Вентилатори за итни случаи, заштитни пластични капсули и паметни шлемови. Ова се само дел од уредите со кои иноваторите ширум светот се вклучија во борбата против коронавирусот. Иновација за спречување на ширењето на вирусот создадоа и двајца светиниколчани кои минатиот месец го презентираа нивниот уред за дезинфекција на простории од вируси и бактерии, а неодамна и штипјанецот Томислав Младеновски реши да ја искористи својата креативност во оваа насока.
За mms.mk тој објаснува дека се работи за лампа со антивирусно дејство. Процесот на производство не може да се реализира само со фиксно работно време, истакнува штипјанецот, кој своите знаења од областа на информатиката сака да ги искористи за да помогне во спречувањето на ширењето на коронавирусот и вели дека кога ќе стивне пандемијата ќе му се посвети повеќе на семејството бидејќи работата сега е понапорна.
Како се роди идејата за лампата со антивирусно дејство којашто ја конструиравте?
Искрено, ми претставува задоволство кога медиумите се расположени да најдат време и за вакви теми. Нашата компанија веќе 5-6 години го опслужува македонскиот пазар со гермицидни лампи, но сите тие беа исклучиво за здравствени установи. Идејата дојде спонтано. Со појавата на вирусот COVID-19, освен здравствениот сектор, се појави интерес и во други сектори (образовниот, индустрискиот, угостителскиот…). На овие барања најпрво реагиравме доста „резервирано”, но откако се прогласи пандемија на глобално ниво, ја сфативме сериозноста за потребите на општеството и сфативме дека ќе направиме индиректен придонес доколку дизајнираме модели кои ќе можат да ги опслужуваат горенаведените сектори.
Може ли подетално да ни објасните како оваа иновација функционира, односно каква е нејзината поврзаност со борбата против актуелниот вирус?
Гермицидната лампа е специфична по тоа што испушта UV зраци на многу кратка бранова должина од само 253,7nm (нано метри). Нејзината улога е целосно уништување на ДНК структурата на сите живи организми т.е. вируси, бактерии и грини. Временскиот интервал за дезинфекција на просторијата е помеѓу 30 и 120 минути, зависно од големината на просторијата. За време на активниот период на лампата, строго се забранува човечко присуство поради можни несакани дејства како оштетување на видот и кожата. По завршувањето на активниот период, потребно е просторијата да се проветри со цел да се острани миризбата од уништените микрорганизми. Поради јакото дејство на УВ зраците, лампата го третира актуелниот вирус како и сите останати вируси и го отстранува целосно и без никакви потешкотии.
Каде се одвива процесот на создавање на ваквите ламби? Дали добивате помош од некој или работите самостојно?
Лампите ги создаваме сами, во склоп на нашата компанија. За да функционира лампата, зависно од типот, потребно е да се вградат 5-20 компоненти. Овие компоненти (делови) ги нарачуваме од повеќе компании домашни и странски.
Колку ламби досега се направени и дали ги понудивте некаде? Каков е одзивот?
За да ги задоволиме потребите на повеќето сектори, дизајниравме околу 20 типови на ламби: за простории до 30м2, 60м2, 90м2, мобилни и статични, на статив и ѕидни, со 1 тајмер, со 2 тајмери, без тајмер и Wi-Fi тип. Дел од ламбите ги имаме изложено на нашиот веб сајт и одзивот засега го надминува нашиот таргет. Нашата главна дејност е трговија со мерни инструменти за индустриски потреби, но во месец април, поради големиот одзив и желбата да помогнеме во справувањето со корона вирусот, одлучивме времето за главната дејност да го редуцираме и со цел да посветиме повеќе време на лампите.