Свадбата ја направиле сосема скромно, прославувајќи со најблиските дваесетина луѓе. Како плод на љубовта се родил и синот Никола.
Додека Новче работел во билијард клубот во негова сопственост, Елизабета решила да се посвети на чувањето на детето и домашните обврски.
„Нашите семејства ништо повеќе не ни помагаа отколку семејствата на луѓето без попреченост. Нормално, одвреме навреме на секој му треба помош. Живееме цело време во Куманово, билијард клубот си работеше, сопругот беше повеќе ангажиран. Повеќе си бев околу домот и детето. Блиските ни помагаа кога Никола требаше да оди на некое место кое за нас не беше пристапно, значи најмногу од тој аспект“, додава таа.
Бети вели дека Никола кој сега има 26 години веќе не ги дружи толку родителите и повеќе време поминува со пријателите, но додека бил мал често го носеле на дружбите за лицата со попреченост.
„Сме шетале со детето, тој кога беше помал повеќе нѐ дружеше. Нема град од Македонија каде не сме биле. Постојано шеташе со нас, a Куманово-Скопје ни беше нормална релација. Тој уште од двегодишна возраст доаѓаше со нас на натпревари и имаше комуникација постојано со луѓе со различен инвалидитет. Гледаше дека се шегуваме, се дружиме на тие средби и тој не поставуваше многу прашања околу тоа. Тоа го прифати како нешто нормално, знае дека сите сме луѓе“, посочува Елизабета.
Уште од најмали нозе, таа и Новче го учеле дека кај луѓето најважни се душата и карактерот.
„Уште кога беше дете му кажувавме дека важно е човек да е човек, да помогне на секого кога е во можност“, ни изјави таа. Вели дека поради пандемијата не може да се дружи со своите пријатели и истакнува дека таквите собири многу и’ недостигаат.
„Сега моментално сопругот е во пензија, а јас сум околу домот. Имам цвеќиња во дворот, имам љубов за готвењето. Имам учествувано на тортијадата за лица со попреченост. Инаку на средбите доаѓаа многу луѓе, па останавме во контакт. Недостасуваат средбите секако, целата ситуација со ковидот ни го промени животот. Со некои пријатели од 90-те години ден денес се дружиме“, додава таа.
Ја прашавме и каква е ситуацијата со инклузијата на граѓаните со телесна попреченост во земјава, на што забележува дека многу повеќе се зборува отколку што се прави.
„Мрднавме од некоја почетна точка во споредба со тие години, прво немаше ни пристап до училиштата, гледам дека сега се прилагодени. Треба и тоалети, не само пристапна рампа. Кога ќе се спомене лице со попреченост се мисли прво на лице во количка и на пристапност. Но не е само тоа. На новите згради има рампи, но тие не се функционални. За да биде објектот пуштен во употреба треба да има рампа, но не е функционална. Значи оваа тема е многу извикана, а малку е направено“, забележува Елизабета.
Таа признава дека имала моменти кога стресот бил поголем и паѓала психички, но вели во такви ситуации детето ве мотивира да оставите се на страна, да се насмевнете и да продолжите понатаму. За синот вели дека е најголема гордот за неа и Новче, впрочем како и секое друго дете кое е гордост за своите родители.
„Синот заврши факултет, но моментално е невработен. Сака дружби, патувања, сака да се надоградува“, посочува Бети.
Порачува дека за убав брак не е потребно ништо друго освен разбирање и почитување.
„Неопходно е другата личност да се почитува“, кусо истакна таа.
Пораката упатена на крајот од разговорот за ММС се однесува на сите лица со инвалидитет, на кои таа им порачува да се охрабрат, често да излегуваат од дома и да се дружат.
„Можеби на почетокот ќе им биде тешко во извршувањето на секојдневните обврски, но вреди бидејќи седејќи дома животот поминува, а убавините нема да му ги видат“, заклучува Тодоровска.
Вања Мицевска