Кои се квалитетите на интровертното дете? Што може неговите родители, па и другите блиски да направат за тоа да ја развие својата креативност и да се чувствува исполнето?
-Секое дете е уникатно, секое дете и секоја индивидуа поседува свои уникатни црти, стекнува способности и вештини кои го разликуваат од друга индивидуа. Интровертните деца вообичаено се поупорни, помалку конфликни, тие се повнимателни и сконцентрирани, размислуваат подлабоко и мислењето не им е под влијание на околината, склони се кон креативни активности и имаат мотивација и желба за учење. Кога се прашуваме што родителите можат да направат за своето интровертно дете, одговорот е едноставен: да го прифатат. Дете кое е прифатено од блиската околина е среќно и има самодоверба во впуштање во нови истражувања на начин на кој тоа е спремно. Интровертните деца можат да бидат и успешни и креативни и иновативни кога се чувствуваат безбедно и кога се сигурни во себе.
Да, интровертните деца имаат тенденција да избегнуваат нови ситуации, но родителите се тие што можат да му помогнат на своето дете полека да се прилагодува на нови ситуации без да се надминува нивниот праг на стимулација. На интровертните деца потребно им е да им се обезбеди време да го доживеат и обработат секое искуство пред да преминат на следното, затоа е важно полека да се стимулира и полека да се воведуваат нови активности и нови ситуации. Секое дете за да развива креативност и иновативност треба да е изложено на различни дразби и форми на уметност, музика, книги, приказни, физички активности, односно на различни стимулации. Но како што веќе напоменав кај интровертните деца треба полека да се воведуваат нови активности и да му се овозможи простор и време на детето да ги процесира новите работи.
Имагинацијата кај децата се развива со читање на нови содржини, но развојот на имагинацијата и креативноста може да биде низ едукативни и креативни игри како што се загатките. Тие не мора да вклучуваат голема група на играчи, а го поттикнуваат детето на размислување. Во домашна атмосфера родителите можат децата да ги поттикнуваат на размислување и креативност ако поставуваат прашање „и што потоа? И што уште?“ Со што детето се поттикнува да размислува за повеќе можности.
Креативноста кај децата може да се поттикнува и на тој начин да им се овозможи сами да креираат играчки. Живееме во свет во кој се’ што ќе замислиме е достапно да го купиме, особено кога се работи за играчки на деца, но на тој начин се „убива” креативноста кај децата. Детето за да создава треба нешто да му недостасува.
Колку неинформираноста за интровертноста може да предизвика „лепење етикети“ на детето, во смисла на тоа да се доживува од околината како некултурно, депресивно и слично… ?
-Неифнормираноста за многу појави во општеството предизвикува етикетирање. Истото може да се случи и со интровертноста, па често интровертните деца се доживуваат како несоцијализирани, недружељубиви, чудни, некултурни, невоспитани, тажни, срамежливи во некои случаи се споредува и со аутизам… Сѐ што отстапува од некое општествено прифатливо однесување е во ризик за добивање на етикета. Луѓето функционираат во толпа, ги мерат своите постигнувања споредувајќи се со просекот така што сѐ што е рзлично од тој просек е на некој начин помалку познато и чудно и подложно на етикетирање.
Каква е улогата на психотерапевтите и психолозите во разбирањето на однесувањето на детето од страна на родителите, со цел тие да може да го охрабрат и насочат кон зајакнување на неговата самодоверба?
Психолозите и психотерапевтите пред се’ можат психоедукативно да влијаат кај родителите помагајќи им да ги осознаат потребите и предностите на интровертното дете. Со помош на стручни лица и примена на техники меѓу кои е и психоедукација родителите ќе можат подобро да го разберат своето дете и исто така ќе можат да стекнат вештини и да научат како да го воспитуваат своето интровертно дете без да ја повредат личноста на детето, овозможувајќи му правилен раст и развој од психолошки, социјален и емоционален аспект.
Вања Мицевска