Денеска почнува новата учебна година, за која веќе се усвоени наставните програми. Учебната 2022-2023 ќе донесе нови предизвици за околу 225.000 основци и средношколци. Завршувањето на летниот распуст носи промена не само за нив, туку и за целото семејство, а токму семејната атмосфера влијае врз тоа дали детето ќе гледа на тргнувањето во училиште како на негативна или како на позитивна промена.
Влијанието на завршетокот на летниот распуст врз менталното здравје на децата, е во фокусот на нашиот разговор со Соња Угриновска, лиценциран психолог, семеен и системски советник. Таа во интервјуто за Македонски медиа сервис објасни и колку тргнувањето во градинка може да биде стресно за најмалите и каква е улогата на родителите во начинот на кој тие може да реагираат на една ваква клучна промена во нивното секојдневие.
Какви реакции може да се јават кај детето поради тргнувањето во градинка, со оглед на тоа дека голем дел од денот ќе треба да го поминува во нова средина?
Започнување во градинка на детето е момент за кој се подготвуваат и родителите и на некој начин го подготвуват и своето дете. Главните очекувања на родителот се детето да добие здрава и безбедна средина, во која оптимално ќе добие грижа во градинката, а потоа и дека ќе добие доволна стимулација која ќе му помогне и ќе го унапреди неговиот психо – моторен развој, кој започнал во рамки на домот. Првото поаѓање во градинка го соочува детето со емоционална реакција, најчесто плачење и тоа е природна реакција, тоа е знак дека тоа дете е во сигурна емоционална врска со родителот (сигурен атачмент.) Она што ја предизвикува таа реакција е страв од непознати луѓе и ситуации, но и страв од одвојување од родителот.
Преодниот период е времето кое му е потребно за да се адаптира на промената и да постави доверба и со воспитувачите. Се очекува со текот на растењето и кон втората година, детето да е сѐ поподготвено да се одделува почесто од мајката (родителот) и сѐ полесно да се адаптира на престој во градинка. Друг важен момент кој влијае на тоа како ќе се однесува детето е самиот негов темперамент, односно дали побрзо или поспоро се прилагодува и какви реакции може да изрази, силни, негативни или позитивни.
Како родителите и семејството воопшто, би можеле да му помогнат на детето кое допрва треба да почне да оди во градинка или пак, почнало неодамна? Дали би требало низ разговори и игра да му објаснат што да очекува, со цел периодот да биде што помалку стресен?
Играта има голема улога во надминување на адаптациониот период, затоа што го воведуваме низ игра детето да покажува и усвојува дружење со другите деца и со другите возрасни од градинката. Играта придонесува да се пројави и експресивност кај децата за да можат да ги изразат подобро своите потреби. Низ игра се стимулира и самостојноста кај децата.
Родителот се очекува со позитивни зборови и чувства да го запознае и воведе детето во градинка.
Да кажува позитивни примери со децата што посетуваат градинка. Може да го однесе до зградата, да му ја покаже, да му покажува слики од деца во групни активности, да го стимулира да си игра со други деца. На почеток прстојот е со пократко време, време на навикнување, а потоа кога го зема го пофалува за успешниот престој. Тргнувањето во градинка и училиште е секако настан кој може многу да значи за целата семејна структура, така што и кај родителите е очекувано да се јават потреби за прилагодување кон новото секојдневие.
Како почетокот на новата учебна година може да се одрази врз децата кои се првачиња? Дали таквиот нов почеток може да биде стресен за нив, да се појави недоверба за тоа како ќе се справат со идните предизвици? Дали нивниот начин на реагирање зависи од тоа дали претходно биле чувани од нивните баба и дедо или оделе во градинка?
Тргнување на детето во прво одделение го означува почетокот на ново поглавје и во животот на идниот ученик и во семејниот систем. Навистина е критичен период кој може да придонесе до реструктурирање на целиот семеен систем. Детето ќе добие нова улога, улога на ученик, а со тоа и ќе се воведе во поголема одговорност. Низ таа улога се очекува многу побрзо да порасне на когнитивно ниво, комуникациско и социјално поведение.
Тоа започнува и во рамки на домот преку симболичките игри кои го воведуваат детето во улогите на возрасните, стекнување на емпатијата и споделувањето и дружењето. Потоа, родителите спремајќи го идниот ученик работат на правилен развој на неговиот говор, стекнување на хигиенски навики, добар биоритам и организирање на денот и основни вештини со што ќе може полесно да се адаптира во училишната средина. Родителите треба на позитивен начин да го претстават училиштето. Да му помогнат на детето да биде спремно, мотивирајќи го со љубов кон книгата, моливот, боичките, така што ќе почнат уште пред поаѓањето на училиште да има активности со сликовници, воведни едукативни материјали и разни креативности. Исто така, треба да се поттикнува неговата самостојност, но и да се поттикнува градење на позитивен однос со другите (најчесто врсници). Пополека да учи дека не само надворешниот излед, туку и внатрешните особини кај другите може да ги цени и да ги почитува.
Бидејќи многу деца пројавуваат некогаш физиолошки симптоми како резултат на стресот, во ред е да им дадеме малку повеќе време, секако со позитивен пристап за да се прилагодат, при тоа внимавајќи да има позитивна атмосфера во домот, слободно овозможувајќи му да ги изрази своите чувства кон училиштето и новата средина.
Што е со останатите деца, односно останатите ученици од погорните одделенија? Како тргнувањето повторно на училиште може да влијае врз нив, ако знаеме дека летниот распуст е период кога се слободни, а таквиот период веќе завршува?
Во слободниот период којшто неминовно треба да следи после учебната година, децата го користат секојдневието за слободни активности, имаат повеќе време за да бидат надвор со другите деца и повеќе време да поминуваат со семејството. Со почнувањето на новата учебна година одговорностите се продолжуваат и секое дете зависно од тоа колку му треба, поминува во учење и домашни задачи. Сѐ повеќе има надзор од родителите и наставникот во тоа дали ги совладува материјалите и колку успешно ги совладува. Перепцијата дека ќе имаат притисок ученикот го прави помалку мотивиран лесно да се врати на училиште. Кај оние деца каде што по природа се досадуваат на едно место или не можат долго да оддржат внимание исто така може потешко да им оди враќање во училишните активности.
Какви промени во однесувањето може да пројават децата односно учениците со повторното тргнување на училиште? Дали семејната атмосфера има влијание врз начинот на кој тие гледаат на предизвиците кои ги носи образовниот процес?
Ако има случај детето да одбива да оди во училиште, да попушти со учењето, или да пројави негативно поведение во училиштето, некогаш во семејниот систем тоа може да укажува и на природата на семејните односи и квалитетот на семејниот баланс и семејната атмосфера. Најчести промени кои може да се јават во однесувањето се одбивање за да се станува и навреме да се спрема за во училиште, безволност или демотивираност, негативен став кон наставникот и учењето.
Според Вас, како низ образовниот процес може да влијаеме врз менталното здравје на децата и да добиеме самоуверени генерации со емоционална интелигенција?
Преку училишиот час може најдобро да се учат децата на активно слушањ, (фокус кон говорителот и перцепција на јазикот и невербалните знаци, чекање ред и поставување на прашања, барање појаснување или подпрашување и одговарање на подпрашањата за дискусија), промовирање на почитување едни со други и фер однос меѓу соучениците, без разлика на тоа кој колку успех има или какви оценки има. Да се најде доволно простор за самоизразување преку креативност на самиот ученик или неговите наклонетости. Работилници кои се корисни со најразлични психолошки теми прилагодени за возраста. Поттикнување на конструктивно решавање на конфликти. Помагање и промовирање на учење во парови и групи каде би можеле да си помагаат едни со други, и така натаму.
Вања Мицевска