Владата се пофали дека ранливите групи домаќинства ќе добиваат од државата пари за покривање на дел од сметките за струја.
Одлуката беше бомбастично соопштена по вчерашната владина седница, што кај граѓаните требаше да предизвика оптимизам во песимизмот за повисоките сметки за струја, откако РКЕ вчера обелодени дека електричната енергија ќе поскапи за 9,48 отсто од 1 јануари.
Реално, ова и не е некоја новина. Затоа што пари плус за сметките за струја сиромашните во државата имаа уште од 2010 година, кога се воведе поимот енергетска сиромаштија за прв пат и кога се даваа по 600 денари за време на грејната сезона, од октомври до април.
Од први јули 2015 година, петта година по ред, со владиниот проект „Енергетска сиромаштија“ за граѓаните и домаќинствата од социјално-ранливите групи се зголемија субвенциите за платена сметка за струја, парно или дрва од 10 на 13 евра. Таа година со овој проект беа опфатени до 10.000 корисници, а буџетот беше 1 милион и 317 илјади евра.
Од 2017 година, пак, владата донесе одлука за продолжување на Проектот што го започна во 2010 година, и наместо по 800 денари субвенција, во текот на 2017 ќе се исплаќаат по 1.000 денари, за што од државниот буџет се издвоија околу 1,5 милиони евра.
Уште еднаш потоа, Владата уште во 2018 година (Службен весник бр. 13) донесе одлука за субвенции, со важност од 1 јануари до 31 декември истата година, за по 1.000 денари за ранливите групи што траеше во следната година. Во 2020, со почетокот на пандемијата, со владина уредба паричниот додаток e продолжен за сите месеци од годината, не само за грејната сезона, со цел намалување на ризикот од енергетска сиромаштија.
Единствената новина сега, со вчерашната одлука на Владата, е дека парите нема да се префрлуваат на трансакциски сметки, туку дека автоматски ЕВН ќе ја пресметува и намалува месечната сума за струја за 600 или за 800 денари, зависно од големината на домаќинството (како што од поодамна бараше од Владата РКЕ, меѓу другото, со образложение дека, парите од лична сметка, корисниците ги трошат за што сакаат, а не и за струја). Односно, според досегашната практика, нема контролен механизам дали средствата кои се префрлаат на трансакциските сметки на ранливите групи граѓани, се користат токму за други потреби.
Според Министерството за труд и социјала, субвенции од државата за покривање на дел од трошоците за електрична енергија добиваат семејства со ниски приходи, со само еден вработен, невработените лица и стечајците. На средината на 2021 година ова право на месечна поддршка од 1.000 денари го остварувале околу 30.000 лица во државава кои примаат социјална помош, кои спаѓаат во таканаречената енергетска сиромаштија.
Министерот за економија Крешник Бектеши најавувајќи ја вчерашната владина одлука посочи дека, за ранливите потрошувачи на енергија за 2022 година се предвидени 60 милиони денари, а според проценките треба да бидат опфатени 7.500 домаќинства во времетраење од 12 месеци.
Маја Томиќ