Вкупно 1700 мегавати струја биле повлечени од европската мрежа. Ова го потврди министерот за економија Крешник Бектеши, кој кажа дека дел од струјата повлекла државната компанија ЕСМ, но струја влечеле и трговци со струја, кои ги снабдуваат македонските компании. Кој точно повлекол струја од енергетската мрежа, ќе се знае за месец или два.
-Денеска имав координација со ЕСМ и моментално не се увезува струја за потребата на регулираниот пазар. Овие количини струја не сите се повлечени од ЕСМ, туку повлечени се и од снабдувачи на компании на слободниот пазар заради ненавремени проекции или поради времето или други околности што можат да се случат, изјави министерот Бектеши.
Македонија веднаш била строго опомената од европската мрежа поради незаконско повлекување европска струја, рече вчера во телевизиско гостување директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани. Државава, како дел од европскиот енергетски пазар, може да зема електрична енергија од европската мрежа, но само во посебни услови. Тоа е кога ќе се случи хаварија или друга непогода кога од минута во минута нагло снемува енергија.
Министерот за економија Бектеши објасни дека ова е случај само во неделата и повеќе е дело на снабдувачите на компаниите на слободниот пазар. Тој тврди дека ЕСМ има резерви.
За тоа, кои трговци, односно снабдувачи на слободниот пазар повлекле струја, Бектеши рече дека извештајот ќе стигне во МЕПСО по месец или два и тој извештај не се доставува секојдневно, за точно да се знаат деталите.