Каква е улогата на лидерите во појавата на синдромот на прегорување? Дали и поради нивно лошо менаџирање на работата, кај вработените може да дојде до вакво нешто?
-Синдромот на согорување поврзан со работата е тесно врзан со културата на работната средина што ја градат лидерите во својата фирма/организација. Според Human Resource Executive, причина број еден за исцрпеноста на вработените претставува лошото лидерство и нејасните насоки. Важноста на работната култура и благосостојбата на вработените се повеќе се препознава како клучен двигател за успех. Сепак, сè уште има многу лидери и менаџери кои го наградуваат прекумерното работење и лошо раководат со персоналот. Нејасните очекувања, лошата комуникација, недостатокот на можности за градење на сопствената кариера и чувството дека не се почитувани и ценети се високо на листата на причини зошто вработенит доаѓаат до состојба на исцрпеност, непродуктивност, неефикасност и состојба на прегорување. Лошиот менаџмент, лошото лидерство и нездравата работна култура се претходници на согорувањето на вработените. Исто така, ако и самите лидери не менаџираат добро со сопствениот стрес, тоа може лошо да се одрази на самите вработени. Важно е лидерите да ја разберат улогата што можат да ја играат во спречувањето на исцрпеноста на вработените. Важно е лидерите да превземат поголема одговорност за здравјето и благосостојбата на нивниот персонал, што пак е од огромна важност за постигнување на работен успех.
Умеат ли луѓето да го препознаат ваквиот синдром и дали бараат помош и поддршка од стручни лица за да го надминат, што покажува Вашето искуство?
За жал, многу често се случува луѓето да го препознаат ваквиот сидром и да побараат помош и поддршка тогаш кога состојбата на нивното лично здравје станала високо алармнтна. Една од многуте можни причини зошто луѓето чекаат толку долго за да побараат помош е тоа дека состојбата на burnout често пати се манифестира и како нешто едноставно и добро познато, како на пример болка или главоболка или дигестивни проблеми. Заради тоа, често се случува на почетокот личноста да ја минимизира алармантноста на знаците што ѝ укажуваат дека ѝ е потребна подобра грижа за себе, помош и поддршка. Моето лично искуство ми покажало дека често се случува луѓето да избегнуваат да им дадат приоритет на своите лични потреби, сѐ додека не дојдат до самиот крај на личните сили. Симптомите што ги искусуваат понекогаш ги препишуваат на други надворешни причини. Но, сепак тоа што нас стручните лица во последно време навистина нè радува е поголемата отвореност да се зборува и пишува на ваквите теми, како и зголемената свесност и заинтересираност за ваквите состојби, особено од страна на младите луѓе, како и нивната спремност да побараат помош и поддршка со цел да си помогнат на себеси или на некој друг околу себе.
Дали преокупацијата со работата навистина води кон зголемена продуктивност? Дали немањето време за себе е навистина „рецепт за успех“ или со прегореноста всушност се впуштаме во загриженост околу работата без да имаме простор за поголем успех?
-Прекумерната окупираност со работата не секогаш значи поголема продуктивност или поголем успех. Немањето време за себе или негрижата за сопствените потреби, нивното незадоволување може да влијаат негативно на продуктивноста и ефикасноста коишто се тесно врзани со успехот. Ако постојано сте преокупирани со работа и не креирате време за себегрижа или одмор, време за негување на вашите други интереси, хоби, врски со другите луѓе…со текот на времето вашето однесување може да добие форма на нездраво однесување, како што е компулсивно однесување (пр. прејадување), како и појава на одредени симптоми на депресивно расположение. Важно е да бидеме свесни дека нашите потреби, кои можеби ги игнорираме или запоставуваме во име на работата и успехот, не можат предолго да останат незадоволени. Не можете да истурате од празна чаша. Непходно е да ја наполните вашата чаша за да можете повторно да давате од себеси. Без посветена грижа за себе, животот почнува да го губи својот квалитет. Истражувањата покажуваат дека оние кои се способни адекватно да ги задоволат нивните потреби честопати се способни подобро да се справат со секојдневниот стрес, што всушност помага во превенирање на состојба на burnout. Грижата за себе го зголемува задоволството од животот, од работата, а со тоа ја зголемува и продуктивноста и успехот во истата.
Со оглед на тоа дека летото е речиси во полн ек, што би им порачале на луѓето кои се чувствуваат „прегорено“ – колку годишниот одмор може да им биде од полза за надминување на ваквата состојба? На кој друг начин би можеле да си помогнат самите на себе доколку констатирале дека и тие го имаат овој синдром?
-Годишните одмори, патувањата, летувањата може да помогнат и да придонесат луѓето да креираат време за релаксација и простор за исполнување на своите лични потреби, што им е неопходно доколку се чувствуваат „прегорено“. Но, не би кажала дека еден годишен одмор може да помогне во целост да се надмине ваквата состојба. Често пати се случува луѓето да заминат на одмор и кога ќе се вратат назад во старата средина повторно да се вратат на старите навики кои можеби ги донеле до состојба на исцрпеност.
За жал, состојбата на burnout не е како да имате грип што ќе помине за една недела. Напротив, доколку сакате да ја надминете ваквата состојба важно е се посветите на работа на себеси и да направите значајни животни промени. Првиот чекор во справување со ваквата состојба е да се погрижите за себеси и своите потреби. Да почнете да практикувате активна грижа за себе. Да ги замените лошите навики со здрави навики. Тоа можеби за вас ќе значи промена на начинот на исхрана, навиките за спиење, почести прошетки во природа, поминување повеќе време со семејството и децата, вежбање, практикување водени медитаци, водење дневник и така натака. Грижата за себе за сите нас може да изгледа различно.
Но тоа што е исто така многу важно доколку сте препознале кај себеси некои од предупредувачките знаци или симптомите на burnout, е тоа да побарате и помош од стручно лице и заедно со неговата/нејзината поддршка да го индетификувате и дефинирате проблемот и притоа да креирате индивидуален план за себегрижа. Ваквиот план за себегрижа може да ви даде понатамошни насоки за тоа што може да направите со цел да си помогне на себеси.
Вања Мицевска