Од каде ги црпите знаењата за ваквиот иновациски уред?
Знаењата за овој уред се резултат на долгогодишното искуство со разни уреди. За нешто да продадеш, треба да знаеш што е и како функционира. Потребите на индустрискиот сектор во Македонија се доста различни и сето тоа ни создаде најпрво голема задача а потоа и задоволство да поседуваме во нашата понуда повеќе од 20.000 продукти за индустриски цели. Голем број од продуктите се сродни и можат да се искористат во разни варијанти. Бидејќи сме нискобуџетна фирма, состојбата во која се наоѓаме континуирано бара од нас на клиентите да им понудиме нешто повеќе (идеја, решение) со цел да бидеме подобри од нашата конкуренција. Бактерицидната ламбп е едно од полесните решенија кои сме ги креирале за задоволување на потребите на нашите клиенти.
Колкав е финансискиот товар за овие иновации? Имате ли во план да побарате можеби парична помош од Фондот за иновации, како би можеле да се произведат повеќе ламби, а со тоа да им се помогне на повеќе луѓе?
За секоја иновација е потребна инвестиција (финансиска и временска). Реално, за ексклузивен продукт се потребни финансиски средства кои исто така треба и да се оправдаат. Имајќи во предвид дека овие ламби можат да спасат многу животи и да отворат нови работни места, нашиот следен чекор е насочен токму кон Фондот за иновации.
По професија сте финансиски менаџер. Може ли да ни кажете Ваше стручно гледиште, како државниот систем треба да помогне во една ваква ситуација, кога самите граѓани може да дадат свој придонес во справувањето со еден ваков проблем кој не’ засега сите?
Во модерното време не треба да се гледа еднострано. Некогаш зголемувањето на инструменти за превенција од пандемија може да чини многу поевтино отколку болничкиот кревет или недостигот на медицински капацитети. Секоја современа држава поседува залихи на уреди за превенција. Со самото тоа државата работи на подобрување на квалитетот на животот на населението и продолжување на просечниот животен век. Градежништвото е двигател на економијата, од него имаат бенефит и јавниот и приватниот сектор. Но како што се инвестира во патишта со цел поголема заштита на учесниците во сообраќајот, така треба да се инвестира и во другите области. Изработката на бактерицидни ламби може да предизвика позитивни екстерналии во општеството. Знаеме дека подолг период стапката на невработеност и во состојба на инфлација не е симпатична, но тоа не треба да ги разочарува граѓаните да губат надеж и не треба да ја ограничува државата во барањето идеи. Се надевам дека ова интервју ќе допре до очите, ушите и срцата и на лицата од државниот сектор кои можат да помогнат во поттикнување на сериозно и сериско производство на бактерицидни лампи. Поттикот во овој случај значи финансиски шприц за постигнување ефект на финансиски левериџ. Нашата компанија поседува релации и со странски компании што во превод значи можен пласман на овие лампи и на странските пазари. Доколку идејата е недоволна, можам да им понудам “полн куфер” идеи со кои гарантирам дека ќе го извлечам потенцијалот на многу млади лица кои едвај чекаат да се отворат границите и да заминат на страна како готов производ.
Дали претходно имате создадено некои вакви иновации? Што планирате за понатаму?
Ваков тип на светилка за мене претставува повеќе решение на задача отколку иновација. Благодарение на познавањето на голем број продукти од областа на индустриската автоматика и информатика, сум креирал многу поинтересни проекти за автономна (интелигентна) регулација на комплексни процеси и визуелен приказ за истите. Нешто што мораше да жртвувам поради ламбите е учество (консалтинг) во проект за креирање мини робот на една белгиска компанија.
Колку Ви значи поддршката од Вашето семејство во целиот овој процес?
Хармонијата која постои во моето семејство ми го олеснува патот и ми дава можност полесно да се концентрирам на тековните и идните задачи. Како родител на дете од една ипол година, понекогаш е тешко да се најде баланс помеѓу времето поминато со него и работните задачки. Во такви моменти, моето семејство функционира како „амортизер“. Многу сум благодарен за се’ што прават за мене и се надевам еден ден ќе им се оддолжам за тоа. Работните активности предизвикаа да бидам активен шест дена во неделата од 8 до 19 часот. Едвај чекам да прекинат ограничувањата за движење во недела и сопругата да ми каже дека е се’ спремно и да заминеме подалеку од урбаните места на прошетка со нашата мала ќерка.