Не жалам за ништо. Моите деца се мое најголемо богатство и кога ќе влезам дома, целиот стрес го оставам на страна. Вака ја почнува својата приказна поврзана со мајчинството, модата дизајнерка Маја Кикириткова Трајковски. Таа е мајка на тригодишниот Лазар и едногодишната Ева. Овие братче и сестричка се родени предвреме и уште од самото раѓање, немале друг избор освен да бидат големи борци. Нивната мајка вели дека таа борбеност секојдневно ја препознава во нивниот темперамет, додека ги опсипува со љубов.
За предизвиците и убавините на мајчинството, со Маја Кикириткова Трајковски разговараме по повод одбележувањето на април како месец посветен на мајките кои се породиле со царски рез.
„Лазар и Ева целосно ги променија нашите животи. Тие направија убав пресврт не само во семејството кое го основавме со сопругот Александар, туку и во мојата работа“, раскажува Маја за ММС. Таа потсетува дека извесно време се повлече од модната сцена и паузираше две години.
„Мислев дека нема мода во Македонија и некако сѐ стагнираше, луѓето ја ставаат модата во областа на забавата, а не на уметноста. Сопругот беше иницијатор да се вратам на модната сцена, ми велеше знам дека можеш. Кога имаш поддршка сѐ е полесно па така со раѓањето на Лазар се ребрендираше мојот бренд. Сега творам под брендот Елеазар, тоа е всушност еврејско име, а името Лазар е извадок од него“, раскажува модната дизајнерка, која е и универзитетска професорка.
Вели дека детската насмевка ѝ е најголема инспирација па така кога семејството станало побогато за уште еден член, Ева, се родиле персонализираните кукли „Совршен пар“.
„Правам кукли, меки кукли изработени од природни материјали, а паралелно со нив се прави и дизајнерско парче за детето. Официјалниот роденден на Совршен пар е на први август, но претходно имаше еден тест период и моите деца први го добија својот совршен пар“, објаснува Маја.
Таа вели дека Лазар и Ева животот ѝ го промениле на подобро и ја поттикнале да твори покреативно од кога било.
„Куклите се полнети со памук, везени се рачно со памучен конец и во нив нема ниту еден токсичен елемент, лесни се за одржување за секоја мајка бидејќи мора постојано да се чисти и досега многу совршени парови изработив. А облеката за децата е од органски памук. Тоа е нешто што секоја мајка би го посакала за своето дете. Значи добивате дизајнерско парче, а и децата се радуваат бидејќи се облечени исто како куклата“, додава Маја.
Нејзините две породувања не поминале според очекувањата, па низ спомените за тие моменти се испреплетува и емоцијата на страв, но и доза паника. Тешко е да си дојдете дома без бебе, додека е тоа во инкубатор, вели Маја потсетувајќи се на раѓањето на Лазар.
„Јас бев смирената, а сопругот испаничи и во првиот и во вториот случај. Со Лазар сѐ беше како гром од ведро небо, детето беше две недели во инкубтор, а ние дома без дете. Беше тешко, тоа е емотивно за родителите пред се’ за мајката која си оди со празни раце од болница. Со Ева бев постојано во грч да не се случи истото. Тие се родени со иста килажа, имавме иста проблематика и сопругот паничеше. Не направи мекици ни за едното ни за другото. Ние од старт зборувавме дека сакаме три деца, но сега имаме страв дека тоа пак ќе се случи. Докторите рекоа дека ако останам бремена речиси 100 проценти има шанси дека ќе се случи истата проблематика и стравот е вгнезден меѓу нас“, искрена е младата мајка.
Нејзините деца се родени во 34-та гестациска недела, но проблематично било тоа што дошло до одлепување на плацентата.
„Тоа е поделикатно и ако жената не се јави веднаш на лекар може да се затруе крвта. Веднаш се јавив на лекар, па имав среќа во целата несреќа и бргу изреагиравме. Лазар кога се роди тежеше 2.270 грама, а Ева 2.300 грама. Таа не беше во инкубатор, туку само осум дена на опсервација. Во болницата ми кажаа дека девојчињата се поиздржливи за разлика од момчињата, па со неа лежев во болница и заедно си отидовме“, раскажува Маја.
Сепак, враќањето од болница по раѓањето на Лазар и’ паднало тешко.
