Во најбрз можен рок, секретарот на Бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, ќе добие бугарско државјанство. Ова денеска го соопшти техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков, кој потврди дека бугарското Министерството за надворешни работи на македонскиот државјанин, кој беше претепан во Охрид, ќе му обезбеди привремено сместување додека престојува во Бугарија.
За Пендиков, кој вчера беше отпуштен од болницата во Софија, бугарската власт размислува да му додели и телохранители. Како што рече Милков, Пендиков е загрижен за својот живот доколку се врати во Северна Македонија, па затоа се размислува и за назначување на обезбедувачи. Тој и неговата мајка ќе добиваат и средства за дневни трошоци од бугарската влада.
Пендиков нема бугарско државјанство. Аплицирал во декември. Инцидентот во Охрид ќе му помогне на секретарот на бугарскиот клуб да „прескокне“ процес од две години и експресно да добие бугарски пасош. Пендиков деновиве го ужива целокупното внимание од актуелната бугарска власт. Веднаш по отпуштањето од болница, тој беше примен од бугарскиот претседател Румен Радев.
Министерот Милков денеска соопштувајќи ја веста за Пендиков зборуваше и за настаните во викендот и одбележувањето на великанот Гоце Делчев.
Милков рече дека во однос на почитта на Гоце Делчев беа преземени одредени заложби кои не беа испочитувани од РСМ. Треба да се одржат консултации на кои ќе бидат ставени спорните прашања меѓу двете страни.
-Обидите за надградба, обидите за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија всушност беа поткопани со одредени конкретни постапки на властите во Скопје. Ова, се разбира, означува нова, уште пониска точка во нашите односи“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.
Во меѓувреме, се огласи и Европската унија.
-Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Потребни се напори од сите страни да промовираат атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнат непотребни тензии“, велат од Европската комисија. соопшти Европската комисија.