Состојба на емоционална, ментална и често физичка исцрпеност предизвикана од хроничен, односно продолжен или повторен стрес. Вака се дефинира синдромот на „прегорување“ познат како burnout. Ваквиот синдром се поврзува со стресот во деловниот живот, но несомнено може да се одрази и на приватен план кај една личност.
Прекумерната работа не секогаш значи поголема продуктивност и тука несомнено голема улога игра грижата за себе. Како да го препознаеме синдромот на „прегореност“ и што тој ни покажува за карактерот на личноста зборуваме со Александра Петровска, лиценциран психолог, семеен и системски психотерапевт под супервизија, советник во Советувалиштето за помош и поддршка на жени „И сега што“, како и автор на онлајн катчето посветено на грижата за себе и менталното здравје „НАРАТИВА“.
Како да го препознаеме синдромот на „прегореност“, како се манифестира и дали може да се одрази и врз физичкото здравје?
-На почеток да напоменеме дека до состојбата на прегореност и исцрпеност не се стигнува преку ноќ. До неа се стигнува постепено, полека, бавно, што всушност го отежнува и нејзиното препознавање. Но, за среќа нашиот ум и тело ни даваат знаци на предупредување и ако умееме да ги препознаеме ќе можеме да ја препознаеме и ваквата состојба пред да биде предоцна.
Дел од предупредувачките знаци се нарушени когнитивни способности (заборавеност, расеаност, намален фокус и концентрација), промени во расположението и однесувањето (замор, беспомошност, исцрпеност, губење на интерес за работите што ги сакаме, намалено расположение, негативниот став и размислување, критицизам, песимизам, изолираност, напнатост, нездрава исхрана, променет апетит, неорганизираност, хаотично однесување, конфликтни меѓучовечки односи, зголемена вознемиреност), како и физички манифестации на стрес (главоболка, стомачни тегоби, отежнато дишење, вртоглавица и губење на свеста).
Начинот на кој се пројавуваат овие знаци, односно сиптоми е уникатен за секоја личност. Секако, постои голема поврзаност помеѓу психолошките и физичките симптоми, односно дека тоа што се случува на психолошко ниво, може да се одрази и врз физичкото здравје. Затоа, важно е да не се игнорираат овие знаци и симптоми, туку да се препознаат кога телото ни покажува дека нешто не е во ред. Доколку ги препознаете кај себеси, важно е прво да се консултирате со лекар за да одредите кои фактори навистина ја предизвикуваат вашата состојба. Ако причинителот е стресот, тогаш ваша должност е да побарате помош и поддршка и да си го дадете тоа што му е потребно на вашиот ум и тело и да започнете редовна грижа за себе.
Овој синдром вообичаено се поврзува со деловниот живот, но може ли да влијае и врз приватниот живот на една „прегорена“ личност? Дали се одразува и врз релациите со семејството или пријателите?
-Иако најчесто се јавува како состојба предизвикана од проблеми и стрес поврзани со работата, сепак тоа што се случува во деловниот живот на една личност може да се одрази и врз нејзиниот приватен живот. На пример, многу често се случува личноста која е во една ваква состојба да се изолира од средината. Тоа може особено да влијае на односите со другите, квалитетот на врските, како и негативно да се одрази на социјалниот живот на личноста.
Кога луѓето се под стрес, се случува да се повлечат, да бидат расеани, а тоа им оневозможува да бидат поврзани, да градат односи, близина со другите околу себе. Имаат и помалку време за слободни активности, што доведува до отуѓување од партнерот, децата, семејството, пријателите. Стресот може да ги нагласи и некои помалку добри особини на луѓето, што може да ги наведе и нивните блиски луѓе да се повлечат, бидејќи кој сака да биде покрај некого во чие присуство се чувствуваш непријатно поради неговото/нејзиното лошо однесување? Со текот на времето, врските може да станат поповршни (личноста сѐ помалку да биде присутна и вклучена во животот на другите), да стане уште поповлечена, доживувајќи повеќе конфликти, вознемиреност и отуѓеност во врските со другите.
Исто така луѓето кои искусуваат една ваква состојба често пати се случува да бидат помалку трпеливи и толерантни на туѓото однесување и грешки. Тие се пораздразливи, понекогаш и непријателски настроени, што ја зголемува веројатноста за појава на конфликт во односите со другите. Кога влегуваат во конфликт, стресот може да ги направи помалку способни да слушаат или да покажат интерес и емпатија. Стресот ја намалува и способноста на личноста конструктивно да се справи со проблемот.
Затоа, можеме да заклучиме дека стресот што личноста го доживува надвор од приватниот живот може да се „прелее“, односно да се одрази и во приватните области од нејзиниот живот.
Има ли реалација меѓу burnout-от и карактерот на личноста и животниот стил? Дали овој синдром е почест кај луѓе со ниска самодоверба, луѓе кои немаат јасно поставени граници, кои не знаат да го изменаџираат времето и така натаму?
-Истражувањата покажуваат дека ваквата состојба често пати не е предизвикана само од стресната работа или имањето премногу обврски. Постојат и други фактори што придонесуваат да се дојде до состојба на исцрпеност, како што се животниот стил, занемарувањето на грижата за себе и некои особини на личноста. Всушност, тоа што личноста го прави во меѓувреме и начинот на којшто се доживува себеси и начинот на којшто ги гледа нештата околу себе и светот може да игра исто толку голема улога како и работата во предизвикувањето на хроничниот стрес. Па така, можеме да кажеме дека под поголем ризик за burnout се луѓето кои имаат тенденција да работат прекумерно, кои се високо амбициозни, со перефекционистички тенденции, луѓе кои имаат недостаток на блиски, односно поддржувачки односи, преземаат премногу обврски без да побараат помош од другите, имаат песимистички поглед на себе и светот, како и силна потреба да имаат контрола и тешко делегираат обврски на другите.
Исто така луѓето кои имаат потешкотија да постават граници или немаат поставени здрави граници, имаат тешкотија да кажат „не“, имаат тенденција да им угодуваат на другите, несигурни се и така натаму. Сепак, без разлика на овие ризик фактори кои можеби се „плодна почва“ за синдромот на согорување, доколку личноста навремено ги препознае предупредувачките знации и превземе одредени активности со цел да направи значајни промени во однос на грижата за себеси, може да превенира дополнително влошување на состојбата.