен тоа, кај пациентки кои имаат еден, два или три и повеќе царски резови или некои претходни операции на матката, миоми, лузни на матката кај нив е потребна претпазливост и обично применуваме редуцирани дози од таблетките и почеста контрола на овие пациентки, а по потреба и нивна хоспитализација за изведување на интервенцијата на Клиниката. Во овој случај исто го применуваме медикаментозниот абортус, но со малку редуцирани дози на таблетки. Потребно е и почесто следење и повеќе контроли во споредба со другите пациенти. Сепак, имаме добро искуство и многу е мал бројот на несакани ефекти.
Воведувањето на овој тип абортус беше поздравено и од невладините организации, па што според Вас, значи ваквиот чекор за нашето јавно здравство?
-Според новиот Закон за абортуси од 2019 година за да биде легален и овој абортус, дозволено е да се прави и на примарно ниво кај матичните гинеколози до деветта гестациска недела, меѓутоа доколку се достапни препаратите. Во законската регулатива е влезено дека може и на примарно ниво, а секако и на секундарно ниво односно на Клиниката тоа е исто така дозволено и тоа во понапредната бременост над деветта гестациска недела. Со ваквиот абортус на пациентките им даваме право на избор, имаат нова опција, а тоа досега не можевме да им го пружиме. Многу пациентки го прифаќаат овој тип абортус како поинтимен, бидејќи се изведува во домашни услови. Се избегнува анестезија, се избегнува хируршка интервенција. Тоа е особено важно за млади жени и пациентки кои доаѓаат првпат за абортуси и во тој случај не се киретира слузницата на матката и се избегнуваат компликациите што може да настанат при таква киретажа. Многу пациентки го доживуваат ова како поинтимен, побезбеден тип на абортус за нив, што е и препорачано од СЗО и тоа е голем придонес за нашето здравство.
Во ерата на пандемијата со коронавирусот имавме проблеми со ограничени болнички капацитети. Нашата Клиника исто има ковид-центар, се третираат пациентки од целата држава, така што од почетокот на воведувањето на медикаментозниот абортус до 12-та гестациска недела кај овие пациентки го применуваме во домашни услови. Со тоа избегнуваме хоспитализации и остануваат слободни места за пациентки кои имаат потреба од киретажа или други интервенции. Во оваа првата година од примена на медикаментозниот абортус од 01-ви октомври 2020 до 01-ви октомври 2021 година, 60 до 70 проценти од пациентките кои се одлучуваат за абортус го прифаќаат медикаментозниот абортус наспрема хируршкиот абортус.
Пациентките кои смеат, а не сакаат да абортираат со апче, зошто се одлучуваат за класичниот начин?
-Пациентките кои се одлучуваат за хируршки абортус досега имаат повеќе доверба во ваквиот пристап. На пример, претходно веќе имале абортус и биле задоволни од изведувањето и тоа што се изведува истиот ден и има крварење неколку дена по абортусот, додека кај медикаментозниот се очекуваат болки во абдоменот и крварење до две недели по изведување на абортусот.
Кога ќе дојде некоја пациентка на ГАК и ќе се обрати за ваков абортус, како оди процесот? Дали има комисиска расправа или е доволно да одлучи гинекологот кај кого се обратила?
Со новиот Закон од 2019-та година регулирана е процедурата за изведување абортуси, така што кај пациентките до 12-та гестациска недела абортусот се изведува по желба и барање на пациентката. Од 12 до 22 гестациска недела се дозволува прекин од социјални и медицински индикации кои се однесуваат на некое тешко заболување кај мајката или дефекти на плодот, меѓутоа овие пациентки се хоспитализираат на Клиниката и под надзор се изведува процедурата. Тука голем број пациентки го прифаќаат медикаментозниот прекин на бременоста. Веќе по 22-та гестациска недела согласно Законот, не само на Клиниката туку и во други болнички установи во државата, формирани се првостепени комисии од двајца гинеколози и еден социјален работник коишто одлучуваат за пациентките кои поднесуваат во тој случај писмено барање до првостепената комисија за прекин на бременост.
Во овој случај се одобрува прекин на бременоста поради медицински индикации, без разлика дали се работи за тешко заболување кај мајката или тешки малформации кај плодот кои хируршки не се операбилни. Кај понапреднатите бремености после 28-та гестациска недела, пациентката може да се препрати кај второстепена комисија која е формирана во Министерството за здравство каде што има специјалисти од повеќе гранки и каде што таа комисија одлучува за прекин на бременост во случај да се работи за понапредната бременост.
Меѓутоа кај пациентките по 22-та гестациска недела потребно е по прием на овие пациентки во болница или клиника прво да се направи фетицид односно умртвување на плодот, а потоа се врши индукција на породувањето.
Значи и во ординациите на матичните гинеколози може да се дадат овие таблети?
-Да, со Законот тоа е дозволено до деветта гестациска недела меѓутоа доколку може да ги набават овие лекови. За првпат минатата година лековите се набавени преку интервентен увоз со помош на Министерството за здравство на Клиниката. Од март 2021 година досега со поддршка на невладината ХЕРА спроведуваме и еден пилот-проект за почетните искуства со медикаментозниот абортус на Клиниката. Во моментот лековите не се регистрирани кај нас и во тек се постапките за да се забрза процедурата за регистрација на овие препарати и да биде полесна можноста за нивна набавка. Се предвидува следната година по објавување на овие првични искуства од пилот-студијата да се спроведе и едукација на колегите од болничките установи од другите медицински центри во државата, со што оваа метода би се проширила низ целата држава.
Што кога матичниот гинеколог ќе ѝ одобри на пациентката ваков абортус? Дали во тој случај пациентката треба да го набави од странство апчето?
-Во моментот таблетите не се достапни во аптеките, меѓутоа некои пациентки набавуваат од соседните држави. Во Косово, Албанија и Грција се наоѓаат овие таблети така што и во соработка со гинеколозите под нивна контрола тие тоа го применуваат. Ова е законски дозволено до 9-та гестациска недела. Предвидено е и гинекологот да има договор со некоја болничка установа, во која би била препратена пациентката доколку има некакви компликации или проблеми понатаму.
Дали е бесплатен абортусот за пациентките?
-Моментално абортусот е на товар на пациентката, а на товар на Фондот е само во случај ако има медицинска индикација за прекин на бременоста и тие пациентки не плаќаат.
Која е разликата меѓу ова и апчето за „ден потоа“?
-За применување на медикаментозен абортус се применуваат два типа на таблетки. Едните се Мифепристон од 200 мг кои ги блокираат прогестеронските рецептори и механизмот на овој тип таблетки се состои во тоа што доведува до одлепување на овуло-плацентарните маси од ѕидот на матката, го сензибилира мускулниот слој на матката за дејството на простагландините и доведува до размекнување на грлото на матката. По 24 до 48 часа од пероралното земање на таблетките Мифепристон се даваат таблетките Мизопростол. Мизопростолот се дава по 800 микрограми, ние имаме таблетки од 400 микрограми и даваме по две таблетки. Најчесто се применуваат сублингвално, што значи дека под јазик се ставаат двете таблетки, се чека да се растопат петнаесетина минути и почнува нивното дејство. Мизопростолот предизвикува контракции во матката и пациентката ќе чувствува грчеви и болки во стомакот, а потоа по неколку часа доаѓа до исфрлање на плодот со постелката од матката.
За разлика од овие таблетки кои се применуваат за медикаментозен абортус, таблетките за „ден потоа“ се користат за контрацепција и да се спречи имплантацијата на јајната клетката. Тоа е контрацептив. Со медикаментозниот абортус плодот се исфрла и пациентката има крварење неколку дена. Вториот ден може да биде обилно како за време на ментруација, а во следните денови се намалува крварењето. Плодот не се испитува кај социјална индикација за прекин на бременост, додека кај медицинска индикација за прекин на брменост задолжително се испраќа за обдукција заедно со постелката. Обично по две недели се закажува контролата на Клиниката, при што се прави ултразвучен преглед, гинеколошки преглед да се види дали крвари пациентката и се прават лабораторики иследувања. По потреба додаваме капки Ерготил или во некои случаи се додаваат Мизопростол таблетки за да се доврши абортусот.
Во тек е подготовка на студија, па што покажува досегашното искуство, колку има информираност кај пациентките и колкумина досега се одлучиле?
-Медикаментозниот абортус почнавме да го применуваме од 1-ви октомври 2020 година на Клиниката. Од тогаш до Нова година имавме околу 50 пациенти, а од почетокот на годинава досега имаме околу 200 пациентки. Тоа значи дека досега на ГАК сме имале околу 250 пациентки со ваков тип абортус. Пациентките информациите за медикаментозниот абортус ги добиле преку медиумите, од колеги, пациентките едни на други си даваат информации, а ни помагаат и од невладиниот сектор. Ние сме изненадени од интересот кај пациентките и според странски студии ефикасноста на овој абортус е од 92 до 100 проценти. Ние досега имаме околу 90 проценти ефикасност, а процентот на хируршки интервенции е помал и ние имаме меѓу шест-седум проценти. Немаме многу пациентки кај кои сме направиле интрументална ревизија на матката и од оваа група на 250 пациентки, околу 3 проценти се такви кај коишто сме морале да го повториме абортусот. Според досегашните искуства со медикаментозниот абортус немавме некои големи компликации, освен неколку случаи на продолжено крварење кај кои требаше да се направи интрументална ревизија на матката. Задоволни сме од овие почетни искуства и се надеваме дека ќе може да ги споделиме и со колегите од другите центри.
Вања Мицевска