„Додека беше во болница не го посетував, го гледав од стакло. За разлика од странство каде мајките го ставаат детето на себе, за да остварат контакт, тоа кај нас не е дозволено. Не знам зошто е тоа табу тема“, посочува нашата соговорничка.
Сепак, малото момченце конечно пристигнало во семејниот дом точно на Бадник. Следните два дена и Маја и сопругот биле со страв, бидејќи како што вели таа, на бебето не му се слушало ни глас.
„Се консултирав со Даница, една советничка за доење, која ми беше исклучително многу од помош. Тој спиеше, не плачеше. Имав стравови и Даница ми помогна да држам лактација, ми покажа како да се молзам, како да цица, како да му дадам со шприц млеко. Тоа е долга проблематика. Во прицип беше мирно бебе, спиеше постојано, стануваше само за цицање. До шестиот месец беше како да немавме бебе дома. Потоа почна да истражува низ дома, но тој навистина е дете како по книга. Ева беше постојано плачлива, сакаше да ја држам во раце, не можев да ја успијам, па помина доста време додека да воспоставиме ритуал“, вели Маја.
Таа ни сподели дека и двете деца сакаат музика, а смета дека љубовта кон музиката е наследена од вујко им и од татко им.
„Лазар оди во градинка со дечиња кои се една година поголеми од него и забележувам напредок во она што го прави. Нескромно ќе кажам дека знае преку 150 песни, а и Ева кога ќе слушне музика веднаш сака да танцува“, додава Кикириткова Трајковски.
Меѓутоа, Ева е родена два месеца пред да почне пандемијата со коронавирусот во земјава, па како што вели Маја, таа е и по малку асоцијализирано дете. „Новото нормално“ воопшто не и’ донело страв. Напротив, вели дека целото семејство е постојано заедно, постојано се обединети, а тоа ѝ носи чувство на спокој.
„Пандемијата не ми донесе проблеми, бев опуштена. Лазар не одеше во градинка кога се роди Ева. Сакав да биде дома бидејќи имавме бебе, а беше период на вируси. Тој остана дома и сопругот ми помагаше многу. Сами ги растеме децата и така е подобро. Јас така мислам. Од огромна помош се бабите и дедовците, но дете растено со родител е различно“, нагласува таа.
Признава дека мислела оти воспитувањето е лесна работа, но искуството го покажало спротивното.
-Да се исправи дете на прав пат е макотрпна работа. Јас сум принципиелна и сакам на време да се јаде, да се легне. Јас сум построга и децата имаат воспоставено ред. Со татко им се поопуштени, бидејќи самиот тој е поопуштен. Нему му се качуваат на глава и често знае да ми рече: „Зошто Маја со тебе не се однесуваат вака?“. Од разговорите со други мајки знам дека децата се поопуштени со татковците. Сепак, јас и мојот сопруг Александар заедно го воспитуваме дека треба да се борбени. Сакаме да ги научиме на убави вредности уште од мали нозе и да знаат дека треба да се борат во животот за она кое сакаат да го добијат – додава Маја.
Оваа модна дизајнерка веќе неколку години не спие. Вели со раѓањето на децата престанал и константниот сон, родителот мора да се разбуди кога детето не може да спие.
„Родителите се цел живот жртва, но тоа се исплаќа, тоа се слатки маки. Ете Лазар и Ева се две деца создадени од исти родители, но се сосема различни. Тие се мој универзум и кога ќе ме погледнат не жалам за непроспиените ноќи“, вели низ насмевка Маја.
За царскиот рез, вели дека на своето тело цел живот ќе ги носи лузните кои секогаш ќе сведочат за двете деца кои ги донела на свет.
„На секоја трудница и на секоја нова мајка им посакувам многу убави денови со нивните деца и им препорачувам да ги гушкаат децата што повеќе, бидејќи тоа е лекот за сѐ. Децата ја чувствуваат негативната енергија и особено кога во домот има новороденче не треба да има нервози или напнатост, затоа што така бебето нема да може да биде релаксирано. Јасно е дека дека сите имаме стресни ситуации во текот на денот, но сѐ поминува. Кога детето ќе застане пред тебе сѐ се заборава. Ние живееме за децата, тие се нашето богатство, наше поколение и не треба негативната енергија од надвор да се пренесе дома“, заклучува Маја Кикириткова Трајковски.
Фотографиите се објавени со дозвола на родителите
Вања Мицевска