Необичното пријателство со најважната личност во Данска, кралицата Маргрет Втора го спасило велешкиот мајстор на мозаикот, Димче Манев од депортација од скандинавската земја пред две децении.
Сега Димче живее и твори во Лондон, а за ММС ја раскажа својата филмска приказна за неговиот живот, која почнува во Романија, па се сели во Данска каде што ги пронаѓа врвните италијански уметници на древното декорирање – мозаикот.
Приказната почнува за време на конфликтите на Балканот, кога Димче со својот другар се качил на воз за Романија. Патувајќи кон Констанца, тие запознале девојка чиј брат издавал сместување, а таму и пријатели од Данска кои ќе им го сменат животот.
– До нас беа семејство Данци и создадовме пријателство со нив. По неколку месеци ни испратија гарантни писма, аплициравме за виза и заминавме таму. Подадов документи за да престојувам како ученик. Се случи да имаме тема за култура, традиции, религии. Во тоа време имаше многу бегалци од Босна кои трошеа големи количини картици за телефонски говорници. Јас ги собрав сите картици и со чиповите го изработив првиот мозаик. Го однесов на училиште и им реков дека ова е македонска традиција. Мојот наставник беше импресиониран и се јави на данската национална телевизија за да направат прилог со мене – почна да раскажува Димче Манев.
Димче добил нови 8.000 потрошени картички за телефон и од нив изработил серија од икони: Богородица, Спиридон, Харалампие и Света Троица. Делата ги видел директорот на средното уметничко училиште кое работело и цртање икони, па директорот му понудил на Манев да работи во кампусот за да си го плаќа сместувањето.
– Се сеќавам дека учествував со моите мозаици од картици на една изложба по повод еден век од основањето на телекомуникациите. Јас во меѓувреме во мојата соба во кампусот го изработував и портретот на кралицата Маргрет од картици по повод нејзиниот 60-ти роденден. Но, на првиот ден од отворањето на изложбата ми стигна писмо дека не можам повеќе да останам во Данска. Одлучив да и напишав писмо на кралицата. Не очекував дека за три дена ќе ми одговори дека мојот случај повторно ќе се разгледува. После изложбата ми дојде ново писмо во кое ми вели дека сум добредојден во палатата за да и ја подарам сликата од неа. Потоа кралицата Маргрет испратила писмо со барање до Министерството за внатрешни работи кое ми го разгледало мојот случај. Оттаму ми одговорија дека ако си најдам работа само на струката, тогаш можам да останам – откри Манев кој и по две децении од случката со голема возбуда зборуваше за своето чудно пријателство со кралицата Маргрет Втора и нивните писма кои срамежливо ги чува во домот на своите родители во Велес.
Откако добил рок да си најде работа, Димче се качил на велосипедот и почнал да бара работа низ улиците на Копенхген. Сосема случајно седнал да јаде наспроти Галерија за икони која му припаѓала на италијанско семејство кое изработувало мозаици со векови.
– Мајсторот беше типичен Италијанец на околу 70-годишна возраст. Неговото семејство цели пет генерации работело со мозаик и имало школа за мозаици во северна Италија. Ме зема на проба и јас се покажав пред него. Од него ги научив тајните на големиот занает. Мајсторот викаше, учи оти само 40 луѓе на светот го знаат како тајна на италијанските мајстори, а оваа тајна ја чувале пет генерации наназад во неговото семејство. Данскиот крал ги пофалил неговите дедо и прадедо пред рускиот крал Петар кој пак ги ангажирал да ги направат подовите на руската црква и на музејот во Санкт Петерсбург – раскажа Димче.
За подобра егзистенција, Димче Манев со семејството се сели во Англија каде што отворил работилница за мозаик и почнал да се пробива на комерцијалниот пазар.
– Овој занает не старее и не умира. Има периоди како тркало се, еднаш опаѓа, друг пат се враќа во мода. Поради пандемијата застанавме и моравме да се прилагодиме и да направиме продукт што ќе им биде интересен на купувачите. Сега сликите поретко се бараат, повеќе работиме декорации на подови и на бањи – истакна велешкиот уметник.
Димче изработува мозаици од секаков материјал и со децата собираат камчиња од секоја плажа која ќе ја посетат. Работи и со мермер и со венецијанско стакло, а најлесно му е да работи со тркалезни камчиња.
– Со Венецијанско стакло полесно се работи, полесно се крши и има над 90 нијанси што го користат сите уметници за сите мозаици. И Музејот на АСНОМ е правен со венецијанско стакло или смалдо. Тврдината на каменот е различна, зелената боја е многу цврста, сината боја е тешко да се најде. Убав е каменот, но треба да го најдеш – вели Манев.
Тој и сопругата во работилницата во својот дом во Англија организираат курсеви по мозаик, а интересот е голем кај Британците. Ги учат како да изработат мозаици, им нудат македонско јадење и вино и ги запознаваат со македонската култура. Тој што ќе си направи мозаик си го носи дома и тоа спаѓа во цената на курсот.
Клиенти на Манев се луѓе кои ја ценат оваа римска уметност, пред се архитекти, уметници, новинари и новопечени богаташи “кои не знаат што е мозаик, но сакаат да го имаат дома“.
– Еден ден ми доаѓа човек со гума од автомобил и ми рече сакал да изгледа како грамафонска плоча. Јас му направив маса за пиење пиво од мермер. Еден клиент ми побара жена во носија од Јамајка да му стои на ѕидот во бањата. Секој со своето уживање – откри велешкиот уметник кој сам си го изработува материјалот без разлика дали е од мермер или кобалт.
деца сакаат да работат со него и да креираат уметност, но тој не сака да им се наметнува во нивниот избор.
– Полека им го предавам занаетот на децата, не сакам да им го наметнам. Зимскиот период повеќе го користиме за да креираме нешто заедно и да цртаме. Избегнуваме медиуми, телевизија и сакаме да работиме нешто. За пандемијата многу цртавме. Децата собираат секаде камења кај што одат. Дури и во Охрид собираме камења во шишиња и правиме мозаици, едноставно, наместо да зјапаме во телефон, ние ја насочуваме енергијата кон малечките коцки кои се преобразуваат во уметничко дело – додаде Димче додека ги прелистуваше старите слики од своите први изработки на мозаик.
Орце Костов