Животот во четири ѕида не е лесен. Не само што не поминува, туку и станува монотон и досаден. Ова особено го знаат луѓето, кои го прекршиле законот и се на отслужување на својата затворска казна.
Една, две три, четири, петнаесет, дваесет години , жителите зад затворските огради , порти и бодликави жици тешко го живеат својот живот, уште повеќе доколку некој е по првпат, некој по втор, трет…. Но, во оваа тажна животна приказна и не мора да биде се така црно, доколку некој се обиде да се ресоцијализира, а за тоа услови има.
Екипата на ММС, влезе низ портата на ѕидовите на КПД- Штип. Тука во моментов своето секојдневие го минуваат вкупно 236 осудени лица, а заедно со нив и 115 вработени.
„Времето треба да биде исполнето, со цел полесно да им минува затворската казна и годините за кои се осудени. Во рамките на издржувањето на казната затвор работата е третманска мерка во процесот на нивната ресоцијализација. Освен работата тука е и образование по занимање и слободните активности како спорт и рекреација. Во рамките на КПД -Штип има вкупно 87 работни места од коишто некаде околу 70 се пополнети, каде осудените лица ја извршуваат својата работна задачи којашто им е доделена,“ вели директорот на КПД Штип, Мики Тодоров.
Степенот на ресоцијализација и насочување зависи од желбата на осуденото лице, колку сака да биде ангажирано, но и стручно оспособено, за да таа стекната вештина понатаму да му помогне во обезбедување на егзистенција, кога ќе излезе на слобода.
Во КПД -Штип се работи земјоделие, сточарство, во затворската кантина, во кујната, се подготвува леб во затворската пекара, се учи електро-занает, браваро-машински, но и резбарство.
Во резбарската работилница на дрвото му даваат живот, а резбите изработени во затворската работилница ја красат канцеларијата на Советот на Европа во Сараево, ги има во безброј други институции, НВО, министерства и други институции. Резбите им се подаруваат како знак на благодарност на сите кои на некој начин помогнале во подобрување на условите во затворот.
Резба – логото на Советот на Европа, изработено од членовите на резбарската работилница, подарок за канцеларијата на СЕ во Скопје
Во КПД-Штип велат дека резбарството е еден од потешките занаети, но ,сепак, за него има интерес.
„Моментално имаме две осудени лица коишто се работно ангажирани во нашата установа, на работна позиција резбарство, изработуваат резба. Морам да кажам дека голема е маката при изработка на една резба,“ вели Тодоров.
ММС разговараше со тројца осуденици кои се занимаваат со резбарство и кои велат дека маката е голема, макотрпна, но ги брише тешките мисли и се исклучуваат и работат, додека творат. На еден од нив резбарењето не му е непознато, со тоа се занимавал од свои 16 години.
„ Ова го работам за да ми помине времето. Со резбарство се занимавам од својата 16 година. Го имам работено и дома и во војска 1992 година. Еве сега продолжувам да го работам и тука, вели Мунир Пепиќ, осудено лице во КПД- Штип.
Резбарството и копаничарството се главна преокупација во затворските денови и на затвореникот Васе Илиев-Кемо од Струмица.
„Член сум за Друштвото на копаничари. Сум имал изложби низ Македонија. Занаетот го научив во затворот во Идризово. Работев во затворот, а и надвор имам фирма. Потоа, пак. влегов во затвор и сега тука го пренесувам занаетот на луѓе кои се заинтересирани, а се осуденици како мене. Значи секој може да дојде и нема да биде одбиен, додава Кемо.
И Пепиќ и Кемо велат дека во резбарството се’ е тешко и се’ е лесно, но и многу интересно.
„Пред се ‘ самото резбарење без разлика на што се однесува, дали се работи на некоја црква, крст или слика, кога ќе почнете да работите ве тера што повеќе и повеќе да работите. Најинтересно е што се исклучувате, не сте тука со мислите, како да сте во некој друг свет, вели Пепиќ.
-Пред се’ мора да имаш мерак за копаничарство, тоа ме исполнува мене. Кога излегов од затвор го работев тоа и егзистирав од копаничарството. Но, го кршевме законот и што да правиме кога знаеме друго да работиме. За живот има, ако сакаш да живееш и егзистираш од тоа. Ама ние сакаме повеќе, затоа и не добиваме повеќе, туку тоа што го заслужуваме. Јас четри пати сум бил во затвор и нема аир од криминалот. Сол и леб да јадеш само да бидеш на слобода,“ вели Кемо, кој заедно со Пепиќ на дрвото му го продолжуваат животот, па обична даска ја оживуваат за следните 1000 години.
„Значи, се зема дрво, па прво се црта и цртежот преку индиго се пренесува на дрвото, па се преминува на фаза работење. Се почнува со глетата полека да се потцртува по пренесената слика, зошто индигото може да се избрише, и веднаш потоа се почнува со копање, се’ додека не се дојде во финишот на самата резба, Кога ќе се заврши резбата, се шмиргла, за да на крај одиме со лакирање, со што завршуваме. По тоа се става на сушење, а ние веќе почнуваме со другите резби, образложи Пепиќ
И Мунир и Кемо не само што изработуваат резби туку и го пренесуваат занаетот на други заинтересирани осудени лица. Еден од нив е Богдан Митевски од Штип, кој решил на своите 72 години да го научи копаничарскиот занает и вели дека за него копаничарството е уметност и многу му се допаѓа.
„ Мене многу ме заинтересира, ми се допадна многу. Ме прифатија колегите – мајстори и веќе сум тука шест месеци. Прво почнав со крстови. Ми помагаат мајсторите и многу е интересно. Од ништо-нешто ќе направиш. Сега го изработувам знакот за судството. Не чувствувам кога времето поминува, инаку е досадно, не поминува денот, вели Богдан.
Погледнете ја целата приказна во видеото: