Ако вашето дете е повлечено, молчеливо и „резервирано“, тогаш најверојатно сте родител на еден мал интроверт.
Интровертноста како особина е всушност дел од темпераментот, односно е присутна од самото раѓање. Додека екстровертите претпочитаат социјална интеракција, интровертите функционираат на поинаков начин. Кои се квалитетите на интровертните деца, како да ја поттикнете нивната креативност, да влијаете на зголемување на нивната самодоверба се само дел од прашањата на кои за читателите на ММС одговори побаравме од Сања Јовановска, лиценциран психолог, семеен и системски советник.
Како да ја препознаеме интровертноста кај децата, кои се нивните вообичаени карактеристики?
-Секое дете е родено со свои уникатни карактеристики и секое дете, секоја индивидуа се разликува од друга, а различностите бараат различни пристапи на воспитување и растење. Се’ почесто се среќаваме со загрижени родители ако нивното дете е поразлично од другите деца во околината. Ако детето претпочита да е само отколку во друштво на врсници се јавуваат прашањата: Дали е тажно? Срамежливо? Дали има проблем да другарува? Дали моето дете има некаков проблем?
Избегнувањето на социјалните контакти може да биде еден од знаците дека станува збор за интровертно дете. Интроверните деца претпочитаат повеќе да играат сами или во друштво на неколку деца кои тие ги одбрале да им бидат пријатели.
Интровертноста има свои карактеристики и освен избегнувањето на пошироки социјални контакти кај децата може да се препознае и по следните карактеристики:
-Интровертните деца избнуваат контакт со очите и интеракција со другите, особено со нови луѓе;
-Интровертните деца не сакаат промени;
-Често се вознемирени и истрошени по ден исполнет со социјални активности;
-Сконцентрирани се кон внтарешните мисли и искуства и малку споделуваат за тоа;
-Претпочитаат креативност, истражување и набљудување;
Некои психолози тврдат дека интровертноста е присутна од самото раѓање на детето кое всушност е помалку темпераментно. Колку се согласувате со ова и дали ако родителите се обидат да го променат однесувањето на своето дете може да создадат фрустрации кај него?
-Дали и како детето станува интровертно? Одговорот на ова прашање е едноставен, а тоа е дека тие се родени така. Интровертноста е дел од нечиј темперамент – црта која е дел од раѓање и има биолошка подлога. Интровертите имаат различен начин на стимулирање на допаминот од екстровертите. Допаминот всушност представува невротрансмитер кој го регулира мозочниот центар за задоволство. Односно, колку екстровертите повеќе се дружат и комуницираат со другите толку повеќе нивото на допамин е поголемо и тие се чувствуваат посреќни и поенергични. Додека интровертните личности се поприемливи на допамин и бараат помалку стимулација, поголемата стимулација ги исцрпува. Нервниот систем исто така игра важна улога за екстровертите и интровертите. Кај екстровертите понагласен е симпатичкиот нервен систем – што објаснува зошто тие секогаш се енергични, додека интровертите ја фавозризираат парасимпатичката страна која е задолжена за релаксирање на мускулите, што резултира во помирна, потивка и порезервирана индивидуа.
Родителите не треба да се трудат да го променат своето интровертно дете туку да го прифатат и да му овозможат и тоа самото да се прифати. Децата пред се’ треба да бидат прифатени од родителите такви какви што се и не треба да се чувствуваат осамено со својата различност. Прифаќањето се случува со почитување на личноста на детето и родителите треба да му помогнат на детето да разбере дека постојат различни луѓе и дека да се биде различен е во ред. Туркањето на интровертното дете кон поголеми социјални контакти, кон уживање во роденденски забави, кон друштвени игри кои вклучуваат повеќе деца ако нивното дете не е спремно за тоа може да предизвика фрустрација и конфузност кај детето како и ниска самодоверба, бидејќи на децата од големо значење им е пред сѐ да бидат прифатени и разбрани од родителите.